Дали е доведено во прашање членството на ВМРО-ДПМНЕ во ЕПП?

По европските избори во јуни, наводно ќе има генерално „чистење на куќата“ во ЕПП во врска со членството на некои партии и дека партијата ВМРО-ДПМНЕ е „на врвот на списокот“


Христијан Мицкоски за време на обраќањето на конгресот на ЕПП во Букурешт (Фото: ЕПП)

 

Постизборните настани може да им донесат неочекувани неволји на победниците од ВМРО-ДПМНЕ. Особено на европски план.

Одбивањето на новата претседателка на државата да го изговори уставното име при положувањето на заклетвата предизвика прилично студени реакции не само во ЕУ и Берлин, туку и во Европската народна партија (ЕПП), чија членка е ВМРО-ДПМНЕ. И тоа членство го нагласува со особена гордост.

На официјалната веб-страница на ЕПП сѐ уште нема информација дека претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова победила на изборите, ниту пак основна вест дека партијата имаше голем изборен триумф на парламентарното гласање.

Според упатените избори во Брисел, одбивањето на Сиљановска да го користи новото име ги вознемирило структурите во ЕПП. Генералниот секретар на ЕПП, Танасис Баколас, е човек од доверба на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. До неговиот избор на оваа функција во 2022 тој беше висок политички советник на Мицотакис задолжен за Европа и САД. Баколас е образован во Америка исто како и Мицотакис. Баколас не им честиташе на партијата или на претседателката за нивниот триумф на двојните парламентарно-претседателски избори. Таква работа досега се нема случено во времето на членството на ВМРО-ДПМНЕ во ЕПП. Особено не за време на претходниот генерален секретар на ЕПП, Шпанециот Антонио Лопез-Истуриз, со кого ВМРО-ДПМНЕ имаше блиски односи.

„Нивните намери беа целосно откриени со овој инцидент“, изјави извор од ЕПП за „Еурактив“ минатата недела, додавајќи дека по изборите за ЕУ во јуни, ќе има генерално „чистење на куќата“ во врска со членството на некои партии и дека партијата ВМРО-ДПМНЕ е „на врвот на списокот“.

Нова демократија и премиерот Мицотакис имаат несразмерно влијание во структурата на ЕПП последниве години. Мицотакис се профилира како еден од најпосветените и најважните членови на централно-десничарскиот политички чадор. Урсула фон дер Лајен ја почна кампањата за реизбор на функцијата претседател на Европската комисија со собир во Атина. И претседателот на ЕПП, Германецот Манфред Вебер, својата кампања ја почна во Атина.

Најблиските политички партнери на ВМРО-ДПМНЕ во ЕПП се ХДЗ на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, партијата на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша, баварската партија ЦСУ (оттаму доаѓа и Вебер) и општата германска партија ЦДУ, како а и владејачката Австриска народна партија. Најголемиот пријател, Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, не е веќе во ЕПП, откако сама ја напушти европската група пред да биде исфрлена поради непочитување на владеењето на правото и слободата на медиумите.

Вмровските раководители изјавуваат дека немаат никаква намера да го напуштат политичкото семејство на ЕПП, како нивниот патрон Орбан, но настаните со „Македонија“ и „Северна“ го направија опкружувањето во европскиот политички чадор неблагопријатно. (Н.В.)