Младиот уметник Бранко Манчев ја сфаќа уметноста како начин на размислување и живеење


 
Бранко Манчев од Кочани е македонски ликовен уметник, професор по ликовно образование и главен уметник во Art Room. Активно твори во областа на современото сликарство, а паралелно е посветен на едукацијата и развојот на креативноста кај младите и возрасните преку различни уметнички програми и работилници.
 
 
 
Како започна Вашиот пат во уметноста?
 
Од најрана возраст уметноста беше природен дел од моето секојдневие. Љубовта кон цртањето и визуелното изразување постепено прерасна во животен повик. Со текот на годините, преку образованието и континуираната работа, таа страст само се продлабочуваше и ме мотивираше постојано да создавам, истражувам и да се развивам како уметник.
 
 
Какво е Вашето образование и професионален ангажман?
 
Средното образование го завршив во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје, на насоката применето сликарство, каде ги стекнав темелите на моето ликовно образование. Потоа дипломирав на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката ликовна педагогија – сликарство, под менторство на проф. Јован Шумковски. Моментално сум на магистерски студии на истиот факултет, исто така под менторство на проф. Јован Шумковски.
Покрај мојата уметничка практика, работам како професор по ликовно образование, а како главен уметник во Art Room активно креирамe и реализирамe различни креативни програми. Го водам концептот „Пиење вино и сликање“, каде учесниците ги водам низ креативниот процес, охрабрувајќи ги да се изразат слободно преку бојата и четката, без разлика дали претходно сликале или не. Целта е преку уметноста да се релаксираат, да ја разбудат својата креативност и да доживеат едно поинакво искуство.
Во Art Room организираме и курсеви за деца по цртање и сликање, каде преку систематска работа ги воведуваме во светот на ликовната уметност, ги поттикнуваме да го развиваат својот талент, креативното размислување и да ги продлабочуваат своите знаења од областа на визуелните уметности.
 

Што Ве инспирира во Вашето творештво?
Инспирацијата ја пронаоѓам во внатрешниот свет на човекот – неговите емоции, мисли и состојби. Преку бојата, текстурата и формата се обидувам тие чувства да ги преточам во визуелен израз. Апстрактното сликарство ми овозможува целосна слобода да создадам личен уметнички јазик преку кој комуницирам со публиката.
 
Каков е Вашиот уметнички пристап?
Мојот пристап е интуитивен и процесуален. На секое платно гледам како на простор за истражување, каде процесот на создавање е исто толку важен колку и конечниот резултат. Верувам дека секое дело носи своја приказна и претставува дијалог помеѓу уметникот, делото и набљудувачот.
 
Порака до младите?
Би сакал да ги охрабрам младите да бидат поактивни во културниот живот и да ја препознаат културата како значаен дел од нивниот личен и општествен развој. Ги повикувам почесто да посетуваат изложби, театарски претстави, концерти, музеи, галерии и различни културни манифестации, бидејќи токму тие придонесуваат за развој на критичкото размислување, креативноста и пошироките животни вредности. Културата создава личности со пошироки хоризонти, а уметноста не е само професија – таа е начин на размислување, чувствување и живеење.