Мостот кај Безистенот во Битола приемен испит за Тони Коњановски

Мостот на Драгор стар повеќе од еден век стана првата главоболка за новата власт. Тој е сега затворен за сообраќај затоа што се констатира дека е оштетен еден од носачите


Допрва треба да се прави техничка документација за мостот, а потоа да се реконструира

 

БИТОЛА – Реконструкцијата на мостот кај Безистенот во Битола по сѐ изгледа ќе биде „приемен испит“ и проверка на способностите за менаџирање на новиот градоначалник Тони Коњановски. Мостот стар повеќе од еден век стана првата главоболка за новата власт која се соочи со неажурната администрација на локално и централно ниво и незадоволството на граѓаните од нормалното функционирање на градот.  

Само што Коњановски стапна на функција на 10 ноември беше речено дека при тековно одржување на улиците во градот ќе се постави нов асфалт на мостот. Арно ама, само ден подоцна испадна дека не било само до гребење на асфалтот, туку дека мостот пропаѓа. Констатирано беше дека е оштетен еден од носачите. Општината мораше да спроведе времен режим во сообраќајот и тука настанаа нервозите кај возачите и пешаците. Во центарот на Битола кај Саат Кулата и Безистенот како и во околните улички има нови насоки за движење.

Оваа ситуација со мостот за битолчани беше асоцијација со улицата „Климент Охридски“ во Битола, една од првите улици што ги реконструираше донеодамнешната градоначалничка Наташа Петровска и која заглави на суд, па битолчани повеќе од една година газеа во кал и чекаа да се асфалтира.

Така сега и мостот кај Безистенот доби политичка етикета.

А како поминуваа деновите општината известува и навестува дека мостот нема да го биде за скоро.

Пред една недела општината објави дека за мостот немаат ниту техничка, ниту проектна документација, па ни одобрение за реконструкција. 

„Изведувачот на изработката на техничката документација и реконструкцијата на мостот кај Безистенот е воведен во работа. Како прва фаза од предметните работи е изработката на проектната документација, во која е предвидено и пескарење на челичната конструкција. Подготвителните активности се веќе отпочнати, а со пескарење ќе се започне в понеделник.

После изработката на техничката документација, ќе следува обезбедување на одобрение за реконструкција од Министерството за транспорт и врски, со цел отпочнување на градежните активности“, соопшти општината.

Се зголемува нервозата кај битолчани поради тоа што се создаваат долги колони од автомобили секој ден

Градоначалникот Тони Коњановски во првиот отчет пред граѓаните призна дека мостот е проблем кој не го очекувал.

„Еден голем инфраструктурен проблем и предизвик со кој се соочивме само после два дена, a е резултат на долгогодишната негрижа е и проблемот со мостот кај Безистенот. Се прават напори за изготвување на документацијата во што е можно пократок временски рок, за да може таа да се достави до Министерството за транспорт и врски за добивање одобрение за градење.

Со ваквата динамика, убеден сум дека набрзо овој проблем ќе биде решен“, рече Коњановски.

Мостот кај Бизистенот преку ноќ стана тема за политички реваншизам и влезе во битолскиот Совет.

Координаторот на советниците од СДСМ и коалицијата, Менде Илиевски, на седница на Совет саркастично предложи мостот кај Безистенот да го носи името како и улицата „Климент Охридски“ за која ВМРО-ДПМНЕ како тогашната опозиција и независните советници од „Поинаку“ жестоко ја критикуваа Петровска дека долго време ја реконструира, а сега истите тие кога дојдоа на власт видоа дека не се прават улици и мостови преку ноќ, па се стеснуваат да кажат дека мостот ќе го направат дури в година.

„Би сакал тој мост да го крстам ‘Климент Охридски’. Зошто? Некаде пред четири години кога имавме ваква слична ситуација кога во правните лавиринти заглави Општина Битола со санацијата на улицата ‘Климент Охридски’ кај ‘Водовод’, тогашната опозиција, коментираше зошто Општина Битола не може да се справи со санација на улица од стотина метри. Јас сега ќе го кажам истото дека мостот ‘Климент Охридски’ до март –април ве убедувам, сите, па и битолската јавност, дека нема да биде пуштен во употреба. Ние ќе гласаме ‘за’ да ви помогнеме побрзо да го направите. Ќе бидеме конструктивна опозиција, но ќе ве потсетувам за сѐ она што вие го говоревте во изминатите 4 години“, рече Илиевски.

Од ВМРО ДПМНЕ возвратија: „Што правевте четири години за пред избори да се ископа мостот и не знам кој ја дал насоката и наредбата. Но, максимално се трудиме навремено тоа да се заврши“.

За мостот и последиците се загрижи и новиот претседавач на Советот, Габриела Илиевска од „Поинаку“, па праша – „Што ќе се случеше доколку не се појавеше дупка на мостот која требаше да се санира? Ние сме соочени со мост кој можеше да предизвика катастрофа во градот, а тоа ќе се случеше зашто во Општината никогаш не биле предвидени средства за санирање на мостовите“, рече Илиевска. 

Потиснат од актуелниот проблем, градоначалникот Коњановски најави ревизија на сите мостови по течението на Драгор.

„Покрај решавање на конкретниот проблем, за да не се повтори ваквата ситуација и на други места на коритото на реката Драгор, преземени се конкретни мерки со кои во програмата за уредување на градежно земјиште за 2022 година, предвидена е ревизија на мостовите, која не е направена 40 години“, најави Коњановски.