СДСМ објави нова бомба за 93 тендери вредни 18 милиони евра за Мастеф .ВМРО вели дека таа е омилена на СДСМ


Додека владата нема пари за повисоки плати, нема пари за пензии ниту за мерки за граѓаните во криза фрчат тендери со милионски суми за едни исти фирми блиски до ВМРО-ОКГ. Шемата е добро позната и разработена. Ова е корупциски систем во кој едни исти фирми добиваат сè. На локално ниво. На централно ниво. Во институциите, општините, сите раководени од кадри на ВМРО-ОКГ, изјави денеска на прес-конференција Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, стои во партиското соопштение.

„Така се испумпуваат парите на народот, бездушно.

Денеска АКТ на СДСМ открива нов скандал.  Нова омилена фирма на ВМРО-ОКГ. 

Фирмата МАСТЕФ ДООЕЛ, блиска до власта, добила дури 93 тендери.

Вкупната вредност? Над 18,3 милиони евра. Народни пари.

Нема ситни пари кога е ВМРО-ОКГ во прашање.

Најголеми суми се реализирани во Скопје, каде е и последниот тендер за Луна парк, истата фирма.

Кога Орце ветуваше чистење на градот очигледно мислел на џебовите на граѓаните, бидејќи ѓубрето стои. Пари се чистат на големо.

Државата тоне во долгови. Граѓаните едвај преживуваат. Скопје е во хаос.

А власта дели милиони на омилените фирми.

93 тендери. Замислете која огромна бројка е тоа. Колку само време е потребно да се спремат 93 тендери, само за една фирма.

Ете затоа во Македонија нема реформи, нема европско обвинителство, нема ЕУ.

Заради лапање пари, заради криминал, заради тендери.

Криминалот и корупцијата е најголемата закана за Македонија.

Колку повеќе сме далеку од Европа, толку повеќе простор има за местење тендери, за богатење на блиски фирми и за организиран грабеж на државата.

Прашањето е:

До кога Јавното обвинителство ќе молчи?

Или чека обвинителот насоки по телефон од премиерот Мицкоски?

Колку скандали треба да објави  АКТ на СДСМ за конечно институциите да почнат да работат?

СДСМ нема да молчи.

Ќе продолжиме да ги разобличуваме сите криминални шеми на ВМРО-ОКГ. Секој тендер, се вели во соопштението на СДСМ. 

„Фирмата Мастеф дооел Скопје за којашто денес зборуваше СДС, очигледно била една од најомилени фирми на нивните поранешни градоначалници, само тоа на прес-конференцијата заборавија да го кажат, реагираа од ВМРО.
Така во периодот на власт на СДС со голем дел од македонските општини оваа фирма била една од ретките која добивала најмногу тендери, особено од скопските општини.
Во периодот од 2018 до 2021 година омиленава фирма на градоначалниците на СДС добива повеќе тендери во милионски износи од општина Карпош, Кисела Вода, Аеродром сите раководени од градоначалници кадри на СДС.
Во 2018 година Мастеф добива седум тендери во вредност од 9.569.788 денари од општина Карпош, во 2019 година 5 тендери од општините Карпош и Аеродром во вредност од 10.320.508 денари.
Во 2020 се приклучува и општина Кисела Вода во доделувањето тендери на истава фирма која од веќе постојаните Аеродром и Карпош, добила вкупно 8 тендери во вредност од 50.265.142 денари.
Додека во 2021 година овие три општини под раководство на кадрите на СДС на фирмата Мастеф им доделиле 6 тендери во вкупна вредност од 47.100.000 денари“, се вели во соопштението на ВМРО.