Минатото како оружје против иднината


ЕРОЛ РИЗАОВ

Најголемите опасности кои се попречуваат да не се остварат вековните идеали да се има просперитетна и убава европска држава се: примитивизмот, провинционализмот, заостанатоста, криминалот, корупцијата национализмот…

(Колумна за Дојче веле)

По крвавиот распад на Југославија и по прогласување на независноста, Македонија е во најдраматичниот и најзначаен период од нејзината понова историја. Ако тоа не го чувствувате, тогаш ништо. Останете кај што сте, не попречувајте. Тоа е најмалку што можете да направите.

Драматичен период затоа што земјата (како и целиот свет) повеќе од седум месеци е соочена со страшна пандемија, со здравстевна, образовна  и економска криза, но и со не помала опасност кога сопственото  минато и дома и од надвор се употребува како оружје против иднината. Тоа е значаен период, затоа што за првпат по цели три децении конечно ова се историски години на револуционерни одлуки кога завршува ерата на болната, долга и мачна транзиција, а државата станува членка на двата најмоќни воено, политички и економски сојузи во светот, НАТО и Европската унија.

Иднината не ни е судбина

На прагот сме да влеземе на мапата на западните цивилизации, споделувајќи ги сите вредности на слободниот свет заштитувајќи ги своите посебности. Иднината повеќе не ни е судбина. Сами одлучуваме каде ќе биде Македонија по седум, десет или 15 години. Сѐ зависи од овие генерации што ќе им оставиме на поколенијата. Ова веќе не е работа само на политиката, владите, парламентите, институциите на системот, партиските лидери, деловни и интелектуални елити. Ова е работа на секој граѓанин, сведок и современик да стане и непосреден учесник во најголемата мирновременска и демократска преобразба на македонското општество.

Најголемите опасности кои се попречуваат да не се остварат вековните идеали да се има слободна, просперитетна и убава европска држава се: примитивизмот, провинционализмот, заостанатоста, сиромаштијата, криминалот, корупцијата и национализмот како најголеми човечки ресурси во битките за власт и непречен, озаконет грабеж.

Уште на самите почетоци на формалната демократија со стекнување на самостојна држава, на општо изненадување, дури и на добрите познавачи на приликите во земјата, јасно се покажа колкава е голема опасноста од примитивизмот и провинционализмот. Тие не беа видливи бидејќи беа затскриени и недостапни на јавноста. Со слободата таа сила стана извонредно тесто за месење во освојување на власта и озаконет грабеж на општестениот и државниот имот. Кога поединци преку ноќ со „демократски“ донесени закони стануваат богати како кнезови, уште побрзо осиромашуваат илјадници луѓе, што е уште еден центар за партиска регрутација на војници која прерасна во армија башибозук.

Втората голема опасност е национализмот кој поприма нови и нови форми, многу поразлични и поперфидни од општопознатите балкански историски наследства. Патриотизмот стана извонреден кластер за овој опасен вирус, а историското минато најмоќното оружје за уривање на иднината со манипулативната и лесно леплива парола „народ без минато нема иднина“. Со тоа се брише огромната разлика меѓу историјата пишувана за едностраните националистички убедувања и она што навистина треба да биде историјата како наука. Се разбира, историјата е со намера да ја најде вистината за минатото. Но, вистинските историчари, научници, признаваат дека вистината во најголем број случаи е илузорна. Тие знаат дека имаат предрасуди кои влијаат на нивната оценка. Тие знаат дека никогаш ги немаат сите факти. Го знаат и тоа дека секогаш треба да се обидуваат да ја најдат вистината, каква и да е. Но, тоа е особено тешко да се прифати ако образованието со децении направило пустош во свеста на луѓето. На Балканот отсекогаш преставувало голема опасност да се пишува историја ослободена од иделогија и од „вистината“ диктирана од политиката и од фалсификуваното славно  минато.

Интелектуални грешки и злосторства

Националистите кои ја користат историјата имаат различна група на цели. Тие ги користат настаните  и личностите од минатото како оружје во борбите на нивните нации. Тие имаат само една определба, а тоа е триумф на нивната кауза и користат сѐ за да успеат во тоа. Додека научниците се обидуваат да ги соберат сите релевантни факти и да ги стават во кохерентна слика , националистите ги селектираат оние делови од историјата кои одговараат на нивната цел, игнорирајќи ги другите.

Како и другите луѓе, историчарите имаат политички цели и идеологии, но вистинскиот историчар ги признава грешките кога фактите не го поддржуваат неговото верување. Националистичкиот бранител никогаш не го прави тоа. Ако фактите не одговараат на неговите теории, националистот ги игнорира тие факти и бара други начини да го докаже неговиот случај. Историчарите научници можат да направат интелектуални грешки. Националните бранители вршат интелектуални злосторства. И не само интелектуални, ако тоа не е доволно.

Сето ова одамна го констатирала самата историска наука соочувајќи се со вековните заблуди и митови. Но денес во 21 век се случува на релацијата Бугарија и Македонија со подготовка на некаков си катил ферман кој треба да ја санкционира науката еднаш засекогаш. Тоа е глупавиот обид да се стави крај на историјата. Колективни комисии и влади не пишуваат историја, а кај што пишуваат таа е неодржлива на подолг рок. Она што можат и треба да го направат меѓудржавните комисии, дури и да се составени од најеминетни историчари и научници, е да ги ослободат денешните генерации во балканските држави од меѓусебна омраза и нетрпеливост поради минатото. Тоа, се разбира, не се постигнува со бришење на црните петна од историјата, ниту со присвојување на историските личности и настани.

Слободата и демократијата, прогресот и развојот на земјите, културата и  образованието, дезидеологираната наука се темелите да се дојде до вистината за минатото и да се прифати без трауми. Политичките еднострани диктати и ултиматуми прават неодржливи договори.

Најлошо од сето тоа е што секој обид да се дојде до најмал исчекор за добрососедство, дури и со согласност за она што историчарите не се согласуваат, со препуштање на науката за натамошни истражувања, патриотските партиски одреди штедро помогнати од националните идеолози и бранители на минатото го претвараат во катастрофа и во предавство на националните интереси. Нема ништо полесно отколку да се предизвика експлозија во главите со малку знаење и многу емоции.

И конечно, како ќе заврши оваа работа меѓу Бугарија и Македонија во испрaвање на „крива Дрина“. Исто како и со Грција. Во придобивките за што се пролеани реки крв во големите светски револуции за  гарантираните универзални права на самоопределување, на националната, верска и јазична припадност нема никој да чепне, колку и да се крева сега ѓурултија и да се пишуваат меморандуми. Историското минато, историските личности и верата, како и досега секој ќе ги слави како свои. Тоа не може никој да го спречи што и да пишува во договорите диктирани од политиката. Успехот на политиката ќе биде ако Бугарија  и Македонија станат добри соседи како што одат во таа насока работите меѓу Грција и Македонија. Во догледно време и Македонија ќе биде членка и на ЕУ, како што стана членка на НАТО. Што побрзо тоа подобро и за нас и за комшиите.

Сѐ ми се чини дека тоа сознание најтешко ќе превагне кај нас дома.

(Линк до колумната овде)