Митологијата и иконографијата за Гоце

НАНО РУЖИН

При потпишувањето на Договорот за добрососедство Борисов рече дека „ако гледаш назад, ќе се сопнеш и ќе паднеш. Затоа решивме да гледаме напред“.  Но потоа дојде „објаснувачкиот меморандум“ со кој не се гледа напред туку само назад. Гоце Делчев е наднационален мит и тешко е која било страна да го присвојува единствено за себе

 

Слично на Александар Велики, браќата  Кирил и Методиј,  Климент Охридски,  Мајка Тереза, Никола Тесла или Маршал Тито, и Гоце Делчев со својот митски лик и дело ги надминува границите на една држава, народ и претставува балкански и надбалкански феномен. Митот за Делчев по неговата смрт го ширел народниот раскажувач а подоцна повеќе биографи, научни работници и интелектуалци кои ги истражувале познатите и непознатите детали за животот и делото на апостолот на Македонците, како што го нарекуваат заговорениците на „делчевологија“.

Митологијата за Гоце Делчев ја создавал народот, пренесувајќи ја од генерација на генерација. Македонците од дамнешни времиња создавале митови, легенди, умотворби кои го искажуваат етнографскиот  карактер на оделни народи, групи етникуми. Овие творби  присутни во народните наративи пренесувани од колено на колено, биле собирани и објавувани. Најзначајни собирачи на македонските народните преданија,  умотворби биле Марко Цепенко, браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ, кои својот фонд го збогатиле со кажувањата во Македонија.

Македонецот притиснат од неподносливоста на окупаторскиот деспотизам, животно потопен во мортификантен порив, физички и психички скршен, настојувал да создава кажувања кои му овозможувале сопствените маки да ги смести во поширок контекст. Токму таа поширока рамка открива дека постои некој скриен образец, што кај луѓето предизвикува чувство дека животот има смисла и вредности. Луѓето настојувале да се издвојуваат со идеи кои ги надминувале нивните секојдневни искуства и на тој начин се создавале митските приказни и иконографии. Карактерот на човековиот ум е неговата способност да поими идеи и искуства кои не можат да се објаснат рационално, пишува Карен Армстронг. Човекот мечтае, а таа способност овозможува да размислува за нешто што не е непосредно присутно. Мечтаењето е способност која создава религија и митологија. Мечтаењето овозможува да се патува низ народните преданија и кажувања. Танас Вражиновски, преку народните преданија ја доловува митологијата за Делчев. „Први се јави Гоце војвода, Гоце војвода-кукушанчето; Јас ќе преминам турска граница, па ќе си спаднам дур до Солунско“, „Убиен е човек – војводата жив останва“, „Турскиот цар се плаши од Делчев“, „Гоце Делчев  куршум не го фаќа“, „Војводите во Крушево“, „Првите црешнови топчиња“, „Шеесет свадби на Илинден 1903 година“, „Коњот што шетал ноќе на Мечкин Камен“. Сите споменати народни преданија и кажувања за Гоце и останатите македонски војводи, за Илинден и Питу Гули, прераснаа во митологии кои се протегаат низ целиот XX век сѐ до денешни дни.

Делчев: Може ли да има друго место за еден Македонец, освен Македонија?            

Митологијата за Гоце Делчев јакнеше и во мирнодропските времиња, како „татко на Македонците“ , интелектуалец и патриот кој се борел за слободна и независна Македонија. Според Христо Андонов Пољански („Гоце Делчев“, Пула 1985), Гоце бил заплискан од идеите на француското просветителство, Француската револуција 1789, Американската револуционерна војна, револуциите од 1830 и 1848 и Париската комуна од 1871. Посебен интерес покажал за балканските ослободителни движења на Србите, Грците, Романците и Бугарите, а бил инспириран и од национал-ослободително движење на Џузепе Мацини. Во овие времиња, балканците биле меѓу себе многу поблиски, не биле оптоварени со идеологија, омраза или национална завист. Битката за ослободување од заедничкиот окупатор претставувала елемент на хомогенизација и заедништво на балканците. Меѓутоа, како и денес главниот политичка ривалитет и игра повеќе се водела во сопствената политичка група отколку помеѓу ривалските страни. За Делчев, престојот во Македонија било разбирливо. Во разговор со Даме Груев тој потсетил: „Може ли да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот?“

Во писмо до Ефрем Каранов од 1897, Гоце напишал, „Ослободувањето на Македонија, лежи во внатрешното востание“. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите“. Гоце сметал дека „ропството се должи на самиот роб и се крепи од него повеќе отколку мачителот и дека кога робот престанува во душата да биде таков, ропството исчезнува“. Според Стаматов, Гоце одлично знаел дека ни со теоријата на Дарвин ниту пак со онаа на Маркс, ќе биде ослободена Македонија.

