Може ли враќањето на Борисов да го врати спорот со Македонија?

Во европските кругови се смета дека Борисов е среќен што неговиот евентуален нов мандат нема да биде пак оптоварен со ветото за Македонија, а ќе ја нема ни Захариева


Бојко Борисов победи, но дали може да најде партнери за составување влада

 

Оживувањето на ГЕРБ на политиката сцена по вчерашните избори во Бугарија отвора дилема околу иднината на компромисот со кој  нашата држава треба да ги почне преговорите со Европската унија. Со оглед на тоа дека Бојко Борисов беше креаторот на кризата со Македонија и тој што ни го стави ветото во ЕУ, прашањето сега е дали неговиот евентуален камбек на премиерската функција ќе го врати процесот назад и дали можеби повторно ќе ја видиме озлогласената Екатерина Захариева во функцијата која ѝ служеше само за да лечи комплекси со Македонија?

Изборите вчера покажаа дека беа во право бугарските аналитичари кои владата на Кирил Петков ја оценуваа како „политички проект“ со ограничена цел – да реши некои од отворените прашања на земјата со кои не сака да се зафати никој друг – и со ограничен век на траење. Иако сѐ уште има теоретска надеж партијата на Петков да се најде во редот на тие што може да прават влада или, пак, изборите да се повторат, резултатите покажаа дека таа нема сила ниту покажала капацитет да ги смени политичките трендови во Бугарија во која граѓаните силно бараат промена, а избраа статус-кво, вклучувајќи го и гласањето за препакувани националистички партии кои со нови имиња се залагаат за истите агенди од минатото.

Иако екс-премиерот Зоран Заев избрза да му ја честита победата на неговиот „добар пријател“ Бојко Борисов, можно е Борисов на крајот и да направи влада, но да не е премиер, или да мора да направи влада со националистичката Преродба, и да се повтори сценариото од претходниот мандат кога заради власта стана „непријател“ на Македонија. Според Заев, добро е  за Македонија Бугарија да добие стабилна влада, што во принцип е така, но откако го кренавме ветото и додека работиме на создавање терен за уставни промени, многу подобро за нас е Бугарија да остане обезвластена, т.е. политички слаба и да нема време и капацитет да ни прави нови проблеми во евроинтеграцијата додека не ги почнеме преговорите со Унијата.

Фактот, пак, дека за време на политичката кампања Македонија многу малку беше користена како тема и речиси исчезна од политичките говори во земјата, покажува дека на политичките актери таму им е јасно дека отсега натаму тешко можат да манипулираат со ова прашање бидејќи го потрошија прагот на трпеливоста во Брисел, а и го помагаат рејтингот на националистите кои добија многу гласови на изборите и никој не може да гарантира дека еден ден нема да им излезат од контрола на водечките партии, кои сега ги користат само за да направат коалиции.

Извори од ЕУ посочуваат дека токму ваквата политика неизвесност во Бугарија влијаела на настојувањата да се најде решение за блокадата на Македонија за време на француското претседателство. Оценката била дека е подобро да се најде решение отколу Македонија да чека да се стабилизира политичката сцена кај источниот сосед и потоа да се обиде со некоја друга гарнитура да бара компромис за спорот. Според овие извори, Борисов кој бил контактиран додека се договараше компромисот со Македонија (и кој активно притискаше францускиот предлог да се стави на гласање во бугарскиот парламент) бил среќен што при евентуален нов мандат нема да биде повторно оптоварен со ова прашање. Слично како што и Петков на почетокот се обиде да го сведе на разговори на повеќе теми надвор од историјата и спорот за јазикот и идентитетот, а на крајот, кога се соочи со можноста од паѓање на владата, го развлекуваше ставањето на компромисот за Македонија на гласање во парламентот.

ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА Е ЗАШТИТА

Според уверувањата од европски извори, Македонија со прифаќањето на преговарачката рамка на Европската унија е во голема мерка заштитена од политички изненадувања од Бугарија, иако никој не може да гарантира дека во некоја иднина таму нема да дојде на власт некоја националистичка влада која нема да сака да го почитува тоа што е потпишано од Софија, како што не може да се гарантира дека истото тоа нема да се случи ни во Македонија.

