„Меморија“ со концерт на 23 октомври во арената „Јане Сандански“


Членовите на групата „Меморија“ денеска на прес-конференција го најавија концертот што ќе се одржи на 23 октомври во арената „Јане Сандански“. 

Концептуално најавуваат дека овој концерт ќе биде поразличен и ќе значи од историја до меморија, бидејќи на самиот концерт ќе се свири историјата на македонската рок музика, односно најзначајните моменти од неа. 

На концертот освен песните на „Меморија“ ќе биде изведено се она што ги одбележало моментите на македонскиот рок од рани шеести до средни седумдесетти, па се до моментот кога е настаната „Меморија“, во вид на аудио-визуелна приказна. 

Како гости на концертот беа најавени музички претставници од тоа време. Дел од нивниот концерт ќе биде посветен и на Тоше Поп Симонов и ќе бидат изведени и негови хитови.

Беше споделена и информација и за документарниот филм посветен на македонскиот рок-енд-рол, којшто веќе се снима од минатата година и што се планира во 12 епизоди ќе се прикажува на Националниот сервис.

На прес-конференцијата присуствуваа познати музички имиња како Јане Коџобашија, Мики Јовановски Џафер, Гранит Таки, членови на Биз Бес…