Во август 1901, Гоце Делчев решил половина година да ја прокрстари Македонија и да се запознае со состојбите на теренот. Во јануари 1903 се изјаснил против кревање на Илинденското востание како „преран и неподготвен чекор“, бидејки народот не бил доволно вооружен. Наместо востание, предлагал да се зајакнат партизанскиот начин на војување против турскиот аскер, меѓутоа останал осамен со своите планови мечти и идеали. Една од можните причини за  предаството од страна на сопартијците и ликвидацијата на Делчев било неговото спротиставување за кревањето на Илинденското востание. Веднаш по неговата смрт, Гоце Делчев прераснал во митска личност, чија митологија и иконографија се надоградува веќе 120 години. Неговиот лик и дело прераснаа во вистинска иконографска творба, симбол на историската македонска самобитност, јазик, писмо, културно наследство.

Гоце Делчев е и космополит, кој како припадник на европската интелектуална елита на крајот од  XIX и почетокот на XX-от век го разбирал светот како „поле на културен натпревар меѓу народите“. Тој е дел од европското културно наследство а неговата иконографија е присутна и во Северна Македонија и во Бугарија и меѓу македонската и бугарската дијаспора. Со своите идеи и личност, слично на останатите историски ликови ги надминува границите на една држава, дотолку повеќе што во епохата на неговото битисување Балканот бил окупиран од страна на Османлиското царство.

Во обликувањето на митологијата и иконографијата на Делчев, придонела и богатата објавена библиографија за неговиот лик и дело која со заедничко име се нарекува Делчевологија. За животот на Гоце Делчев кого го нарекуваат и апостолот на Македонија, објавени се повеќе биографии од кои онаа на авторот Пејо Јаворов (1904) е најзначајна. Јаворов директно се дружел со Делчев во последните две години од животот, а таа книга доживеела второ издание во 1917. Ѓорче Петров кој се дружел со Делчев, сметал дека книгата не ја отсликувала на најреален начин личноста на Гоце Делчев („Сказна за Гоце Делчев“, Билтен Бр.3 (1919). И други автори како Антон Страшимиров (Солун 1909), Ѓорче Петров (1919), Крум Христов (1953), Дино Ќосев (1963) Христо Андонов Полјански (1972), Ванѓа Чашуле (1968), Димитар Поп Ефтимов (1959) , Димитар Димевски (1988) кои објавиле значајни дела посветени на Делчев, како и бројни прилози од страна на Димо Хаџи Димов, Димитар Влахов, Климент Шапкарев, Михаил Герџиков, Ѓорги Абаџиев, Тодоро Павлов, Павел Делирадев, Диме Бојановски, Данчо Зографски, Драган Ташковски, Иван Катарџиев, Гане Тодоровски, Манол Пандевски и Димче Мирче, разработиле повеќе димензии за личноста и делото на Делчев.

Македонско-бугарски спор: Чиј е Гоце?

По големото помирување меѓу Скопје и Софија, со предавањето на моштите на Делчев во времето на Георги Димитров, односите со Бугарија ги следела сунисоидата на односите помеѓу Југославија и Советскиот Сојуз.  Од средината на шеесеттите, бугарскиот автор Дино Ќосев најавил дека Софија ќе го смени односот кон прашањето за Делчев и ќе ја заостри реториката околу националната припадност на Делчев. Дино Ќосев (алијас Д. Клисуров), во 1963 ја најавил а во 1968 ја објавил книгата за Делчев како прилог кон неговите писма и го прикажал како личност од бугарското национално-ослободително движење и следбеник на Васил Левски, поборникот на идејата за обединување на бугарската нација. Од тој датум потекнува македонско-бугарското имброглио околу прашањето за Гоце и неговата нациоанална припадност.

