Марихуана парти-ја


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Најавата на премиерот доаѓа во моментот кога интернационалното канабис лоби постигна голем успех. Пред десеттина Комисијата на ОН за наркотични дроги, на предлог на СЗО донесе одлука да го симне канабисот од строгата листа на опасни и високо зависнички дроги

 

Насловот може да асоцира дека ќе стане збор за канадската политичка партија наречена Марихуана партија. Но, не ми е тоа целта. Поинтересно е поширокото прашање за т.н. марихуана политика – која ја води неа кај нас и кои се последиците од тоа. Во светот има повеќе политички партии и граѓански здруженија во чии програмски документи или предизборни програми легализацијата  на марихуаната, за едни или други цели, зазема важно место. За некои тоа е нивна главна мисија.

Деновиве и кај нас силно одекнуваат најновите остварувања на оваа политика. Премиерот на Република Македонија, најави дека новиот пакет економски мерки за толку посакуваното заживување на замрената економија вклучува и декриминализација на користењето марихуана за приватни потреби и легализација на марихуаната во македонските туристички места. Претходно, владата на Груевски го легализираше производството и употребата на  маслото од канабис за медицински цели. Сега тоа се надополнува со легализацијата за рекреативни потреби, отворање на социјални клубови за уживање на марихуана и сл. Супер! Зашто навистина е глупо и против правото на слободен избор и правото на приватност досегашното гонење и казнување на уживателите.

Но, ова отвора неколку важни прашања. На пример, дали со овие иницијативи наште водечки партии се приклучуваат кон групацијата на марихуана партии? Ако тоа не е тоа туку само нивна најава дека ќе учествуваат, со свои претставници,  во некоја од најавените марихуана парти – забави? И во едниот и во другиот случај важно е да се познаваат целите и дострелите на марихуана политиката. Таа има свои идеолошки, но и економски мотиви, а нејзините ефекти и крајни дострели и последици се сѐ уште предмет на големи контроверзи.   

Случајно или не, најавата на премиерот доаѓа во моментот кога интернационалното канабис лоби постигна голем успех. Пред десеттина Комисијата на Обединетите нации (ОН) за наркотични дроги, на предлог на Светската здравствена организација (СЗО) донесе одлука да го симне канабисот од строгата листа на опасни и високо зависнички дроги. Тој и понатаму останува на листа број еден на ОН на која се наоѓаат супстанци кои подлежат на контрола. Сепак, со ова одлука се постига релаксирање и се намалуваат ограничувањата во однос на неговата примена во терапевтски, но и рекреативни цели. Тоа, пак, за капиталот, односно за неговите поседници е нова и голема шанса за брз профит. И тоа е сосема легитимно. Капиталистите како „службеници“ на капиталот мораат да ја следат неговата логика заради своја, а посредно и  заради претпоставената општа добробит – ако им е добро на капиталистите добро ќе им е на вработените!

Но, во нашиот случај оваа логика и не е баш логична. Затоа што во една иста личност се спојуваат и капиталистичкиот интереси и политичката власт. Во ваков случај, марихуана политиката се судира со општото добро. А како такво нешто, како општо добро,  во врска со легализацијата на марихуаната се покажува, пред сѐ, јавното здравје, но не помалку и прашањето за владеењето на правото. Владеењето на правото има смисла само ако политичката власта е разграничена од економската моќ. Затоа што демократијата претпоставува формално-правна еднаквост на граѓаните на една држава, независно од нивната положба на пазарот, а тоа значи независно од нивната економска моќ. 

Спротивно на тоа, промоцијата и воведувањето на политика за легализацијата на производството и користењето марихуана од страна на премиерот кој истовремено има капитал интерес во тој бизнис претставува флагрантно загрозување на демократските принципи. Можеме да му веруваме на г-динот Заев дека кога се залага за споменатата политика тоа го прави како премиер заинтересиран за јавното здравје на сите. Но, поразумно е да си верувам себеси дека таквите ангажмани на премиерот може да се заматени од неговите приватни бизнис интереси. Па и господ прво себеси си направил брада, а камо ли еден човек од крв и месо како г-динот Зоран Заев!

Кој и да е во прашање, треба да се сомневаме. Пресметката дека бизнисот со производството на марихуана за медицинска употреба кој нас во 2021 година би тежел околу 250 милиони евра премиерот ја искажа соблазнувачки – „би можеле да се слеат уште стотици милиони евра во буџетот“. Нема сомнеж дека тој го пресметал и уделот на нему блиските фирми во таа маса пари. Сума на пари која го мати умот. А тоа не добро ни за личното, а уште помалку за јавното здравје.

Затоа, за премиерот нема место на марихуана парти-то кое, според најавата, ќе се случува кај нас. А ако е толку парти тип, подобро за него и за демократијата кај нас би било да излезе од премиерската функција и да се препушти на уживањето во придобивките од легализацијата на марихуаната за приватни цели – рекреативни или бизнис, не е битно.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)