Муцунски разговарал за земјоделство во Брисел или за блокираните средства од ИПАРД?


 

Во рамките на својата официјална посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, оствариле, како што тврдат, значајни средби посветени на иднината на земјоделството и руралниот развој во државата. На средбата со Елизабет Вернер, генерална директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, разговарале за тековната соработка и реформите во агросекторот, имплементацијата на ИПАРД III програмата и зајакнувањето на институционалните и административните капацитети на државата. Муцунски потенцирал дека Владата останува цврсто ангажирана на овие области, со цел побрзо усогласување со европските стандарди.

Она што не се кажува во соопштението е зошто министерот Трипуновски е навистина во Брисел и дали причината за тоа се блокираните сретства од програмата ИПАРД, поради утврдените злоупотреби при нивното користење. Според неофицијални информации, двајцата министри се во Брисел за да ги одблокираат замрзнатите сретства што побргу, а веројатно тоа беше причина и за престојот на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Брисел со делегацијата, каде што исто така имаше скандал.

Конкретно за ИПАРД, министрите барале да се забрза разгледувањето на извештајот што македонската влада го доставила до Европската комисија  околу корупцискиот скандал поради кој се  суспендираше помошта од ИПАРД 3 во висина од 128 милиони евра. Намерата била да се стави извештајот од Македонија на брза лента и да се донесе заклучок. Притоа се тврдело дека корупцискиот скандал во Агенцијата за платежна картичка е изолиран случај, а не нефункционалност на системот, што го аргументирале со брза реакција на институциите на откриениот коруптивен скандал. Од ЕК не биле дадени конкретни рокови до кога би завршил процесот на евалуација на извештајот, но изразиле волја процесот да се забрза.

По се изгледа тоа зависи од судскиот процес за ИПАРД сретствата за кој утре е најавена главна расправа. 

Застојот во исплатата на средствата предизвика сериозни турбуленции, не само за примарното земјоделство, каде договорите се веќе потпишани, а средствата не се исплатени, туку и за преработувачката индустрија и планираните мали бизниси во руралните средини. Блокираните средства се дел од 128 милиони евра од целата седумгодишна програма.

Дипломатските активности на Муцунски во Брисел вчера продолжиле со  средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, каде што се дискутирале текот на пристапниот процес, реформската агенда на државата и напредокот во спроведувањето на Планот за раст.

Министерот исто така одржал брифинг пред земјите членки на Работната група за проширување при Советот на Европската Унија (КОЕЛА), истакнувајќи ја посветеноста на Владата на европскиот пат и нагласувајќи дека приоритет е испорачувањето конкретни реформски резултати кои ќе го подобрат животот на граѓаните.

Денот бил заокружен со средба на Муцунски со Роксана Минзату, извршна потпретседателка на Европската комисија за социјални права, квалитетни работни места и подготвеност, каде што биле разменети мислења за можностите за натамошно унапредување на социјалната и економската рамка во согласност со европските стандарди.