Мицкоски порача од Виена дека Македонија брза напред, не може да ја чека ЕУ
Во овој учтиво спакуван евроскептицизам Мицкоски нагласи дека е потребна Европа што не чека туку дејствува, Европа што не се двоуми туку одлучува
Од позиција на премиер на „трета земја во Европа по успешно спроведени мерки за енергетската криза“, премиерот Христијан Мицкоски од една од најбогатите земји во Европа, од Австрија, ѝ порача на Европската унија дека е подготвен да испорачува резултати и да дејствува, но му треба соодветен партнер – т.е. Европа која не чека, туку одлучува. Впечатокот беше како премиер на економска велесила во Европа, а не на најсиромашната и економски најзаостаната држава, ја учи ЕУ дека заостанува додека ние одиме напред.
Инспириран од средбата со австрискиот канцелар и имењак Кристијан Штокер, тој рече дека разговорите во Виена не биле само технички или само билатерални, дека не биле ни само за инвестиции, туку за тоа каква Европа сакаме да изградиме – Европа што се прилагодува на кризите или Европа што го обликува светот?
Во овој учтиво спакуван евроскептицизам Мицкоски оцени дека инвестициите што доаѓаат во Македонија ги гледа како двигатели на промените, а Австрија е една од ретките земји со кои таа визија може да ја претвори во партнерство.
„Има моменти кога Европа мора да избере дали ќе реагира или ќе води. Денес сме токму во таков момент. Време кога треба да се преиспитуваме, кога сигурноста не се подразбира, кога енергијата станува политика, а таа заедно со економијата се претвораат во опстанок. Затоа, разговорот за економијата, трговијата и инвестициите е техничка тема, но и длабок разговор за тоа каква Европа сакаме да изградиме. Oва е време кога зборовите имаат помала тежина од одлуките, а декларациите тежат толку колку што сме подготвени да ги спроведеме“, рече тој, практично упатувајќи отровни стрели за проширувањето кон Брисел. Па, додаде:
„Ние не бараме само странски инвестициски партнер, бараме заедничка визија каде ќе бидеме за десет години. Не сакаме само да ја одржуваме соработката, сакаме да ја подигнеме на повисоко ниво… Енергетската транзиција е тест за сите, а за нас е и шанса да изградиме економија посилна од кризите и подготвена за иднината. Но, таа може да се реализира само со Европа што не чека туку дејствува, Европа што не се двоуми туку одлучува, Европа што не се плаши од конкуренција туку ја создава“, рече Мицкоски.

Според неговата проценка, ние сме подготвени за тоа, да работиме, да носиме одлуки и да испорачуваме резултати што ќе траат подолго од една криза, од еден мандат и од една генерација, поставувајќи го сето тоа како прашање на заедничка одговорност.
Запрашан конкретно кои ќе бидат следните чекори за да се деблокираат преговорите со ЕУ откако Бугарија избра нова политилчка гарнитура, Мицкоски ги повтори добро познатите барања – добивање гаранциите за националниот идентитет, дека нема да се отвораат други билатерални прашања во процесот на преговори и решавање на проблемот со непризнавањето на македонската заедница во Бугарија.
Австрискиот канцелар, пак, апелираше да не дозволиме да го изгубиме овој геополитички момент и од земја пример за регионот да останеме надвор од процесот на проширување.
„Вашата земја беше пример за целиот регион долго време и не сакаме овој напредок да се изгуби. Австрија и понатаму ќе биде еден од најголемите поддржувачи на вашиот пат кон ЕУ. Патот кон ЕУ е вистинскиот пат, оној што води кон трајна стабилност и просперитет“, порача Штокер на заедничката прес-конференција.

Тој наедно нагласи дека пристапувањето мора да биде крајната цел на процесот и истите правила мора да важат за сите кандидати – без брзи и без скратени патеки, и го поддржа процесот и побара исполнување на условите. Геополитичките влијанија и незвесноста, според него, имаат големо влијание, поради што е многу важно да не се изгуби од вид Западен Балкан, особено не сега.
„Проширувањето на ЕУ е најсилниот и најефикасниот инструмент за мир, безбедност и просперитет. Шесте држави од Западен Балкан се парчињата што недостасуваат во европскиот мозаик. Тука не станува збор само за алтруизам и личен интерес, туку и за проширување на европската безбедносна мрежа во нашето непосредно соседство. За да го унапредиме успешниот проект за проширување на ЕУ, сите треба да ги исполниме потребните задачи.
Решението нема да дојде однадвор, ниту од Брисел, ниту од Виена. Време е да ги оставиме зад себе различните гледишта и да преземеме геополитичка одговорност за доброто на нашата заедничка Европа. Овие дискусии не се одвиваат во вакуум. Агресијата на Русија врз Украина драматично го промени геополитичкиот пејсаж. Оваа ситуација остави влијание и врз Западниот Балкан. Затоа, најдобро ќе биде цврсто да се закотват Северна Макоднија и целиот регион во нашето семејство – ЕУ. Сега е моментот да размислуваме и да делуваме стратешки, не само за Северна Македонија, туку за целиот регион. Регионот не може да дозволи да го пропушти овој геополитички момент“, нагласи австрискиот канцелар.

Тој сепак порача дека главна тема била економската соработка.
„Нашите две земји се тесно поврзани, имаат извонредни билатерални односи на политичко, економско и културно ниво, а дополнително се зајакнати од одлично интергираната македонска дијаспора која брои 27.000 луѓе кои го збогатуваат културниот живот во Австрија. Важно е нашето парттнерство да го прошириме со нашата визија за европската иднина што е од заеднички интерес. Тоа истото важи и за економската сфера.
Горд сум што Австрија е најголемиот странски инвестирот со вкупно 1,3 милијарди евра инвестиции. И ние имаме полза од вашиот раст, парнетрството е од заеднички интерес. Над 50 австриски компании се присутни во Северна Македонија и вработуваат повеќе од 9.000 луѓе, главно во енергетиката, упрваувањето со отпад, банкарство, трговија, градежништво“, напомена австрискиот канцелар.
Потсети и дека земјава, заедно со другите држави од регионот лани се приклучи кон СЕПА и воспостави поефикасни системи за гранична контрола.
„Високи претставници на бизнисот од двете земји ќе имаат директни разговори, а нашата задача како шефови на влади е да отвориме врати низ кои ќе поминат компаниите“, подвлече Штокер кој оцени и дека Северна Македонија е високо ценет партнер во ограничувањето на нелегалната миграција. (Н.В.)