Марта Кос ги наброја Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија како земји кои одат напред. Македонија никаде ја нема
Веќе втор пат оваа недела еврокомесарката за проширување, Марта Кос, воопшто не ја спомена Македонија како држава која е на патот кон ЕУ и сето внимание го насочи кон Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Македонија, така е оставена во групата со Србија (која има големо назадување) и Босна и Херцеговина, која треба самата да си разјасни многу работи околу интеграцијата во ЕУ.
Во понеделникот Кос учествуваше во таканаречен Структурен дијалог за проширувањето во Европскиот парламент, при што ги наброја земјите кои напредуваат на патот кон ЕУ и тие што не напредуваат, но ниту во една од тие две групи не ја спомена Македонија, иако го спомена дури и Косово и можната кандидатура на Исланд. Како Македонија да не е во никаква агенда.
Кос вчера одржа состаноци на високо ниво во Грција, од каде што доби гаранции за поддршка на овој процес.
„Грција е важен партнер во проширувањето на Европската унија, ограничено на неколку земји-кандидатки. Во Атина со премиерот Киријакос Мицотакис разговарав за неодамнешните позитивни случувања во Црна Гора, Албанија, Украина, Молдавија, како и за патот на проширување кон Европската унија за Западен Балкан“, рече Марта Кос.
Посветеноста на Грција кон регионалната интеграција ја потврди и министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, за време на средбата во Атина со Кос.
„Грчката влада е многу посветена на процесот на проширување, особено во Западен Балкан, и ќе игра клучна улога во поттикнувањето на напредокот за време на нејзиното претседателство со Советот во клучен момент следната година“.
Мицотакис на средбата со Кос изјави дека „две од земјите-кандидатки се директни и географски соседи на Грција, а со сите нив имаме многу силни врски, па затоа имаме силен интерес да го закотвиме Западен Балкан кон Европа. И сигурен сум дека во овој поглед, нашата агенда е целосно усогласена“.
На ова Кос одговори со донесената одлука да почне да се подготвува договорот за пристапување на Црна Гора: „Вчера, по речиси 17 години, за прв пат, беше формирана работната група за проширување или за пристапниот договор за Црна Гора. Ова е само првиот чекор, но ја покажува посветеноста од земјите-членки и, секако, од Црна Гора, а исто така и од Европската комисија“.