„Милка“ ги мами потрошувачите со чоколадото од 90 гр., пресуди германски суд


Производителот на чоколадо „милка“, „Монделез“, ги крши правилата за конкуренција со ново, потенко пакување, пресуди во средата Регионалниот суд во Бремен.

Американскиот „Монделез“ ја разреди „милка“ така што новото пакување од 90 грама визуелно изгледа речиси исто како старото пакување од 100 грама на кое се навикнати потрошувачите.

Тужбата ја поднесе агенција за заштита на потрошувачите со седиште во Хамбург, во која се тврди дека „Монделез“ ги заведува потрошувачите бидејќи новото пакување со помалку чоколадо од старото се разликува само по дебелина.

Поточно, потенко е за еден милиметар.

„Милка“ е еден од најпознатите брендови на чоколадо во Европа. „Монделез“, чие седиште во Германија е во Бремен, ја отфрла пресудата и може да поднесе жалба.

Во исто време, „денешната пресуда ја сфаќаме многу сериозно и ќе ја проучиме детално“, изјави компанијата како одговор на прашањето на ДПА.

„Без оглед на тоа, ние ќе продолжиме да работиме на јасна комуникација. Инсистираме дека комунициравме и комуницираме транспарентно, сеопфатно и одговорно со сите што ги купуваат нашите производи.“

„Монделез“ нагласи дека масата на спакуваното чоколадо е јасно видлива.

Од друга страна, еден од судиите за време на расправата процени дека спорното пакување е „релативно измамничко“, бидејќи потрошувачите „не можат да ја препознаат разликата“ само со гледање во него.