Уште повеќе, оценката во ЕУ е дека процесот на проширувањето сега е толку тежок заради проблемите со кои се соочуваат во Брисел по приемот на Бугарија и Романија и дека тоа е причината што двете земји сѐ уште не се дел од Шенген зоната и прашање е кога ќе бидат. И без оглед што кај нас се верува дека земјите членки на ЕУ биле уценети од Бугарија и дека им дале тоа што сакаат, во ЕУ веруваат дека успеале да ги одблокираат преговорите со Македонија со избалансиран и јасен договор, а ако Бугарија се обиде да креира нови проблеми, дека ќе се соочи со огромен притисок.

За европските дипломати прашањето за македонскиот јазик во ЕУ е завршена работа, за него нема фуснота, прашалник или друга ограда, додека бугарската унилатерална декларација е само учтив начин да се забележи во документите на Унијата дека нејзината позиција за ова прашање се одбива. Дека тој ќе биде официјален јазик во Унијата кога Македонија ќе стане земја членка, бидејќи во крајниот договор за прием не се дефинира официјалниот јазик на земјата – туку само стои дека се потпишува документот на македонски јазик. Со ограда дека, иако билатералниот Протокол, за кој се крена најмногу врева во нашата држава, не го договарала ЕУ туку Македонија, сепак тој бил проверуван детално за да се види што од неговата содржина е во согласност со европските барања за преговори за членство и со Копенхашките критеруми. Па, така се оценува дека сѐ што е поврзано со Историската комисија не е копенхашки критерум, а со тоа не е ниту услов за ЕУ, поради што Европската комисија има специјална задача да ја набљудува нејзината работа, за да не се случи Софија да го искористи овој процес како изговор во иднина пак да ја блокира нашата држава.

Бугарија, според европски оценки, отсега натаму може да стави вето само ако не се исполни барањето Бугарите да се набројат со останатите малцинства во Уставот на Македонија. Ако немаше компромис, оценката е дека ќе немаше прогрес за долго време околу Македонија поради политичката ситуација во Бугарија, а Албанија веќе ќе ги почнеше преговорите за членство со Унијата, што беше непосакувано сценарио. Во дипломатски кругови исто така се оценува како „теоретска“ идејата дека билатералните прашања не се дел од преговорите за членство, бидејќи тие се веќе дел од преговорите меѓу Србија и Унијата, односно дека нема „кинески зид“ меѓу билатералните и европските прашања, така што тие мора да се решат пред приемот во Унијата за да не креираат проблеми внатре.

КАДЕ ЌЕ БЕШЕ СЕГА МАКЕДОНИЈА

Кратко кажано, иако во ЕУ со големо внимание го следат политичкото преструктуирање во Бугарија, генерално се смета дека отсега натаму на ниту една бугарска влада нема да ѝ биде така лесно да ја блокира Македонија во преговорите со ЕУ, како што го правеше тоа досега. На ист начин се гледа и на барањето за референдум и за повлекувањето на потписот на францускиот предлог во  Македонија, бидејќи ова било единственото решение на масата за кое можело да се постигне компромис, а со кое според овие проценки Македонија добила повеќе од тоа што мисли јавноста во моментов. Уште повеќе што внесувањето на Бугарите во Уставот не се смета за таква драматична отстапка од страна на Македонија бидејќи е на линија на Уставот, а ѝ дава изговор на Софија да тврди дека победила во спорот, со прашање – дали некој очекуваше дека Бугарија кога и да е ќе бара да се признае малцинство во Македонија?  По вчерашните избори, за европските дипломати дилема е само каде ќе беше сега Македонија да немаше решение на спорот, па и идната година, идните три… со јасна илузија дека нејзината иднина ќе беше многу позависна од политичката ситуација во соседната држава.

Резимирано кажано, и да дојде повторно Борисов во премиерската функција по победата на изборите вчера, нам нема да ни се повторат нови Захариеви, бидејќи и таа што го искомплицира спорот со Македонија, ја заврши политичката кариера по експлицитно барање на европска влада.