Автопатот Кичево – Охрид: Авантура тешка една милијарда долари
Автопатот почна да се гради во 2014. Требаше да се заврши за четири години за 374 милиони евра. Ништо од тоа не испочитувано поради лошото проектирање
Автопатот што треба да ги поврзе Кичево и Охрид не е најдолгата патна делница во земјава, а уште помалку во регионот, но веќе сега го има епитетот на една од најдолгите инфраструктурни авантури. Досега овој проект има „поминато“ најмалку пет владини состави, почнувајќи од оној во 2013 година под палката на тогашниот премиер Никола Груевски, потоа неговиот наследник Емил Димитриев, потоа, во 2017 година Владата предводена до Зоран Заев, а по неговото повлекување од политиката во 2022 година, на Димитар Ковачевски и сегашната на чие чело е актуелниот премиер Христијан Мицкоски.
Токму Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски го дадоа последниот рок за конечно ставање на автопатот во употреба – првиот квартал идната година, кој сепак, е пречекорување во однос на претходните нивни „гаранции“ дека автопатот „сигурно“ ќе биде завршен до крајот на 2026 година.
Но, што се неколку месеци, или еден или два квартали повеќе во однос на речиси деценија и пол, колку што се работи на трасата. Сега сите погледи се насочени кон можноста од Кичево до Охрид да се патува брзо и безбедно, иако не се забораваат ниту неколкукратно зголемените трошоци и пролонгирања, за кои има конкретни податоци. За упропастените автомобили во изминатите повеќе од една деценија „труцкање“ по постојниот пат, кој на места повеќе наликува на градилиште, отколку на магистрален пат, и за сообраќајките поради лошите услови и немањето соодветна сигнализација, никој од надлежните не зборува. А, во конечните трошоци би требало да се ставаат и овие ставки.
Она што е симптоматично, е што и денес, на помалку од една година од пуштањето во употреба, нема цврста гаранција дека рокот ќе се испочитува.
Премиерот Мицкоски вчера одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали активно се работи на патно поврзување на Кичево, изјави:
„Пред некој ден со новинарите имавме посета на градежните активности на автопатите Гостивар-Букојчани и Кичево-Охрид. Повеќе од една милијарда се инвестира во оваа патна делница и очекувам делницата Кичево-Охрид да биде завршена некаде, еве најдоцна да речеме, првиот квартал од следната година“, рече премиерот Мицкоски.
Министерот за транспорт, Александар Николоски, во неколку наврати го посочи истиот термин, а во едно од интервјуата неодамна рече дека автопатот физички ќе биде завршен до крајот на оваа година, но пуштањето во употреба ќе се случи во првиот квартал идната година, а неколкуте месеци разлика ги објасни со потребата да се завршат сите формалност за добивање употребна дозвола, нешто што за многу постојни патни делници во земјава се уште недостасува.
Но, како се одвиваше авантурата наречена автопат Кичево – Охрид?

Еве една мала ретроспектива за изградбата на оваа автопатската делница со должина од 57 километри, која е дел од Паневропскиот Коридор 8, која е најдолготрајниот инфраструктурен проект во историјата на земјата.
Првично беше проценет на 374 милиони евра, но проектот претрпе многубројни одложувања, технички грешки и анекси кои ја зголемија цената на 780 милиони евра или речиси една милијарда долари.
Комплетната хронологија на клучните настани и рокови се одвива на следниот начин:
ПОЧЕТОК И ПРВИЧНИ ПЛАНОВИ (2013 – 2018)
Октомври 2013 година: Собранието го усвои Законот за реализација на автопатот.
Финансирањето беше обезбедено со кредит од кинеската Ексим банка (85%) и буџетски средства (15%), а за изведувач е избрана кинеската компанија „Синохидро“.
Февруари 2014 година: Официјално започнуваат градежните работи кај кичевското село Извор. Првичниот рок за завршување на автопатот беше четири години, односно февруари 2018 година.
2017 – 2018 година: Проектот наидува на огромни технички проблеми. Откриени се сериозни пропусти во првичната проектна документација – погрешно зацртани траси, непредвидени свлечишта и неиспитани геотехнички косини. Првиот рок е пробиен, што доведе до низа од анекси и технички препроектирања (2018 – 2024)
Ноември 2018 година: Потпишан е третиот анекс на договорот. Рокот за изградба е пролонгиран до 31 декември 2021 година, со цел да се санираат косините и да се препроектираат делови од трасата.
Ноември 2019 година: Вредноста на проектот официјално се искачува од 374 на 598 милиони евра поради дополнителни непредвидени работи и нови клучки.
