Марио Драги – политичар технопопулист што ја води во нов правец Европа

Меѓу аналитичарите на политичките движења,Италија одамна е позната како еден вид лабораторија за експерименти кои подоцна се пренесуваат на остатокот од светот. Оттаму, на пример, фашизмот – поттикнат од Бенито Мусолини – ја зарази не само Германија на Адолф Хитлер, туку и Шпанија на Франко и Португалија на Антонио де Оливеира Салазар.
Понов пример е политичкиот циркус на еден човек – на Силвио Берлускони. Ставајќи го шокантниот маркетинг во служба на конзервативното креирање политики, медиумскиот магнат и трикратен премиер доминираше во Италија со децении и поттикна слични политички стилови од Николас Саркози и Доналд Трамп. Денес, Италија спроведува уште еден експеримент. Владата на чело со Марио Драги – премиер заслужен за спасувањето на еврозоната и делумно поддржан од партиите кои некогаш сакаше да ги напушти – можеби е најчистиот израз досега на новата жешка политичка формула во оваа ера: технопопулизмот.
Иако терминот првично беше измислен во 1995 година за да го опише популизмот напојуван од технологијата, оттогаш технопопулизмот еволуираше за да добие ново значење: пост-идеолошка мешавина на технократско владеење и популистичко политиканство. Француското претседателско соочување во 2017 година меѓу Емануел Макрон и Марин Ле Пен, на пример, некои го гледаа како суштинска пресметка меѓу технократ и популист.
Секако, модерната форма на технопопулизам не се роди со Драги. Берлускони се зафати и со тоа. Претставувајќи се себеси како успешен претприемач кој може да стигне онаму каде што не можеа дискредитираните политички партии во Италија, тој беше во можност да ги привлече и социјалистите и конзервативците на своја страна. Но, токму во актуелната италијанска влада овој политички стил стана автентичен. Драги, 74-годишниот поранешен претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), на многу начини е врвен технократ. Познат по тоа што го запре потенцијалниот раст на долгот на еврозоната со ветување дека ќе направи „што и да е потребно“, тој беше повикан од италијанските политичари долго пред да се појави кризата на која и требаше неговата цврста рака.
Парламентот на Италија, составен од калеидоскоп на политички партии, можеби не е пост-идеолошки, но е таков најмногу што може.По изборите во 2018 година тој најпрво поддржа влада составена од две популистички партии – екстремно десничарската Лига и анти-естаблишмент партијата Движењето пет ѕвезди – кои флертуваа со напуштање на еврозоната. Потоа се смени и поддржа проевропска коалиција составена од централно-левичарската Демократска партија и ненадејно центристичките Пет ѕвезди.
Така, кога Драги – чии соработници постојано ги отфрлаа гласините дека сака да биде премиер – ја крена раката за да ги фати уздите, италијанскиот парламент немаше проблем да застане зад него. Тој сега владее со поддршка од секоја политичка партија – вклучувајќи ги Лигата и Движењето пет ѕвезди – освен постфашистичките Браќа од Италија, кои остануваат сами во опозиција.
Ба функцијата Драги го црпи својот легитимитет со неговата технократската биографија, претставувајќи се себеси како одговорен гарант на Италија додека се бори против пандемијата, ја реформира економијата и се подготвува да потроши стотици милијарди евра во заеми и грантови поддржани од Европската Унија .Но, тој исто така не се срами да се приклони повремено на популистичкиот политички стрил. Како претседател на ЕЦБ, понекогаш можеше да биде забележан како лета за Франкфурт во економска класа. Како потпретседател на Голдман Сакс во Лондон беше можно да се судрат со него на метро.И како премиер, тој одби да ја земе платата од 110.000 евра – потег кој беше опишан како „популистички гест“, со оглед на тоа што заработил речиси 600.000 евра во 2019 година, огромното мнозинство од тоа од државните пензии од неговите претходни работни места како генерален директор на Министерството за финансии и гувернер на Банката на Италија. Италијанските власти нагласуваат сепак дека Драги не го објавил фактот дека ја одбил платата.
Слободно може да се каже дека, како и претходните трендови, технопопулизмот веројатно нема да остане ограничен на Италијанскиот полуостров. Некои веќе го посочија Макрон како можен експонент на движењето. Како поранешен инвестициски банкар кој никогаш не бил избран, и кој беше назначен за министер за економија пред да се кандидира за претседател, Макрон изгледа како исфрлен од технократскиот калап. Тој, исто така, е постидеолошки, бидејќи служеше во социјалистичка влада, водеше кампања како „радикален центрист“ и се движеше кон центарот токму за време на неговиот мандат. Притоа, постои и „непобитна популистичка димензија“ на претседателот Макрон и неговата партија Републиката во движење.
За Драги, технопопулизмот е вплеткан во она што тој го гледа како негова мисија: да ги искористи парите за закрепнување на државата по коронавирусот, за да помогне во пресвртот на италијанската економија и да успее одлуката на ЕУ да покаже солидарност со Италија преку давање поддршка за долгот зад која ќе застане целиот блок.Парите што му беа доверени на Драги му овозможија да создаде нов бренд на пост-политичка политика во која акцентот е ставен на помирувањето наместо на конфликтот.
Во сегашниот италијански контекст, политичките партии не се лоши. Тие се нерелевантни. Во октомври, кога Лигата имаше некои проблеми со владиниот предлог за даноците, Драги едноставно јасно ја кажа својата намера да продолжи.
„Драги пристигна во Италија со пари во неговиот ранец и тие станаа алатка со која тој можеше да го апсорбира конфликтот“, изјави италијански аналитичар. Прашањето е колку долго може да трае оваа рамнотежа. Личниот престиж на Драги и централизацијата на власта во кабинетот на премиерот за време на пандемијата му дадоа моќ што ретко кои ја имаа во модерната италијанска историја. Но, и Лигата и Пет ѕвезди ја изгубија популарноста за време на неговиот мандат, иако опозициската партија Браќа на Италија доби во сила.
Ниту еден од незадоволните членови на коалицијата на Драги веројатно нема да направи потег додека тој ја води земјата. Но, тие имаат мотив да и го комплицираат животот на владата ако, како што некои предвидуваат, Драги биде избран за претседател на Републиката на почетокот на следната година, со што се отвора патот за неговиот министер за финансии, Даниеле Франко, да ја преземе премиерската функција.Италијанскиот претседател не е без свои овластувања, но главно е церемонијална функција. Без технопопулист на чело на владата, вродената тензија во новата политичка формула во Италија би можела брзо да исплива на површина.
Друга работа што ја споделуваат технократите и популистите е убедувањето дека постои само еден правилен начин на правење нешта. Така како што популистите тврдат дека ја претставуваат „автентичната народна волја“, така технократите се претставуваат дека го знаат „единствениот рационален одговор на политичките предизвици“.Несогласувањето со популист значи да бидеш „прогласен за предавник на народот“, додека несогласувањето со технократ значи дека „учтиво ќе ти кажат дека не си доволно паметен“.За да се одржуваат усогласени овие две сили потребен е некој кој може да тврди дека народната волја и рационалниот одговор се едно исто – а никогаш не е лесен подвиг, особено во италијанската политичка лабораторија.(Политико)