Мишел, Бајден и Шолц го предупредија Израел да не ја шири воената операција во Рафа


Урнатините на Рафа (Фото: Ксинхуа)

Наредбите за евакуација на цивилите заглавени во Рафа во небезбедни зони се неприфатливи, порача синоќа претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. 

– Ја повикуваме израелската Влада да го почитува меѓународното хуманитарно право и бараме да не презема копнена операција во Рафа. Граничните премини мора целосно да функционираат и да овозможат минување на суштинска хуманитарна помош во услови кога во Газа владее глад, наведе Мишел во објава на Икс.  

Тој натаму во објавата нагласува дека сите напори мора да се насочат кон обезбедување договор за траен прекин на огнот.  

– ЕУ е посветена на праведен и сеопфатен мир заснован на решението за формирање две држави. Од тој аспект клучно е создавањето на одржлива држава Палестина, која ќе живее во мир и безбедност со Израел, како што се предвидува во резолуцијата на ОН, додава Мишел во објавата. 

Објавата на Мишел уследи по вчерашниот повик на израелската армија упатен до цивилите во Рафа да се евакуираат од густо населените делови на градот крај брегот на Средоземното Море, што се смета за најава за можна копнена операција.  

Во меѓу време, вчера израелските сили продолжија со напади врз позиции на Хамас во источниот дел на градот, откако претходните денови презедоа контрола врз граничниот премин кон Египет што се наоѓа јужно од Рафа. 

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека е можен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас „уште утре“ доколку Хамас ги ослободи заложниците, пренесоа француските медиуми.

-Уште утре ќе има прекин на огнот доколку Хамас ги ослободи заложниците, рече Бајден.

И германскиот канцелар Олаф Шолц го предупреди Израел да не ја шири својата воена операција во Појасот Газа со офанзива против градот Рафа на југот на земјата, јави ДПА.

-Веруваме дека офанзивата против Рафа…би била неодговорна, рече Шолц вчера, говорејќи на настан на веб-пренос на групата весници RND во Потсдам.

-Предупредуваме на ова и не веруваме дека постои некаков план што на крајот ќе дозволи ова да се случи без огромни жртви од страна на цивилното население, рече канцеларот.

Шолц нагласи и дека Израел има право да се брани и да се бори против палестинската исламистичка група Хамас. Сепак, тој додаде дека хуманитарната помош треба да стигне и во Газа и да има перспектива за мирен соживот, заснован на решение со две држави.

По стартот на израелската операција во северниот дел на Газа, во Рафа, што се наоѓа на крајниот југ на Појасот, засолниште најдоа околу еден милиони палестински цивили. Меѓутоа, според хуманитарните операции, по зачестените најави за израелска копнена офанзива, градот го напуштиле околу 150.000 лица.