Млад кавадарчанец произведува органско вино од „смедеревка“ (репортажа)


Млад кавадарчанец произведува органско вино од белата сорта грозје „смедеревка“. Станува збор за најзастапената бела сорта грозје околу која се имаат кршено копја во смисла на тоа дали треба да се копачат или не површините засадени со неа. И додека едни сметаат дека треба, образложувајќи го тоа со факт дека е преприсутна во тиквешкиот регион, други се на ставот дека лозаро-винарството не може да се замисли без неа. Вторите нагласуваат дека „смедеревката“ е одлична за микс на вина и дека се додава во многу други сорти, а дека вистински мајстори за божествена течност се оние кои прават извонредни вина само од овие навидум обични гроздови зрна.

Пере Пешков има 27 години и ја продолжува долгогодишната традиција за производство на вино и ракија во градот на грозјето, виното и ракијата, Кавадарци.

Татковците учат од децата

Голем број семејства во Тиквешко одгледуваат винови лози, па грозјето го продаваат на откупувачи, а самите никогаш порано не произведувале вино и ракија, иако можеби нивни блиски во фамилијата практикувале такво производство.

Родители од Тиквешко, најголемиот лозарски регион во земјава, иако со децении произведуваат грозје, учат да прават вино од своите деца, кои во училиште изучиле или изучуваат винарство. Токму така и го запознав Пере пред девет години, кога како ученик во средното земјоделско училиште во Кавадарци, освои прва награда на натпреварот за младо вино, за виното кое го произведе во домашни услови.

– Со години моето семејство одгледува лозје, а никогаш досега не сме правеле вино. Есеноска првпат по сопствена иницијатива произведов бело вино „смедеревка“ во домашни услови и му покажав на татко ми како се прави тоа. Не ми беше тешко оти работев така како што ме учеа професорите. Вака ја почна својата винарска приказна тогаш 18-годишниот матурант на лозаро-винарската насока.

Беше награден како производител на едно од најубавите вина на дегустацијата што се одржа во училиштето. Се дегустираа вина направени во училишната винарница, но и вина направени од професорите и од учениците во домашни услови. Одделни ученици и некои од професорите, беше забележано, имале подобри вина и од некои визби. Пешков е само еден од повеќето ученици што ги учеле тајните на винарскиот занает, а сега им ги пренесуваат и на постарите.

– Во училиштето научив да правам добро вино. До трета година учев само теоретски, а во четврта и практично. Првпат направив вино и добив награда. А му покажав и на татко ми како се прави тоа. Сите ги бендисаа моите „вранец“ и „смедеревка“. Првпат есеноска направив 500 литри вино, а иднава есен, здравје, ќе направам двојно повеќе. Би направил и повеќе, но за тоа се потребни инвестиција, буриња, соодветни садови, рече тогаш срамежливиот ученик. Тие што го пробаа виното што тогаш го беше приготвил рекоа дека е вистински „змеј“.

Ековино без отрови

Сето тоа му беше мотивација за понатаму. Пешков сакаше да студира енологија и да стане енолог. Му се исполни желбата и заврши Земјоделски факултет.

Досега тие произведуваа само за сопствени потреби и за свои блиски, а од неодамна, благодарение на олеснетите законски одредби, регистрираа сопствена мини семејна винарница. „Пешков“ е една од шеснаесетте семејни винарници регистрирани во изминатите четири месеци во Кавадарци.

– Винарница „Пешков” во моментов располага со капацитет од 4 000 литри вино.

Произведуваме грозје од сортите „смедеревка“, „вранец“ и „темјаника“. Ние иднината на винарството ја гледаме во органското производство на вино, па затоа целото наше лозје со површина од 2,5 хектари е во преодна фаза за органско производство. Оваа година го имаме првото органско вино од сортата „смедеревка“. Грозјето е добиено од сертифицираниот производител на органско грозје Борче Апостолов. Во иднина ќе произведуваме органско вино, како од винови лози од сопствени лозови насади така и од регистрирани органски производители на грозје. Се одлучивме на органско производство бидејќи сакаме да им гарантираме на нашите потрошувачи дека нашите производи се биолошки и еколошки, без употреба на различни отрови и други препарати кои се користат во конвенционалното производство. Јас би бил среќен ако повеќето лозари ја гледат иднината во органското производство, со што заедно би ја зачувале нашата природа и пред сè нашето здравје, рече младиот винар за МИА.

Тој има освоено и неколку награди на натпреварите кои ги организира македонското Здружение на енолози.

– Тоа ме мотивира уште повеќе за да се надградувам и понатаму, нагласи Пешков.

Од Здружението се исто така задоволни што преку таквите натпревари придонеле за поголем квалитет на македонските вина.

– Од година во година се зголемува тој квалитет. Дел домашни производители се охрабрија и своето производство го регистрираа во мали семејни винарници, за МИА рече Елена Богева, потпретседателка во Здружението.

Велат дека добар енолог и од вода ќе направи вино.

Неговиот некогашен професор по стручни предмети Благоја Мишковски нагласи дека е задоволство да се гледа како се раѓаат идните енолози во најголемиот лозарско-винарски регион во државата. Се школуваат машки, но и девојчиња.

– И машките и девојчињата се добри мајстори. Понекогаш женските се повеќе заинтересирани да го научат занаетот отколку машките. Крајот е лозарски и во оваа струка е иднината на регионот. Веќе имаат осет за дегустација и знаат што е добро вино. Пијат со мера, но се гледа дека имаат кондиција. Ги учиме дека треба да го сакаат виното, но да не пијат многу, оти едно е да се дегустира, а сосема друго да се пие, рече Мишковски.

Го прашав дали на учениците им е дозволено да пивнат од виното додека го прават во училишната винотека.

– Оние што се трета и четврта година по завршувањето на практичната настава можат и да го пробаат виното. Но само во присуство на професорите, одговори Мишковски.

Иако има изрека дека добар енолог и од вода ќе направи вино, професорот ни откри неколку работи што се пресудни за квалитетно вино. Како прво, важна е суровината, оти, како што вели, не може да се направи бифтек од леќа. Од лошо грозје не се прави добро вино. Второ, нужно е познавање на технологијата. Трето, потребни се добри садови, а на виното да му се пристапи со љубов, хигиена и нега.

– Нема правило дека добар ученик мора да прави добро вино и обратно. Може да е послаб ученикот, а да се заинтересира и да направи добро вино, рече професорот.

Мишковски ја појасни „дилемата“ дали да пиеме црвено или црно вино.

– Порано и во македонските учебници пишуваше црно, а сега нашата терминологија се усогласи со светската. Има црно грозје и црвено вино, објасни Мишковски.

Тој се гордее со младите винари од најстарото училиште во државата во кое се школуваат лозаро-винарски кадри. Основното мото во училиштето е „Денес ученик, утре стручњак“.