„Левица“: Кој го штити „Орфеј травел?!
Скандалот со туристичката агенција „Орфеј Травел“ е уште еден доказ дека во Македонија со години може неказнето да се вршат измами врз граѓаните, додека институциите молчат и не преземаат ништо, се посочува во соопштението од ПП „Левица“.
Според сведоштвата на оштетените граѓани кои секојдневно пристигнуваат до Левица, станува збор за сериозен и долгогодишен модел на измама. Патници уплаќале големи суми за аранжмани и патувања кои никогаш не се реализирале, а туристи останувале буквално на улица бидејќи агенцијата не го платила нивниот хотелски престој. Голем број граѓани добивале непостоечки резервации, а по откажувањето на летовите и патувањата останувале без поврат на средствата.
Сопственикот Робертино Трајковски, според оштетените, по извршените уплати прекинувал контакт, не одговарал на телефонски повици и избегнувал било каква одговорност и рефундирање на средствата.
Дополнително, загрижува фактот што институциите како, Министерство за култура и туризам, Министерството за внатрешни работи, Министерство за економија, Државниот пазарен инспекторат, Основното јавно обвинителство, Туристичката комора и останатите надлежни институции со години само паушално најавуваат дека ќе преземат дејствија, додека во пракса си ја префрлаат одговорноста едни на други и не преземаат ништо конкретно. Уште пострашно е што оштетените граѓани од претседателот на Туристичката комора, Аркан Керим, добиле одговор дека „самите си се виновни“. Во меѓувреме, агенцијата продолжува да измамува граѓани и да предизвикува нови штети.
Левица бара итно пронаоѓање и приведување на одговорните, целосно расчистување на сите случаи досега и проверка кој дозволил оваа агенција да продолжи да работи и покрај сите сомнежи и пријави од граѓаните. Потребно е и итно замрзнување на имотот и сметките, со цел оштетените граѓани да имаат можност за обесштетување.