На Надал му пукнало ребро во финалето на Индијан Велс – ќе го нема шест недели


 

Се чини дека феноменалниот шпански тенисер дефинитивно ќе го пропушти турнирот од АТП Мастерс серијата во Монте Карло, како и турнирот во Барселона.

Надал се повреди во финалето на турнирот во Индијан Велс по што лекарскиот преглед констатира пукнато ребро. Се очекува тој да биде надвор од терените четири до шест недели.

„Ова не е добра вест, не го очекував ова. Отсекогаш сум бил борбен и покажував победнички дух. Ќе бидам трпелив и ќе работам напорно за да се опоравам. Им благодарам на сите уште еднаш за поддршката“, изјави Надал.

Одличниот Шпанец оваа година е на сооднос 20-1 победи-порази, освојувајќи титули во Мелбурн, Австралија Опен и Акапулко и играше во финалето на Индијан Велс. Неговото враќање, се верува, би можело да се случи на крајот на април во Мадрид.

Првпат по 2004 година Рафаел Надал нема да учествува на Мастерсот во Монте Карло ниту на турнирот во Барселона. Надал го освои Мастерсот во Монте Карло рекордни 11 пати, а Барселона Опен рекордни 12 пати.