„Марш за ангелите“ за прв пат во Виница

Неверојатно е како во оваа држава секој знае што не направил ама никој не чувствува одговорност за последиците, велат ужалените родители на жртвите


На 43. протестен „Марш за ангелите“ што денеска за прв пат се одржа во Виница родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ рекоа дека институциите и понатаму ја туркаат приказната дека „клучна причина“ за смртта на 63-те жртви  е јаглерод моноксидот, но, според нив, останува фактот дека кај една третина од жртвите е утврдено присуство на водороден цијанид над граничните вредности.

-Значи ако не бил кај сите, тогаш не е важно што бил кај една третина? По таа логика, веројатно и токсичниот материјал не е проблем ако не убил баш секого подеднакво брзо. Факт е дека водородниот цијанид е екстремно токсичен гас кој во услови на пожар може драматично да ја забрза смртта, особено во комбинација со чад, висока температура и недостаток на кислород. Токму затоа, кај дел од жртвите кај кои се утврдени ниски вредности на карбоксихемоглобин, сосема оправдано се поставува прашањето дали без присуството на цијанид, постоела реална можност дел од нив да преживеат или да имаат повеќе време за евакуација и спасување. И тука тежината на одговорноста станува уште поголема. Ако токсичниот чад од полиуретанскиот сунѓер ја забрзал смртта, тогаш ова не е само последица на пожар, туку и последица на години дозволено вградување, толерирање и непостапување. Дополнително, сериозно загрижува фактот што анализите за цијанид биле правени приближно една година по обдукциите, бидејќи ако и после една година, во примероци што стоеле замрзнати, сѐ уште се пронаоѓаат вредности над граничните, тогаш прашањето е колкави биле тие концентрации во моментот на смртта, рече Тања Коцева, мајка на починатата Ана од Виница.

Родителите сметаат дека одговорноста за последиците од трагичниот пожар во кочанската дискотека не запира кај сопственикот на објектот, туку имплицира и прашање за директна одговорност на институциите што требало да вршат контроли.

-Каде биле инспекторите на Дирекцијата за заштита и спасување, чија законска должност е да проверуваат противпожарна безбедност и опасни материјали? Каде биле градежните инспектори кога во објектот се вршеле интервенции, пренамени и вградување токсични и леснозапаливи материјали? Каде биле инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, кои требало да утврдат дали објектот воопшто ги исполнува условите за работа? Каде бил Државниот инспекторат за труд, кој имал обврска да контролира безбедност и заштита при работа во објект полн со луѓе? И најважно — како е можно со години никој од нив да не констатира дека во затворен јавен објект има полиуретански сунѓер кој при пожар испушта смртоносен водороден цијанид? А денес? Денес речиси секој си ги набројува обврските што не ги исполнил, но секогаш со ист изговор: „не добил наредба“, „не бил надлежен“, „друг требало да постапи“, „не му било во опис на работа“. Неверојатно е како во оваа држава секој знае што не направил ама никој не чувствува одговорност за последиците, истакна Коцева.

Протестниот „Марш за ангелите“ денеска започна од плоштадот „Ангел Винички“ во Виница, луѓето потоа  се движеа низ централните улици во градот до полициската станица, а маршот заврши повторно на плоштадот во Виница.