Може ли да им се верува на брзите тестови за корона вирусот?


Луѓето кои се заразени или имаат контакт со заразени се борат да бидат тестирани, додека лабораториите се обидуваат да ги добијат потребните материјали за да се задоволи побарувачката. Ваквата ситуација важи за целиот свет, а се поактуелна е и во Македонија, бидејќи со бројот на спроведените тестови се врши притисок од опозицијата врз власта и таа се обвинува за лошо справување со епидемијата. Има ли толку тестови колку што се потребни, зошто е толку мал бројот на тестирани и дали, вредат ли брзите тестови на „Аџибадем Систина“ и може ли да се верува на бројките заразени што ги објавува оваа болница, е дебата што кај нас се води на ниво на политички препукувања. Во светот таа се води на медицинско и интелектуално ниво, и од тамошните експертски анализи станува јасно  дека повеќето земји досега се ослонуваа на насоките од СЗО, но ширењето на епидемијата толку ја зголеми потребата од тестирање, што се зголемува бројот на земји кои се прашуваат дали да се справат со ситуацијата употребувајќи брзи, иако непрецизни тестови за корона вирусот.

Во центарот на целиот овој хаос е тестот наречен  Реакција на полимерен ланец или ПЦР, што постои неколку децении. За да го направи, лекарот треба да брцне длабоко во носот или грлото на пациентот и да го испрати  примерокот во лабораторија. Лабораторијата потоа бара мали делови од генетскиот материјал на вирусот. ПЦР-анализата е комплицирана, но сигурна.

„Ако здравствениот систем работи добро, тие тестови треба да бидат добри и да ни помогнат да се справиме со оваа епидемија“, вели Кетрин Клаперих, директор на Лабораторијата за дијагностика на Универзитетот во Бостон. „Фрустрирачки е што тестирањето за кое мислевме дека можеме да се потпреме, не може да се искористи на начинот на кој очекувавме“, вели таа.

ПЦР текстот функционира, но во епидемиска ситуација, дури и ако функционира добро, премногу е бавен. Во идеална ситуација,  лекарите треба да  можат да вршат тестови во канцеларија или до креветот на пациентот. Технологијата за тестирање на тој начин постои, но не е направена голема инвестиција за да може да се употребува за време на ваква вонредна состојба.

„Тестирање на лице место е неопходно за овие ситуации на појава на пандемии. Сè уште не сме доволно напреднати во оваа сфера како научна заедница “, вели Клаперих.

Една недела откако коронавирус беше откриен во САД, германските истражувачи дизајнираа ПЦР-тест што може да го открие вирусот во примерок од пациент. Овој тест стана основа за тестот на Светската здравствена организација (СЗО) што го користат земји низ целиот свет, вклучувајќи ја и Јужна Кореја. Тестовите ПЦР, во теорија, се прилично едноставни за создавање: научниците избираат делови од генот на вирусот и користат серија хемикалии за да го пронајдат тој ген-отпис во примерокот. Ако го пронајдат сноп, тоа значи дека пациентот го има вирусот.

ПВР е злато вредна платформа за тестирање на вируси и е многу чувствителна – може да открие дури и мала количина на вирус во примерок од пациент, и има мала веројатност дека неправилно ќе покаже негативен резултат. Покрај тоа,  добро е позната на сите. Првиот ваков тест беше создаден во осумдесеттите години на минатиот век и оттогаш може ефтино да се направи за која било лабораторија. Прецизен е, но проблем е што е многу бавна целата постапка.

Со недели во САД, тестовите за вирусот се правеа буквално рачно.  Тоа одзема многу време и бара долг технички процес. И покрај тоа што ПРЦ-тестовите се едноставни за создавање, тие се комплицирани за извршување: лабораторискиот техничар треба внимателно да го измеша примерокот од пациентот со мали делови од хемикалии во ситни цевки при што  секоја загаденост може да го уништи тестот. Примероците исто така треба постојано да се зголемуваат на висока топлина и да поминат процес наречен термоциклирање, што се прави на одредена машина. Потребни се неколку часа за да се добијат резултатите.

„Не секоја лабораторија може да направи ПЦР. Потребна е многу чиста лабораторија и тешко е да се спроведат “, вели Клаперих. Според неа, нејзината лабораторија за истражување во Бостон би можела да направи околу 80 тестови на ден, доколку има одобрение. Лабораторијата за вирусологија на Универзитетот во Вашингтон, која има повеќе машини и многу квалификувани лабораториски техничари, може да направи до околу 2.000.

