Договорот меѓу Белград и Приштина ќе го донесе американскиот капитал во регионот


Каква е улогата на Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (ДФЦ) која што ќе отвори канцеларија во Белград. Македонија преку ОПИК – Корпорацијата за приватни инвестиции во странство (претходникот на ДФЦ) има добиено над 15 милиони евра за девет проекти 

 

Мирче Јовановски

Договорот за подобрување на економските односи меѓу Белград и Приштина е всушност повеќе од тоа, рекоа членовите на српската делегација по првото обраќање до јавноста.

Навистина, договорот предвидува неколку крупни инфраструктурни проекти, како и отворање канцеларија на Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (US International Development Finance Corporation -DFC) во Белград, која ќе биде единствена во регионот, што од српската страна беше протолкувано дека ќе се овозможи економски аранжман со учество на оваа институција. Сето ова, според нив, ќе има големо значење за земјата, но и пошироко за регионот.

Но, што предвидува документот кој одделно го потпишаа со американскиот претседател Доналд Трамп, Александар Вучиќ, претседателот на Србија и косовскиот премиер Авдулах Хоти?

Ова се најважните точки на договорот: проширување на „мини Шенген“ (во кој, покрај иницијаторите – Србија, Албанија и Македонија сега се приклучува и Косово, а во Белград се надеваат дека тоа ќе го сторат и Црна Гора и БиХ); завршување на изградбата на автопатот од Ниш до Приштина од 1,1 милијарда евра; железничка пруга Приштина-Централна Србија, 1 милијарда евра; гарантни шеми за МСП…

Станува збор за проекти кои имаат пошироко регионално значење, бидејќи „мини Шенгенот“ всушност значи помалку чекање на границите за камионите и намалување на трошоците, но и признавање на сертификатите. Големите инфраструктурни проекти што се набележани во договорот исто така значат поврзување, но и побрз проток на производи и луѓе, како и голем импулс за економскиот раст (автопатот до Ниш до Приштина, како и железницата со која Србија добива уште директна врска до Јадранското Море, до пристаништето Драч).

Аналитичарите велат дека ова се добри вести за целиот регион, но од друга страна, оние повоздржаните укажуваат дека целосните ефекти допрва ќе треба да се видат. Особено откако ќе се види како на него ќе реагира ЕУ, која е најголемиот трговски партнер на Србија, но и Кина со чија поддршка Србија ја гради брзатата пруга од Белград до Будимпешта (особено ако се има предвид дека една од точките во вашингтонскиот договор ја обврзува Србија да не купува опрема за 5Г од недоверливи снадувачи). Покрај тоа, кинески компании имаат инвестирано во смедеревската железара, а се присуни и во други компании…

Официјален Белград посебно го нагласува отворањето на канцеларијата на Американската агенција за развој што се очекува да биде сигнал за инвеститорите, како и дека агенцијата ќе биде гарант за реализирање на големите инфраструктурни проекти.

„Имаме договор кој ни дава можност целиот регион да напредува економски уште повеќе“, рече министерот за финансии Синиша Мали, кој нагласи дека договорот ќе придонесе за уште побрза интеграција и економски развој на целиот регион.

„Добивме максимум што можевме, особено за прашања што се важни за животниот стандард на граѓаните што живеат во регионот на Западен Балкан“, рече Мали, додавајќи дека американската влада, преку ДФЦ, презела обврска да ги финансира завршувањето на изградбата на автопатот од Ниш до Приштина и завршувањето на изградбата и реконструкцијата на пругата од Ниш до Приштина.

Ваквиот оптимизам беше поттикнат и од изјавата на Извршниот директор на ДФЦ, Адам Белер.

„Меѓународната финансиска корпорација за развој (ДФЦ) активно ќе ја поддржи економската нормализација меѓу Србија и Косово преку американската банка за извоз-увоз (Ексим банка) и корпорацијата ‘Милениумски предизвик’. ДФЦ ќе отвори канцеларија во Белград за поддршка на економскиот напредок“, напиша Белер на Твитер на српски јазик.

Американската меѓународна финансиска корпорација за развој, како што стои на нејзината интернет страница е развојна банка на Америка. ДФЦ соработува со приватниот сектор за финансирање решенија за најкритичните предизвици со кои се соочува светот во развој денес.

„Инвестираме низ сектори, вклучувајќи енергија, здравствена заштита, критична инфраструктура и технологија. ДФЦ исто така обезбедува финансирање за мали бизниси и жени претприемачи со цел да се создадат работни места на пазарите во развој. Инвестициите на ДФЦ се придржуваат до високите стандарди и ги почитуваат животната средина, човековите права и работничките права“, се вели во нивната „лична карта“.

Оваа агенција всушност е наследник на познатата ОПИК (Overseas Private Investment Corporation), Корпорацијата за приватни инвестиции во странство која беше формирана во 1971 година и која минатата година се спои со Development Credit Authority (DCA) и ја формира ДФЦ, со потпис лично на претседателот Трамп.

Како што пишуваа медиумите, ова е всушност американски одговор на кинеската економска експанзија преку „Новиот пат на свилата“.

Со создавањето на оваа агенција САД ќе може да инвестираат до 60 милијарди долари во пазарите во развој за да му се спротивстават на, како што сметаат некои во Вашингтон, искористувањето на долговите од страна на Кина заради покренување „економска војна“, пишуваа медиумите.

„ДФЦ ја прави Америка посилен и поконкурентен лидер на глобалната фаза на развој со поголема способност за партнерство со сојузниците на трансформативни проекти“, се вели на интернет страницата на ДФЦ, додавајќи дека им обезбедуваат на земјите во развој финансиски здрави алтернативи на неодржливи и неодговорни иницијативи насочени од државата.

Инаку, оваа агенција (односно преку договорите од времето на ОПИК) е присутна и во Македонија, каде што според податоците од официјалната интернет страница на ДФЦ, од 2009 до 2016 година биле финансирани девет проекти во вкупен износ од 15,3 милиони американски долари, најмногу како гарантна поддршка за развој на земјоделскиот сектор, како и за финансирање на микропретријатијата.

ДФЦ разви нов систем преку кој оценува дали некој проект ќе биде финансиран – таканаречен IQ систем (Impact Quotient) за мерење на влијанието. IQ системот има три клучни столба: економски раст, инклузија (вклучување) и иновации. Во рамките на секој од нив има голем број потенцијални развојни цели, вклучувајќи создавање работни места, инклузивни синџири на снабдување или нови структури за финансирање што привлекуваат нов капитал.

Специфичен проект може да има повеќе развојни цели во рамките на истиот столб или преку столбовите и може да добие дополнителни поени за некои елементи – ако на пример некоја компанија е поинклузивна за жените или ако финансиската структура помага во градењето на погодно опкружување на земјата. Исто така, може да изгуби поени за проблеми со животната средина или управување, или ако не успее да ги ублажи ризиците.

Ова кажува дека американската агенција обезбедува финансии за издржани проекти и дека парите не ги дава само на збор.

Сепак, во Србија се уверени дека ДФЦ ќе учествува во финансирањето на големите инфраструктурни проекти, а велат дека се обврзала да обезбеди евтини кредити за поддршка на мали и средни претпријатија. Но и дека самото нејзино присуство во Белград ќе биде силен сигнал за американските и инвеститорите од други земји.

Дел од економистите велат дека ова може да биде пресврт во износот на американски инвестиции во Србија и на Балканот, а долгорочно ќе донесе нови работни места и дополнителни приходи во државните буџети.