Мицкоски и Заев знаат што е консензус


ЕРОЛ РИЗАОВ 

Кога тогаш, ќе има избори, или во јуни, или во јули, или во септември, може и во октомври, најдоцна до декември. Ако нема вакцина, а има нов бран на пандемија, може и догодина во некое прикладно време

(Колумна за Дојче веле)

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како осведочен демократ и одговорен политичар приреди светска промоција на најновата дефиниција што е тоа консензус. Со голем демократски исчекор напред тој многу јасно и пежоративно им објасни на колегите на третата јалова лидерска кавга кај претседателот на државата Стево Пендаровски, а веднаш потоа и на јавноста, дека тоа е внатрепартиски договор во ВМРО-ДПМНЕ кога е најповолно да се одржат парламентарните избори.

И Зоран Заев, лидерот на СДСМ, знае што е консензус. Тој покажа нагледно дека ако нема заеднички договор за датум на избори во јуни тогаш, вели, има закон. Изборите  ќе се одржат на 21 јуни. И точка. Добро де… може и на 28 јуни. Ете, како што гледате и двајцата претседатели на најголемите политички партии знаат што е консензус и што е закон. Значи, немаме проблеми, кога-тогаш ќе има избори, или во јуни, или во јули, или во септември, може и во октомври, најдоцна до декември. Ако нема вакцина, а има нов бран на пандемија, може и догодина во некое прикладно време. Дотогаш ќе проследиме едно 25 лидерски средби кај претседателот на државата на тема кој е повиновен што останавме без преговори со ЕУ и во длабока економска криза и сиромаштија.

Д-р Венко Филипче ќе држи и натаму секој ден конференции за медиумите колку има новозаболени, излечени, тестирани и починати. Луѓето ќе останат дома и без полициски час, оти и онака ќе нема зошто да излезат од дома, а министерот Наќе Чулев, што ја продолжува традицијата на ВМРО во МВРО, ќе остане без работа.

ВМРО-ДПМНЕ нуди идеални датуми

Затоа, најдобро решение е консезуалниот договор подготвен во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нуди повеќе можности за избор на идеален датум за избори. Првата понуда на Мицкоски за средината на јули веќе не важи. Тој великодушно ја повлече како неповолна. Овојпат поповолни датуми за избори се кон крајот на август, или почетокот на септемви, а може и октомври. Ако не го прифатат другите политички партии, тогаш нема консензус, нема ни кредибилни избори. Нема да бидат веродостојни и фер кога и да се одржат ако ВМРО-ДПМНЕ загуби. Па така, заеднички договор значи кога ВМРО-ДПМНЕ ќе каже дека може да се оди на избори, тогаш и да се одржат.

Примената на законот во тој случај изборите да се одржат 22 дена по престанок на вонредбата состојба, односно по веќе изминатите 35 дена од распишувањето на изборите до нивното прекинување е ултиматум, уцена и агресија врз демократската определба на ВМРО-ДПМНЕ. Според пресметките на Мицкоски и неговиот сопартиец Оливер Деркоски, претседателот на ДИК, за да се ажурираат списоците и да се подготват изборите потребни се уште нови 50 до 60 дена, или вкупно некаде околу 85 до 95, уште поточно до 125 дена од распуштањето на парламентот на неодредено време за да се организираат избори. Но, по последните пресметки и тоа не е доволно, па така, според последната консензуална понуда, најдобро е тие да се одржат негде  септември – октомври, а во зависност од жестината на кризата може и подоцна.

Што ќе прави кутра Македонија…

Зошто мислам дека е ова голем демократски исчекор на ВМРО-ДПМНЕ? Прво, затоа што во тоа се гледа голема грижа за здравјето на граѓаните. ВМРО со тој несебичен чин жртвува цели три до шест месеци месеци, па и подолго да остане во опозиција, бидејќи кога и да се одржат изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, па така наместо во јуни да формира влада и да биде премиер, Мицкоски ќе почека до септември–октомври-декември, или идната година. Мицкоски ги дава гратис овие три до шест месеци на СДСМ да владее, бидејќи не сака да биде премиер ако само еден човек почине од корона вирусот заради изборите.

Мицкоски тоа го кажа со длабоки хумани чуства во повеќе прилики стотина пати. Кога некој иста работа повторува сто пати треба да му се верува, оти така лагата станува вистина, а сочувството со својот народ се банализира. Да ви кажам искрено, многу стравувам ако некој почине во септември-октомври од корона вирусот при добиени, а неодржани избори, што ќе прави дури тогаш кутра Македонија ако Мицкоски не стане премиер.

Второ, ВМРО-ДПМНЕ во сите досегашни вонредни и предвремени избори не нудеше никаков консензус, ниту договор со политичките противници. Едноставно го распушташе Собранието со 61 глас и без проблеми одеше на избори кога сака. По сила на изборниот закон. Сега се нуди договор со јасно наброени временски термини. Разликата е во тоа што тогаш датумот го одредуваше Никола Груевски, кога тој мисли дека е најдобро да се оди на избори, а сега тоа истото го нуди Мицкоски со консензус и заеднички договор кога тој сака. Тоа е навистина голем напредок.

Што правиме со последиците до септември, октомври, ноември… ако Македонија нема политичка влада и нема парламент? Тоа, се разбира, веќе не е проблем на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ. За вкупните состојби во државата најодговорна е владата. Во суштина и зад ова се крие голема отстапка на ВМРО-ДПМНЕ во полза на СДСМ. Како конструктивна опозиција таа не сака со бесконечни дискусии и блокади во парламентот да ѝ попречува на власта во носењето на уредби со законска сила во вонредна состојба. Подобро е да биде присутна и во владата, но и во опозиција.

А, ако се врати Заев за премиер без избори?

Замислете каков дебакл би бил да се врати распуштениот парламент и политичката влада и премиерот Зоран Заев. И, згора на тоа, во меѓувреме да почнат преговори со ЕУ и со меѓувладина седница со Брисел која ќе ја предводи Заев. Па тоа би било неподносливо. Ем Заев да се врати, ем преговори со ЕУ,  ем членство во НАТО. Па згора на тоа, ако стаса некоја поголема финансиска помош од европските фондови за надминување на економската криза и да се најадат одржливи решенија со Бугарија, а во сето тоа да не земе учество ВМРО-ДПМНЕ, како при членството во НАТО и Договорот со Грција, е тоа веќе ги урива сите стратегии на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не смее да се дозволи да дојде до таков успех. Тоа во Македонија е непростливо.

Значи, не е во прашање здравјето на граѓаните, туку битката за власт, колку и да се колнат нашите политичари дека тоа им е најважно. Партиските пропагандисти секој ден ни нудат статистики дека 100 починати во Македонија е полош резултат од 20.000 починати во големите држави оти тоа во науката се есапело на милион жители. Или се прават наудрени, или не знаат да разликуваат што е здравствена статистика, а што број на заболени и починати луѓе.

Во ВМРО-ДПМНЕ пресметале дека што полоша е ситуација во земјата и со корона вирусот и со економијата, толку изгледите за победа се поголеми. И луѓето работат на тоа мактрпно, врз основа на тоа нудат конснзус за датумот на избори кога кризата ќе го зададе најсилниот удар.

Во СДСМ пресметале обратно – што побрзо избори, толку поизгледно да се надмине економската и политичката криза, побрз почеток на преговори со ЕУ што гарантира победа на изборите. Ако нема заеднички договор, има закон.

Останува уште граѓаните да дознаат што е консензус.

(Линк до колумната овде)