Муцунски: Паметните држави не гледаат само во една насока
Министерот за надворешни работи вели дека државата мора да знае каде ќе биде наредните пет и повеќе години и дека не смее да служи на туѓи агенди
Достоинство, резултати и визија – вака шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, кој за првпат ја брифираше Комисијата за надворешна политика, ја опиша својата работа откако е на функцијата и еден ден откако порача со соопштение – дека му олеснало што „претседателот Доналд Трамп, првата дама и останатите се безбедни“ по нападот во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон.
Со концизни убаво напишани пораки тој ги „нацрта“ темелите на тоа што го прави во име на Македонија, низ светот и дома. Па, така, порача дека нашата надворешна и безбедносна политика е целосно усогласена со таа на Европската унија, иако во неколку прилики гласавме обратно, дека се преговара и натаму за стратешки договори со повеќе земји и дека наскоро, покрај со Обединетото Кралство и со Унгарија ќе потпишеме и со Хрватска Дека вториот стратешки дијалог со САД бил значаен политички момент за нас бидејќи сме прва земја од Европа што го направи тоа и договори соработка во повеќе областин и дека сме го достигнале прагот од 2 отсто за одбраната за НАТО – не зошто некој ни наредил, туку затоа што одбраната има цена, а неодбраната уште повисока.
За односите со Бугарија тој рече дека не бегаме од отворени прашања, но одбиваме да бидеме заробеници на реторика која не им носи ништо добро на граѓаните, дека односите со Софија се предизвикувачки, но нашиот пристап останува конструктивен и принципиелен , односно дека евроинтеграцијата треба да се темели на критериуми, а не на билатерализација на процесот.
Укинувањето на пост-мониторингот од Советот на Е’вроопа тој го виде како потврда дека државата напредува меѓу другото и во однос на човековите права, а фокусот на економската дипломатија го нарече пресвртен, најавувајќи дека се подготвува современа правна рамка за странските инвестиции за кои рече дека се добредојдени, но националниот интерес мора да биде заштитен, со парола: Отвореност „да“, наивност „не“.
Тој нагласи дека државата мора да знае каде ќе биде наредните пет и повеќе години и дека не смее да служи на туѓи агенди, порачувајќи дека сме земја која ги почитува своите обврски, но знае да ги брани своите интереси, со генерален став потоа – дека паметните држави ги диверзифицираат партнерствата и не гледаат само во една насока.
Запрашан од пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, дали е точно дека во моментов преговараат за стратешки договор со земја членка на НАТО, но не и на ЕУ, за да обезбедат две милијарди евра, така како што беше направено тоа со Обединетото Кралство и со Унгарија, Муцунски потврди дека се преговара со повеќе земји без да каже точно за што, дека се внимава тоа да биде усогласено со нашите гледишта и дека некои детали сѐ уште не може да објави.
Околу „бомбата“ од известувачот во ЕП, Томас Вајц, дека Владата ниту има напредок ниту прави реформи и дека нема политичка волја да смени нешто сериозно во правосудството, владеењето со правото и борбата против корупцијата, Муцунски се повика на претходниот евалуациски извештај на ЕК, нагласувајќи дека не сака да навлегува во полемика со Вајц, туку се води од тоа што го оценила Комисијата, а таа забележала сериозен напредок во многу области.
Во тој контекст тој беше запрашан и дали земјата сега е поблиску до ЕУ или беше поблиску на денот кога ја презеде функцијата, на што одговори одоколу – дека процесот на проширување е усогласување со стандардите на ЕУ и, иако немаме почнато преговори, имаме алатка (Реформската агенда) која ќе го олесни процесот.
„За мене е ноторен факт дека државата е поблиску до ЕУ, како што е ноторен факт и тоа дека имаме отворено прашање со Бугарија и немаме преговори“, оцени Муиунски, карикирајќи ги квалификативите најблиску и најдалеку од ЕУ, бидејќи сме биле најблиску пред спорот со Софија, а сега сме најдалеку во процесот.
Тој нагласи дека во изминатиот период се водел интензивен политички дијалог со институциите на ЕУ и со земјите членки за да се објасни нашата позиција, да се афирмира реформската агенда и да се побара фер, предвидлив и меритократски пристап кон нашето пристапување.