Германскиот тест усвоен и дистрибуиран од СЗО скенираше три специфични вирусни гени. Земјите ширум светот беа во можност да го прифатат и да го разработат тој тест. На пример, Јужна Кореја брзо започна да тестира околу 10,000 луѓе секој ден за вирусот. Досега Јужна Кореја тестираше околу 250.000 луѓе.

На располагање се и машини што можат автоматски да прават ПРЦ  тестови, што исто така го забрзува процесот. Сепак, на компаниите им беа потребни неколку недели да развијат тестови за тие автоматски системи и да ги одобрат. На пример, фармацевтската компанија за дијагностика Рош не доби одобрение за автоматски тест до 13 март.

Експертите велат дека заостанувањето во овој поглед во САД беше збунувачко. Јужна Кореја работи со истата технологија како САД и беше во можност да го забрза тестирањето многу побрзо, пред се бидејќи ги нема регулаторните бариери што ги има во САД. Но, САД  имаат претходно искуство.. „За време на Х1Н1, тој тест излезе брзо и беше дистрибуиран“, вели Клаперих. „Не ми е јасно што тргна наопаку овојпат“.

Иако тестовите за ПЦР сè уште се најсигурен метод за дијагностицирање на вирусна инфекција кај пациент, истражувачите ширум светот исто така ја забрзуваат работата на други видови тестови што можат да се направат побрзо и поблиску до пациентите. Брзите тестови се важни за време на пандемија, – меѓу другото  бидејќи им дозволуваат на лекарите да сфатат кој од нив има вирус што побргу.

„Она што не сакате да ви се случи е да доведете некој со КОВИД-19 во одделение за геријатрија. Сакате да ги раздвоите. Сакате нешто што ќе ви даде резултат за 10 до 20 минути “, вели Клаперих.

Лекарите редовно си вршат тестови за грип во нивните канцеларии и може да добијат резултати за околу 15 минути. Овие типови тестови не бараат гени на грип во примерок од пациенти. Наместо тоа, тие бараат протеини на површината на вирусот. Тие видови на тестови за коронавирусот врз основа на протеини  се во развој, вели Клаперих. „Тие се привлечни затоа што е брз начин за правење на тестот“, вели таа.

Сепак, тие тестови се далеку помалку чувствителни од тестовите врз основа на гени и со поголема веројатност ќе дадат лажни негативни резултати – да се каже дека вирусот не бил во примерок кога всушност бил. Протеините од надворешната страна на вирусите, исто така, се менуваат почесто отколку  нивните гени, така што тестот може да престане да функционира. Тестовите врз основа на гени како ПЦР без конкуренција се  поточни.

Но, ПЦР тешко може да се донесе во кревет на пациентот, затоа што за термоциклирањето што е потребно за да се изврши тестот, треба многу електрична енергија. Сега, десетици компании развиваат тестови за новите коронавируси и се во различни фази на развој. На пример, лекарите од Универзитетот во Калифорнија, велат дека можат да ги добијат резултатите за еден час. Друга компанија развива тест  кој ќе функционира слично на тестот за бременост.

Слични дилеми минатата недела имаше и во Јапонија. Оваа земја досега користеше полимерни тестови ПЦР, за кои и требаа 90 минути до два часа за да се добијат резултати, но бидејќи не сите болници можат да ги прават, со транспортот беа потребни и до шест часа. Многу Јапонци се надеваат дека ситуацијата со тестирањето ќе се подобри со примена на  15-минутните комплети за тестирање на коронавирус кои се достапни од неодамна. Сепак, луѓето кои се чувствуваат болни во Јапонија, прво мора да направат телефонски преглед, пред да добијат дозвола да се упатат кон соодветни амбулантски институции. По физички преглед и дијагностицирање на лице место, тие се тестираат за КOVID-19. Ваквите мерки имаат за цел да им дадат приоритет на посериозните случаи и да се избегне преоптоварување на здравствениот систем со лажни позитивни на корона вирус.

Епидемиолози од САД  исто така сметаат дека ќе треба  да се почне со употреба на брзи тестови  за дијагностицирање, посочувајќи го искуството со епидемијата на ебола  и со ЗИКА. Масовното тестирање, според нив, не може да зависи од специјализирана опрема и релативно мал број опремени лаборатории, туку луѓето треба да бидат тестирани на клиниките и можеби дури и дома. За да се стави под контрола коронавирусот во рок од една година, 80 отсто од пациентите со симптоми треба да бидат тестирани и изолирани еден ден откако тие симптоми ќе се појават, сметаат  тие. (Р.Н.)