МНР ги нарече „измислици“ тврдењата дека го прифатила францускиот предлог


По тврдењето од  СДСМ дека Владата веќе договорила прифаќање на францускиот предлог и сега ја подготвува јавноста за тоа, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија категорично ги отфрла ваквите наводи како „измислици“ и уверува дека нема тајни преговори, ниту отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата.

Од МНР велат дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери и овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена.

-Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада. Токму тука е суштинската разлика меѓу оваа Влада и СДСМ. Во минатото, договори и компромиси се прифаќаа далеку од очите на јавноста и на штета на националните позиции. Денес, надворешната политика се води одговорно, принципиелно и во согласност со националните интереси и волјата на граѓаните. Транспарентноста и доследната заштита на националните интереси се клучната разлика меѓу оваа и претходната власт. Денешната прес-конференција на СДСМ е уште еден обид за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста. Наместо да понесе одговорност и да се извини за штетата што ја нанесе врз националните и надворешнополитичките позиции на државата, СДСМ повторно пласира груби невистини и конструкции. Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста, се вели во реакцијата од Министерството на прес-конференцијата на Андреј Жерновски од СДСМ.

Се нагласува дека е повеќе од очигледно дека на СДСМ му е поважно преку вакви прес-конференции да им се додворува на одредени политички кругови во соседството отколку да ги брани интересите на сопствената држава и на сопствениот народ.

-Наспроти нивниот неодговорен пристап, Владата и Министерството постапуваат принципиелно и сите одлуки ги носат транспарентно, пред очите на јавноста и во согласност со јасно утврдените државни позиции, се истакнува во ракцијата од МНРиНТ.

Реакциите на СДСМ ги предизвика изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој во интервју рече дека има разговори и се работи на трајно и одржливо решение што ќе го одблокира нашиот европски пат, но дека не може да сподели детали со јавноста, затоа што така однапред би ги осудил на неуспех.

Иако е тешко да се поверува дека оваа влада има и простор и капацитет било што да прифати околу европската иднина на Македонија, нафрлањето на информацијата за тајни, па потоа за транспарентни преговори и благите негирања на суштината е начинот на кој вообичаено се навикнуваат граѓаните на одредени промени на политики во светот, при што СДСМ ги критикува а всушност им помага во тоа, а власта напаѓа, а всушност оди кон приближување на позицијата.  Во Македонија сепак никогаш ништо не е извесно, особено со ваква нетранспарентна влада која ги претвори преговорите со ЕУ ( и уште многу други информации) во приватна, т.е. партиска работа, така што и ова може да е уште еден театар од губењето на времето на јавноста и одвлекувањето на вниманието од вистинските прашања.