Чија е иконата Гоце Делчев? Дали е Бугарин или Македонец? Долго време македонските и бугарските интелектуалци, секој од сопствениот национален агол со научни трудови го докажуваа националниот идентитет на Гоце Делчев. Напоредно  Македонците во состав на СФРЈ и Бугарите како дел на советските државички – сателити, секој посебно си ја славеше иконографијата и митот на  Делчев како лик и како симбол на револтот против странскиот окупатор. Во позадината на овој ривалитет беше идеолошкиот судир помеѓу југословенските ревизионисти и реалниот социјализам на Тодор Живков, кој не можеше да му ги прости „гревовите“ на Георги Димитров за предавањето на „моштите на Гоце на Македонија“.

Со промените од 1991, митот за Маршал Тито во Македонија се замагли, додека   оној за Гоце Делчев  воскресна. Тој беше идеален лик за секој Македонец, кој го дал животот за националаната кауза, чија иконографијата се мултиплицира. Наспроти тоа, Бугарија во овој период молчеше и имаше многу поважни проблеми. За експертите на митологијата   митот за Гоце Делчев се толкувал како некој настан што како секој мит се „случил во минатото но и во сите времиња“, пишува Армстронг.

Делчев е наднационален мит

Првиот проблем кој се поставува за политичарите и историчарите од двете страни на границата е да се пронајде консензус околу спорот. Со Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, потпишан помеѓу премиерите Борисов и Заев (2017) и нивното заедничко чествување на иконографиите кои двете држави ги сметаат за сопствено историско и културно наследство се создадоа поволни услови за надминување на проблемите. „Овој договор ја покажува одлучноста на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион. Тој е позитивен чекор напред во добрососедските односи и ја зацврстува ЕУ-перспективата на поранешната југословенска Република Македонија во интерес на нејзините граѓани“, истакнаа во заедничката изјава на Хан и Могерини.

Борисов гордо истакна дека „две балкански држави без модератори и посредници покажале дека дружбата и добрососедството е најважно од сè… Не залудно рекле, ако гледаш назад, ќе се сопнеш и ќе паднеш. Затоа решивме да гледаме напред“.  Меѓутоа проекциите на Борисов во стилот на Жан Моне и Морис Шуман, беа доведени под прашање со испраќањето на „Објаснувачки меморандум“ до земјите-членки на Европската унија. Овој чин беше преземен во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите на Македонија со Унијата, со долги историски образложенија на шест страници за „државна антибугарска идеологија“ во Македонија.

Останува дилемата, дали во услови на политичка криза, бугарската политичка елита не бара некоја тема која ќе го пренасочи јавното мислење вон границите на државата. Инаку како да се објасни безрезервното пријателство и доверба на премиерот Борисов кон компромисната политика на Заев. Да не заборавиме, дека вовед во Договорот од Преспа (2018) претставуваше, договорот со Бугарија и значајната лобистичка улога во полза на Македонија од страна на Борисов.

Бугарија прва ја призна независноста на Македонија под  уставно име и создаде благопријатен простор за развој на билатералните односи. Во услови на грчкото ембарго и војните во поранешна Југославија, коридорот преку Бугарија беше основната координата на комуникации на Македонија кон светот. Оваа епизода само ја продлабочи историски чуствителната тема за блискоста на двата соседни народи. Таа блискост ја почуствуваа и бугарските интелектуалци, кои во еден демократски дух во писмото како одговор на меморандумот ја истакна „непотребната доминацијата на застареното, романтично и митолошко историографско размислување во самата Бугарија“.

Порака на бугарските интелектуалци  е упатена и до закоравените духови на нашите историчари, интелектуалци и политичари. Зарем има потреба да се потврдува дека Делчев е наш или нивни?  Дека некој има монопол врз неговата личност и дело? Ние Македонците можеме да го чествуваме големиот Делчев, Бугарите исто така можат да го величат и слават. Може тоа да се прави и заеднички, како што тоа го направија Заев и Борисов, или како што тоа го прават Французите и Германците. Шарлемањ или Карло Велики, еден од историските родоначалници на европската идеја, го слават повеќе народи и држави. Истото можат да го прават на еден современ европски начин и Македонците и Бугарите. Впрочем како што истакнува полскиот интелектуалец Геремек, “ Европската Унија е и етичка творба, творба на која ѝ е потребна душа, толеранција, дијалог и компромиси“. Со својот пример Бугарија и Македонија можат да ја развијат таа срдечна духовна димензија и да не се вртат назад, за да не се сопнат и да паднат.

(Нано Ружин е универзитетски професор)