Австрија полуде за Евровизија, гледаноста силно порасна
Виена – Првото полуфинале на Евровизискиот натпревар за песна 2026, синоќа, во Wiener Stadthalle, постигна највисока гледаност во Австрија од 2015 година, кога земјата последен пат беше домаќин на натпреварот. Големиот интерес на публиката уште еднаш го потврди статусот на Евровизискиот натпревар како еден од најголемите телевизиски настани во годината, пишува Eurovoix.
Емитувањето на првата полуфинална вечер на ORF 1 го гледаа во просек 622.000 гледачи, што е за 330.000 повеќе од минатата година.
Евровизискиот натпревар постигна 30 проценти удел во гледаноста и беше најгледаната програма на денот на ORF 1. Програмата посветена на натпреварот се емитуваше од 17:55 до 23:22 часот.
Иако бројките за оваа година не ја надминаа гледаноста од 2015 година, кога првото полуфинале го гледаа 803.000 луѓе, тоа беше најдобриот резултат во Австрија во последните 11 години.
Голем интерес и во други земји
Голем број гледачи беше забележан и во други европски земји.
Во Германија, емитувањето го гледаа 920.000 гледачи, со удел во гледаноста од 5,2 проценти. Во Грција, Евровизискиот натпревар го гледаа 994.000 луѓе, со импресивен удел од 37,7 проценти, додека во Холандија, емитувањето го гледаа 767.000 гледачи.
Австрија го затвора големото финале
Ждрепката одлучи дека австрискиот претставник Космо ќе настапи во големото финале на 16 мај под бројот 25. Интересно е што Австрија ќе го затвори натпреварувачкиот дел од вечерта втора година по ред.
Австрија дебитираше на Евровизискиот натпревар во 1957 година, претставувана од Боб Мартин, кој заврши на последното место со три поени. Првата победа на земјата ѝ ја донесе Удо Јиргенс во 1966 година со песната Merci, Chérie.
Потребни беа речиси половина век за уште една победа, сè до 2014 година, кога Кончита Вурст ја освои Европа со песната „Rise Like a Phoenix“, победувајќи со вкупно 290 поени.
Третиот триумф на Австрија дојде во 2025 година, кога Џеј-Џеј освои 436 поени со песната „Wasted Love“.