Министерот Муцунски во работна посета на Брисел
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во следните два дена ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во рамки на посетата Муцунски ќе оствари средби со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, како и со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, Роксана Минзату. Воедно, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, ќе оствари средба и со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија Елизабет Вернер.
За време на престојот во Брисел, предвидени се и повеќе средби со пратеници во Европскиот парламент, како и брифинг на министерот Муцунски со претставници на земјите членки во Работната група за проширување при Советот на Европската унија.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски утре ќе учествува и на тркалезната маса „A path for European enlargement“, во организација на „Пријатели на Европа“.