Модата не го движи светот, туку вистинските потреби на луѓето: Искрено со Росица Мршиќ, дизајнер


Лејла Сабит

Кај Росица Мршиќ, дипломец на Факултетот за визуелна уметност и дизајн во Ултрехт, Холандија, едноставноста е само привид. Kако и нејзината нежна појава која крие храбар креативец. Самозатајната креаторка, која ретко ќе ја сретнете на јавни настани,  дозирано не послужува со безвременска мода, иако нејзиното модно студио нон-стоп работи со полна пареа.

И сега, во екот на коронавирусот се охрабрува да ја надмине ограниченоста, и да се посвети на создавање нова колекција во вонредни домашни услови.

Како короната ја менува модната индустрија, открива во интервјуто за nezavisen.mk

Фото: Б. Грданоски

Како е да се биде моден дизајнер во услови на коронавирус?

-Модните дизајнери и студија во овие неизвесни денови и недели, како и многу други дејности се во мирување и не работат. Модниот дизајн и работењето функционира во услови кога тимот, без кој не може да се тече создавањето, слободно може да твори и да одговара на потребите на пазарот. Пандемијата на коронавирусот, од една страна, создаде отежнати услови за работа и предизвика доцнење на нарачаните материјали од странски земји, одложување на закажани термини за изработка на модни парчиња. Од друга страна, заради развојот на ситуацијата во нашата земја, ја прекинавме работата на студиото за да ги заштитиме вработените, кои ја продолжија работата од дома. Но, на подолг рок, не е можно функционирање во вакви услови затоа што се ограничени можностите за создавање на  модниот дизајн и колекции во домашни услови. И покрај тоа, јас се охрабрувам да ја надминам ограниченоста, и да се посветам на создавање нова колекција во вонредни домашни услови. И се надевам на позитивен исходJ

Ревиите се префрлија на онлајн платформите, брендовите ги затворија продавниците, најголемите потрошували на високата мода останаа во своите земји плашејќи се за животот. Дали модата се сели на Интернет и по корона кризата ?

-Секоја кризна ситуација вродува со нови плодови и начини на комуникација, посебно кога глобално сите се засегнати. Модните недели се откажаа, но се претставија дигитално. Продавниците се затворија, но брендовите продолжија да ги нудат своите колекции онлајн. Модните куќи, дизајнери и модни платформи направија дигитални канали каде секој што сака да работи на својот личен развој, да се информира, и биде во тек со настаните и слушне што мислат експертите за последиците од кризата, може да се приклучи и учествува. Модниот свет одамна ја почна својата дигитална револуција, а сега само ја надоградува, а верувам и ќе продолжи да биде доминантен курсор во индустријата!

Короната ја менува модната индустрија. Славни дизајнери и луксузни модни куќи место скапа козметика и облека во своите фабрики прават гелови за дезинфекција, маски за лице и друг вид заштитна опрема или донираат огромни суми пари. Испадна дека сепак ако го изгубите здравјето, сфаќате, немате ништо. А од друга страна, пак , карантинот ве тера да мислите и на убави работи и моменти, зашто еден е животот. Кој е вашиот став?

-Сметам дека на глобалната модна индустрија  неопходно и требаше оддишка од пребрзото движење и импактот што го направи кон природата со своето прекумерно и неконтролирано текстилно производство. Последиците се застрашувачки, на глобално ниво, како по природата, така и по човековото здравје. На модната индустрија и треба сумирање на приоритетите, потребите и последиците од своето работење. Модата не го движи светот, туку вистинските потреби на луѓето. Верувам дека оваа присилна пауза на галопирачката модна индустрија ќе предизвика нов бран во однос на вистинското значење на модните парчиња и приоритетите на индустријата: да бидат автентични и безвременски, со дизајнерско – уметничка вредност, квалитетни, изработени од висококвалитетни материјали и да се создава мода по потреба, а не количина. Од секоја ситуација, дури и кога е кризна, мора нешто добро да произлезе! Верувам дека секој од нас може да го искористи времето да поработи на себе, да ги заврши сите оние обврски за кои никогаш нема време, да се посвети и ужива со најблиските, да пробува нови рецепти, да чита книги и да ги гледа сите серии/ документарци кои се насобрале, да му се радува секој ден на животот!

Дали има шанса и македонските дизајнери и модни куќи да се вклучат во борбата против короната и да им помогнат на здраствените власти со заштитни маски и сл?

-Во услови на вонредна состојба и неопходна потреба од одредена опрема, сметам дека секој треба да помогне на начин на кој може, а секако дека и јас би се вклучила во таква активност со изработка на маски и/или друга заштитна опрема.

Како го доживеавте коронавирусот? Колку вонредната состојба и полициски час ви влијаат на секојдневниот живот?

-Со оглед на фактот дека поминав 14 дена во самоизолација, се прилагодив на функционирање во домашни услови. Сите работни обврски ми се ставени во рамка и план за секој ден, па деновите ми минуваат исполнето и динамично. Ми недостасуваат вечерните прошетки до градскиот парк, но вечерните часови сега ми се резервирани за гледање на серии и документарци, кои ми се од одамна на ‘wish list’.

 Како да се сочуваат позитивниот дух и креативноста во ова време?

-Во денови на изолација и многу време за себе, секој може да се посвети и мотивира да ги прави работите што го исполнуваат, предизвикуваат и прават љубопитен!

На кои лекции не (не) научи пандемијата?

-Да го цениме животот и да уживаме во неговата едноставност! Не потсети да се вратиме кон базичното, да ја освежиме меѓусебната љубов и посветеност. И да поработиме на себе и сопствените начела. Мораме да научиме кога е доста, да се свртиме кон и да ја негуваме природата, да ги негуваме и почитуваме меѓусебните односи, да подзастанеме и да земеме длабок здив.

Со кого редовно се слушате?

-Со најблиските!

Што најмногу ви недостасува сега?

Дружбата со фамилијата и другарите, и долгите прошетки!

Кои ангажмани моравте да ги одложите?

-Бев поканета како специјален гостин на модна недела во Романија, за да ја презентирам новата колекција. Настанот требаше да се одржи на почетокот на мај. Заради пандемијата, настанот е одложен и не се знае кога и дали воопшто ќе се одржи.