Мицкоски вели дека власта ја направи ЕСМ загубар, од таму прашуваат дали би ги укинал субвенциите за граѓаните и фирмите


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска обвини дека државната АД ЕСМ од профитабилна компанија станала загубар поради погубните политики на СДСМ, а од енергетската компанија возвратија дека ги субвенционираат сметките на граѓаните за електрична енергија и прашуваат дали партијата на Мицкоски ќе ги остави граѓаните и фирмите да ја плаќаат струјата по пазарни цени.

Според Мицкоски, ЕСМ била профитабилна компанија која што ја оставил со 25 милиони евра депозити во банки и околу 6-7 милиона на сметка без долгови, со исплатена плата, но владата на СДСМ за само пет години успеала да ја направи најголем загубар во Македонија.

„Минатата година од централниот буџет според податоците кои што се јавни и ги има на Отворени финансии (Open Finance) префрлени се околу 200 милиони евра на АД ЕСМ“, вели Мицкоски, додавајќи дека во 2015, 2016 и 2017 година тогашно ЕЛЕМ префрлувало пари на други јавни претпријатија за работниците во тие јавни претпријатија да добијат плати.

„За само пет години го направија најголем загубар бидејќи договараат тендери во четири очи, затоа што крадат на увозот на јаглен и транспортот на истиот, на увозот на мазут и транспортот на истиот, на тендерите и ископ на јаглен и јаловина…“, обвини Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како ја оценува состојбата со енергетиката изминатата година.

Тој вели дека од 7 ноември до крајот на 2022 година АД ЕСМ само за увоз на електрична енергија платило повеќе од 45 милиони евра, а целата 2022 година доби донации од централниот буџет повеќе од 200 милиони евра.

Од АД ЕСМ во писмена реакција на изјавата на Мицкоски, посочуваат дека Владата преку АД ЕСМ ги субвенционира сметките на граѓаните за електрична енергија.

„АД ЕСМ испорачува поевтина електрична енергија кон ‘ЕВН Хоме’ по одлука на Владата, како антикризна мерка со која се субвенционираат сметките за електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи, и сметките за топлинска енергија во градот Скопје“, се вели во реакцијата на АД ЕСМ.

Од таму посочуваат дека средствата во разликата на цените му се надоместуваат на АД ЕСМ преку средства од државниот буџет.

„Со посебни одлуки на Владата АД ЕСМ доби задолженија, надвор од законската обврска, да ги снабдува со поевтина електрична енергија и техничките загуби на ЕВН Електродистрибуција, МЕПСО, училишта, прехранбена индустрија, водостопански комунални претпријатија, болници, витални државни институции итн,“ се вели во реакцијата.

„Се поставува прашањето дали доколку партијата на Христијан Мицкоски дојде на власт, државната политика ќе биде пазарно работење на АД ЕСМ и оставање на граѓаните, институциите и фирмите сами да ја плаќаат електричната енергија по нејзините пазарни цени во услови на енергетска криза, додека државната компанија да остварува профит?“, прашуваат од АД ЕСМ.

Од таму додаваат и дека во периодот кога Мицкоски бил директор на АД ЕСМ, спроведувал набавки на електрична енергија по цени како во сегашната енергетска криза, во време кога криза немало, како и дека финансиски најдобрата година во постоењето на АД ЕСМ беше 2018, која беше завршена со добивка од 29.827.097 евра.

Инаку, од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ денеска преку Фесјбук статус обвинија дека во последните дваесетина дена имало пет испади во енергетскиот систем, посочувајќи ги ТЕЦ „Осломеј“ која била надвор од погон, како и хаваријата на багерот за ископ на јаловина СРС 2000/1 во рудникот Брод Гнеотино.
„Последниот испад на ТЕЦ Осломеј уште еднаш на површина ги извади сите проблеми во енергетскиот систем на Македонија за коишто ВМРО ДПМНЕ веќе подолг период алармира. Ситуацијата со рударско-енергетскиот комбинат е крајно алармантна. Поради ова штети трпи државата којашто е принудена да увезува електрична енергија. Но и граѓаните врз чиј грб паѓаат постојаните испади на блоковите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму ги оспоруваат и податоците за зголемено производство на електрична енергија за 26 отсто. Според партиската комисија за енергетика, вкупното производство лани споредено со 2021 година било поголемо само за 3,67 отсто.