На кој Макрон да му верува Македонија?


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Ќе биде поразително ако Македонија се разбуди уште еднаш со сознанието дека Берлин и Париз ѝ помагале на Софија да добие тоа што сака од нас, уверувајќи нѐ дека всушност работат на договор кој ни ја отвора нам вратата за Унијата

 

Средбата на премиерот Зоран Заев со францускиот претседател Емануел Макрон многумина ја доживеаја како историска најмногу поради фактот дека има малку средби во Елисејската палата со македонски лидери. Дали така ќе ја доживеат и во иднина, е друго прашање, бидејќи не се знае дали ќе биде „историска“ и пораката. 

Според некои, Макрон се покаја за ветото за Македонија во Европската унија, кое ја држи веќе три години замрзната евроинтеграцијата и тоа станува политичка хипотека за него и обврска да ни помогне околу ситуацијата. За некој што толку многу ги менува ставовите како Макрон тоа не би било нереално објаснување, но по искуството откако го потпишавме Преспанскиот договор, најдобро е поддршката од францускиот лидер да се зема со резерва. Дилемата по вчерашната посета е – на кој Макрон да му веруваме, на тој што ни стави вето во ЕУ и рече дека членството не треба да биде единствена опција или на Макрон од вчера, кој рече дека Македонија заслужува да почне преговори без одлагање, дека одлуката за тоа е донесена и треба да се материјализира?

Изјавата на Макрон вчера реално беше поразлична од тие што навикнавме да ги слушаме изминатите години. Тој потсети на важната улога што ја имаше Франција за да се најде мировно решение на кризата во 2001 година, нешто што не му значеше ништо претходно кога го урна целиот мировен имиџ на неговата држава во  Македонија. Тој оцени исто така дека со Рамковниот договор сме станале пример за соживот, а наголемо го фалеше потоа Преспанскиот договор, оквалификувајќи го како историски и како инспиративен модел за регионот. Последен пат за важноста на договорот со Грција за спорот за името тој зборуваше на видеото пред референдумот, а фактот дека го заборави веднаш откако го потврдивме, нѐ тера да се запрашаме –  дали овие изјави во прилог на Македонија всушност се тапкања по рамо за да ѝ го решиме спорот и на Бугарија со историјата?

Бидејќи тешко е да се поверува дека главниот скептик за преговорите на Македонија со ЕУ, кој инсистираше таа да влезе во пакет со Албанија за која, пак, не сакаше да даде воопшто позитивна оценка, сега стана толкав поддржувач на нашата евроинтеграција што ќе ги заборави многу подобрите врски на Париз со Софија. Затоа нашата дипломатија треба да биде внимателна кога ќе добие вакво силно внимание од најсилните играчи во Унијата, бидејќи колку и да е жално тоа да се признае, не секогаш тоа што го прават, го прават заради причините што ги кажуваат на средбите со нив. Ќе биде поразително ако Македонија се разбуди уште еднаш со сознанието дека Берлин и Париз ѝ помагале на Софија да добие тоа што сака од нас, уверувајќи нѐ дека всушност работат на договор кој ни ја отвора нам вратата за Унијата, бидејќи тој рефрен го слушавме по Охридскиот и по Преспанскиот договор, а сѐ уште сме надвор од преговорите со ЕУ со одлуки кои практично ништо не значат.

Овојпат Македонија треба да се држи до својата црвена линија, макар и да се случи Макрон секоја вечер да го кани нашиот премиер во Елисејската палата. И да ангажира светски експерти да го погледаат предлогот од Португалија, бидејќи нашата дипломатија покажа досега дека нема капацитет да поентира по вакви спорови и дека не успеа да ја материјализира ни Хашката пресуда, ни Преспанскиот документ, туку напротив седнува да преговара за истите прашања. Ни сјајот на Елисејската палата, ни моќта што зрачи од резиденцијата на германската канцеларка не треба да ни ја поматат реалната слика дека Бугарија е земја членка,  дека Португалија еднаш ни ја напиша Лисабонската декларација, дека многумина во ветото на Софија гледаа одработување за официјален Париз, а Екатерина Захариева јавно се фалеше дека сме си го губеле времето во Берлин барајќи поддршка.