На Тоше не му е место на стадион


Сашко Ѓ. Димовски

Познати сме по несреќни избори за постхумно оддавање чест на заслужни граѓани со нивно именување на јавни објекти. Ликот и делото, по некое непишано правило или логика, треба да има релација со функцијата на установата или нејзината намена. Но, малку се води сметка за тоа од разноразни „свиркачи“ и кумови. И претходната и актуелната Влада избрзуваат со донесување на такви одлуки што често се несоодветни и без консултации со јавноста.

Последен е примерот со националната фудбалска арена. Ниту на „Филип Втори“ му беше место таму ниту, пак, на Тоше Проески, па веста од 129. седница на групниот министерски состанок на „Илинденска“ во моментот на објавување наиде на критики на социјалните мрежи. Примена е со негодување и сфатена е популистички во време на кампања за додворување на гласачкото тело. Истото се однесуваше и при антиквизација на стадионот што за најголем дел ќе остане Градски, или на една од десетиците спортски сали на Агенцијата за млади и спорт што егзистира како „Архиепископ Доситеј“, што исто така нема допирни точки со спортот. Или можеби грешиме и не знаеме, а тој што дал таков предлог можеби имал во предвид дека свештеното лице било на праг да исполни олимписка норма.

Не дека некој има против Тоше Проески чиј живот згасна прерано. Апсолутно не. Скраја да е. Тоше Проески требаше да добие објект што ќе носи негово име, но не стадион. Македонија моментно е без концертна сала како што доликува на секој главен град и земја. Реконструкција на Универзалната сала, која е под клуч, или нејзино уривање и градење од темел ќе беше одлична прилика за насловување по македонската музичка икона.

Вака, Скопје и Македонија го добија првиот национален стадион во светот што е именуван по пејач. Фудбалските храмови ширум планетата се нарекуваат по разни критериуми. Некои се именувани во чест на личности кои оставиле белег (пример Јохан Кројф во Амстердам, Сантијаго Бернабеу и поранешниот Висенте Калдерон во Мадрид, Ернст Хапел во Виена, итн.), некои се дадени под концесија и се „крстени“ по спонзори (на пр. „Тојота арена“ во Токио, „Алијанц арена“ во Минхен, „Емирати“ во Лондон, „Турк Телеком арена“ во Истанбул, итн.), кај некои, пак, е неутрално („Вембли“, Олимписки, одразува светлина како „Луж“ во Лисабон и во Сандерленд, итн.), а има примери и со значајни датуми од минатото на градот или државата или локации на кои се наоѓа стадионот (на пр. „Максимир“ во Загреб). На место е иницијативата на битолчани за преименување на стадионот „Под Тумбе кафе“ во „Петар Милошевски“. Исто така на место е примерот со преименување на спортската сала „Младост“ во Битола во „Боро Чурлески“.

Но, не држи образложението дека македонскиот славеј, како што честопати е нарекуван Проески за неговиот прекрасен глас, го полнел стадионот на концерти. Точно е дека го наполнил, но капацитетот на трибините го полнеле и лица во копачки, во дресови од 1947 година кога е подигнат. И Елтон Џон бил магнет за публиката, па ниту стадион, ниту сала, ниту дискотека добил во Велика Британија.

„Ако е така, тогаш Собранието нека го именуваат по пратеникот Крсто Мукоски бидејќи го наполни на 27 април“, гласеше само една од досетливите реакции на социјалните мрежи по одлуката за стадионот. Друга, пак, велеше „Граничен премин Никола Груевски“, алудирајќи на местото преку кое поранешниот премиер ја напушти државата на пат кон Будимпешта.

На крајот на краиштата ако нема толку истакнат спортист за постхумно именување на објектот, можеше да се оди на неутрално решение и на гласање во Влада да се стави „8 септември,“ на пример, како потсетник на Денот на независноста. Кај нас, сепак, се е можно, особено кога власта ќе се занесе при сиот државен апарат во рака. Поведени од краткорочна визија и желба за инстант ефект се прават грешки во чекори. Што е наредно во намерата за манифестирање инает и терање по свое? Националната филхармонија или зградата на операта и балетот да се именува по Кирил Симоновски-Џина или Благој Истатов.