Декември 2021 година: Поради пандемијата со Ковид-19 и бавната динамика на терен, рокот повторно се продолжува со нов анекс до 31 декември 2023 година.
Јануари 2024 година: Патот не е завршен во ветениот рок. Градежниот институт и експертите укажуваат на „десетгодишно мачење“ предизвикано од лоша администрација и лоши технички решенија. Собранието го продолжува рокот до 31 декември 2024 година, со ветување дека цената нема да надмине 598 милиони евра.
ФАЗА НА ДЕЛУМНО ПУШТАЊЕ ВО СООБРАЌАЈ И НОВИ ДОЦНЕЊА (2025)
Јули 2025 година: По долги одложувања, за сообраќај пуштени се првите 20 километри од автопатот на потегот од Врбјани до Ботун.
Декември 2025 година: Се јавуваат дополнителни геомеханички проблеми со теренот. Владата најавува итна изградба на 14 армирано-бетонски галерии (покриени усеци) за заштита на возилата од нови свлечишта на најтешките делови од трасата.
ТЕКОВЕН СТАТУС И ФИНАЛНИ РОКОВИ (2026 – 2027)
Февруари 2026 година: Собранието го изгласува осмиот анекс на договорот со кој цената на автопатот драстично се зголемува за дополнителни 186 милиони евра (со што вкупниот буџет надминува 784 милиони евра). Нов официјален рок за завршување на градежните работи е средината на следната година.
Април 2026 година: Кинеската Ексим банка го прекинува финансирањето. Државата наоѓа алтернативно решение преку домашен банкарски синдикат составен од пет домашни комерцијални банки за да се обезбедат потребните средства.
Мај 2026 година: Според изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и министерот Александар Николоски, комплетно се завршени и во функција 34 километри од патот. Најавено е дека изградбата влегува во својата финална фаза, при што автопатот се очекува да биде целосно завршен и пуштен во сообраќај најдоцна во првиот квартал од 2027 година.
Инаку, во законските измени кои беа донесени во Собранието во февруари годива со кои се овозможи потпишувањето на осмиот анекс на договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид и со кој се предвидоа дополнителни 186 милиони евра, рок за завршување на градежните работи е до јуни идната година.
Автопатот Кичево – Охрид е најдрастичниот пример, но не е единствениот за кој биле пробиени роковите и финансиската конструкција.
На пример, автопатот Миладиновци – Штип (дел од Коридорот 8) во должина од 47 километри започна да се гради во истиот период со Кичево – Охрид (почетокот на 2014 година). Иако беше градежно завршена кон крајот на 2018 година, поради административни пропусти, технички нецелости и проблеми со свлечишта, официјално беше пуштена во сообраќај дури во мај 2019 година (речиси 5 и пол години градба).
Автопатот Демир Капија – Смоквица (дел од Коридорот 10) долг 28,2 километри започна во септември 2012 година, а речиси целосно беше завршен во 2016 година, но поради доцнење на дислокацијата на далноводи, изградбата на контролниот центар и безбедносните системи во тунелите, свечено беше пуштена во употреба дури во април 2018 година (6 години од почетокот).
Експресниот пат Градско – Прилеп (преку Плетвар): Иако не е со профил на автопат, овој проект стана синоним за инфраструктурен застој во државата. Изградбата на трите клучни фази (Градско – Дреново, Дреново – Фариш и проширувањето на Плетвар) со прекини, раскинувања на договори со изведувачи и повторни тендери трае веќе повеќе од 9 години (од почетокот на првите подготвителни градежни работи во 2016 година) и фазно се привЕдува кон крајот.
Како главни причини за енормното доцнење најчесто се посочуваат лошите и застарени геодетски и урбанистички проекти, појавата на свлечишта и одрони, процесот на експропријација кој е долг, како и чести промени на изведувачите и подизведувачите.
Во светски рамки, пак, како автопат кој официјално се смета дека се градел најдолго е Транссибирскиот автопат (Trans-Siberian Highway) во Русија, чија изградба во континуитет траеше дури 66 години.
Неговата изградба започна во далечната 1949 година, а овој огромен патен систем беше целосно и комплетно асфалтиран дури во 2015 година. Главен предизвик за ваквиот екстремно долг рок беа суровите сибирски зими, огромните пространства со вечен мраз и преминот преку екстремно изолирани територии.
И, има уште една „мала“ разлика во однос на нашата домашна автопатска приказна: Транссибирскиот автопат се протега на 11.000 километри од Санкт Петербург до Владивосток. Патот е втор најдолг национален автопат во светот.