„Нашата порака е принципиелна: сакаме да напредуваме врз основа на резултати, а не врз основа на политички условувања кои се менуваат од година на година. Сакаме европски критериуми, правила и предвидливост. Тоа не е барање за попуст. Тоа е барање за правда“, рече Муцунски.
Муцунски, исто така, истакна дека надворешната политика мора да биде прашање на национален консензус, бидејќи малите држави не можат да си дозволат внатрешни поделби кога настапуваат на меѓународната сцена. Според него, дипломатската активност денес е насочена кон создавање економски ефекти и отворање нови можности за домашните компании. на енергетика, безбедност и инвестиции.
Тој истакна дека македонската дипломатија мора да се темели на заедништво кога се во прашање националните интереси, бидејќи внатрешните поделби ја слабеат позицијата на државата на меѓународната сцена. Според Муцунски, малите држави како Македонија немаат простор за внатрешен „хаос“ во моментите кога нивните ставови се слушаат во големите светски центри и кај соседите. Тој нагласи дека целта е изградба на држава која самата го одредува својот правец и не чека другите да ја дефинираат нејзината иднина.
„Кога нè слушаат во Брисел, во Вашингтон, во Атина или Софија, мораме да говориме со еден глас за најважните прашања. Не за сите. Но, за оние оние што ја определуваат судбината на државата немаме луксуз за конфликт“, нагласи Муцунски.
Сумирајќи ја надворешната политика во изминатите две години, тој ги кажа трите збора, достоинство, резултати и визија.
„Достоинство – затоа што националниот интерес не се брани со агресивна реторика, туку со јасни позиции, силни аргументи и институционална сериозност. Резултати – затоа што граѓаните со право очекуваат надворешната политика да носи видлива корист: инвестиции, безбедност, работни места, полесно патување и поголем углед во светот. Визија – затоа што државата мора да знае каде сака да биде за пет, десет и дваесет години. Не смееме само да реагираме на туѓи агенди. Мора да имаме сопствена“, истакна Муцунски пред пратениците.

Тој ја спомена и дипломатско-конзуларната мрежа, нагласувајќи дека со Законот за надворешните работи најмалку 50 отсто од шефовите на мисии треба да бидат професионални дипломати, а тој настојува да бидат и повеќе. Притоа спомена дека од министерувањето на Антонио Милошоски не им биле зголемени платите на дипломатите и тој го направил тоа.
Халил Снопче од Алијансата за Албанците на тоа реагираше со зборовите дека „не случајно е дипломат и што им дава дипломатски одговори“, во смисла дека ги заобиколува прашањата. Тој конкретно праша колку пратеници во Собранието имаат бугарски пасоши и како ги коментира оценките на Томас Вајц, при што Муцунски на првото прашање воопшто не одговори, фокусирајќи се на амбасадорите за кои одамна важи дека не можат да имаат двојно државјанство.
„Значи амбасадорите не можат, а министрите можат“ заклучи Снопче, а го дополни Димитар Ковачевски од СДСМ кој му порача дека – дали има напредок или не брзо ќе се види од тоа дали 47-те милиони евра за Реформската агенда ќе дојдат наскоро или ќе отидат кај некој друг“. Според него, колку и да чита убави извештаи, парите ќе кажат дали имало напредок или не. На тоа Муцунски реплицираше дека во моментов само три од шест земји од Западен Балкан (Албанија, Македонија и Црна Гора) го користат потенцијалот од Планот за раст и Реформската агенда и дека цел на Владата е да бидеме лидер во наредниот период, уверувајќи ги пратениците дека се прават цврсти исчекори во Реформската агенда.
„Имавте добро напишано експозе, но на државата не ѝ требаат поезија и добри реферати, туку храброст и дејствување, а тоа нема кај Владата“, заклучи Снопче.
Муцунски сепак тоа го сфати како комплимент, нагласувајќи дека истата таа поента – за моментум, за отворен прозорец за можности, за шанса – ја слушаме 30 години, а се соочуваме со двојни критериуми и стоиме во преговорите.
„Јас како министер во овој момент не сум убеден дека доколку ги направиме уставните измени многу брзо нема да имаме некоја друга билатерална пречка на нашиот пат кон ЕУ. Независно од националноста сите сакаме предвидливост“, порача Муцунски на крајот.