Меркел и компромисот со популистите


ИВАН КРАСТЕВ

Либералните критичари го гледаат компромисот со лидерите на Унгарија и Полска како предавство на проевропските сили во овие земји. Дали е тоа така?

 

Филозофот Авишаи Маргалит е роден во 1939 година, на почетокот на Втората светска војна, и поголемиот дел од животот го живеел во Израел, земја која отсекогаш егзистира помеѓу војната и мирот. Дека вредноста на политичкиот компромис отсекогаш го окупирала размислувањето на професорот Маргалит не треба да изненадува. Тој е прогонува од тоа како политичкиот компромис станува чин на политичка зрелост и морална одговорност и под кои услови станува морално неприфатлив.

Убедувањето на г. Маргалит беше дека во едно либерално општество „компромисот“ не може да биде валкан збор. Но, напиша тој, „скапаниот компромис“ може да го уништи либералното општество. „Ние треба да бидеме оценувани повеќе според нашите компромиси отколку според нашите идеали и норми“, напиша еднаш. „Идеалите може да ни кажат нешто важно за тоа што сакаме да бидеме. Но, компромисите ни кажуваат кои сме“.

Како големиот морален филозоф би можел да ѝ суди на германската канцеларка Ангела Меркел врз основа на компромисот што го постигна со премиерите Виктор Орбан од Унгарија и Матеуш Моравиецки од Полска на последниот европски самит? Дали ова беше компромис или скапан компромис?

Неколку недели пред самитот на Европскиот совет, владите на Полска и Унгарија се заканија дека ќе стават вето на договорениот буџет на Европската унија и фондот за обновување од 1,8 трилиони евра доколку Европската комисија не го повлече својот план за условување на исплатата на буџетот со придржување кон норми и принципи на владеењето на правото.

Дваесет и пет од 27 членки на Европската унија го поздравија условот на владеењето на правото како гаранција дека парите на европските даночни даночни обврзници нема да ги полнат џебовите на владините пријатели. Но, Унгарија и Полска сметаа дека договореното „нема владеење на правото, ниту ЕУ механизам за пари“ е кршење на нивниот национален суверенитет и кршење на ЕУ договор.

Оставени како сираци по поразот на Доналд Трамп во САД, полските и унгарските десничарски лидери пристигнаа на самитот облечени во самоубиствени појаси. Тие се заканија дека доколку нивните барања не се послушат ќе го блокираат буџетот и ќе ја парализираат Европската унија во критичен момент во услови на пандемија и економски колапс.

Во последниот чин на драмата, Варшава и Будимпешта го повлекоа своето вето. Постигнатиот компромис беше дека механизмот за владеење на правото ќе се одржи, но тој нема да стапи во сила пред 2022 година, година на следните парламентарни избори во Унгарија.

Многу лидери на граѓанското општество ја повикаа г-ѓа Меркел да не прави компромис. Историчарот Тимоти Гартон Еш тврди: „Ако успее оваа бесрамна уцена, популистичките, ксенофобични, националистички владејачки партии во Унгарија и Полска ќе можат да продолжат да прават што сакаат, и за тоа ќе бидат платени великодушно и, во добра мерка, гризејќи ги германските и холандските раце што ги хранат“. Анкетите за јавното мислење покажаа дека и мнозинството Полјаци и Унгарци се спротивставуваат на ветото на нивните влади.

За либералните критичари на г-ѓа Меркел, нејзиниот компромис со унгарските и полските лидери е амблематичен за сè што е проблематично со Европската унија: недостаток на визија, фокус на опстанок и брутален реализам. Тоа е како предавство на проевропските сили во Полска и Унгарија.

Дали г-ѓа Меркел навистина погреши проценувајќи дека давањето пари на оние што се мачат да бидат Европејци среде катастрофалната криза во јавното здравство е подобар начин за одбрана на европските вредности отколку лишувањето на нелибералните влади од европските фондови?

Меркел и Орбан пристигнуваат на самитот на европските лидери во октомври

Моето чувство е дека професорот Маргалит би имал повеќе симпатии кон одлуката на германската канцеларка отколку кон нејзините критичари. Компромисите, дури и кога се помалку од скапани, никогаш не можат да бидат триумф на принципите. На крајот на краиштата, блокирањето на европскиот буџет кога Велика Британија се чини дека треба да ја напушти Европската унија без договор, можеше да резултираше со нов бран евроскептицизам што би го загрозил самиот опстанок на Европската унија.

Со договорот, г-ѓа Меркел испрати силен сигнал до обичните Европејци дека солидарноста е важна кога е најпотребна – и ја открива празнината на реториката за суверенитет што доаѓа од Варшава и Будимпешта. Единственото нешто за што навистина се грижат тие влади, сега е јасно, е останување на власт.

Многу либерали сметаат дека компромисот на г-ѓа Меркел е победа на нелибералните сили во Европа. Тие не се во право. Полската влада едвај преживеа откако една од политичките партии во владината десничарска коалиција го прогласи компромисот за „предавање“. Во Унгарија, провладината пропаганда го прогласи договорот за успешен, но неодамнешните и многу оспорувани измени во изборниот закон насочени кон поделба на опозицијата се јасен знак дека за прв пат по една деценија реизборот на г-дин Орбан не треба да се зема здраво за готово.

Политиката на компромис е како сумо, древниот јапонски спорт, каде што победувате не со уништување на вашиот непријател, туку со негово истуркување од рингот.

Во годините пред нас ќе можеме да утврдиме дали компромисот на г-ѓа Меркел беше благороден или непромислен. Не е одбивањето да се прават какви било компромиси, туку можноста да се направи разлика помеѓу компромис и „скапан компромис“ што е во срцето на секоја либерална политика.

(Иван Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии, постојан соработник на Институтот за човечки науки во Виена и автор на книгата што наскоро треба да се појави: „Дали утрешнината е веќе овде: парадоксите на пандемијата“. Колумната е објавена во „Њујорк тајмс“)