МАНУ влезе во матни води
Некои членови на Академијата прифаќаат популистичка „месијанска“ улога за спасување на Македонија од исчезнување и асимилација на македонскиот народ со пророштва дека таа никогаш нема да стане членка на Европската унија
Подолг временски период во јавноста се поставува прашањето каков е ставот на Академијата во однос на решавањето на дилемата која нѐ мачи и која едноставно е поставена: Европска унија, да или не. Според мое мислење, ставот на Академијата не е единствен и артикулиран за да можам да кажам „ставот на Академијата е таков и таков“. Меѓутоа, некоректно би било јас да не го искажам мојот став.
Пред сѐ, сакам да укажам на една наша хронична болка која никако не успеваме да ја излекуваме. А тоа е МАНУ и политиката. Бидејќи сум бил и во политиката како министер за здравство во македонската влада и сум член на највисоката научна институција МАНУ, мислам дека сум компетентен да искажам дијагноза за опасноста која демне кога наши видни членови на МАНУ се загрижени за државните и национални интереси. Преку обраќања до јавноста се нудат решенија за излез од разни политички, економски и здравствени кризи и даваат свои декларации, резолуции, меморандуми, разни рецепти и препораки што треба да прават политичарите, Владата, Собранието, претседателот на државата во заштита на македонизмот. Притоа се прифаќа некаква популистичка „месијанска“ улога за спасување на Македонија од исчезнување и асимилација на македонскиот народ со пророштва дека таа никогаш нема да стане членка на Европската унија.
Секогаш кога ќе излеземе од нашата основна причина за постоењето на оваа значајна научна институција ние влегуваме во матни води, води во кои не знаеме да пливаме. Така беше кога наши видни членови, убеден сум со најдобри намери, обзнанија идеја за размена на територии. И се соочивме со стравична реакција која доведе до оставка на претседателот на МАНУ. Сите знаеме и за тажниот и крвав резултат на Меморандумот на САНУ кој се смета за почеток на распадот на Југославија. Веројатно и нашите колеги од Србија имале добри намери, но кога такво оружје ќе дојде во рацете на политиката, резултатите се трагични.
Прифаќањето на интервенцијата на политиката и партиите во науката, затскривањето на партиските битки за власт зад научните авторитети го даваат трагичниот резултат, а со тоа МАНУ да се препознае во јавноста како учесник во партиските пресметки со сеење на дефетизам и безнадежност на граѓаните. Со ставот дека со склучување на меѓународните договори во Собранието на Северна Македонија е извршено велепредвство на државате и на нејзините национални интереси. Тие договори треба да се поништат бидејќи со нив ги губиме сите идентитетски посебности, национална припадност, македонскиот јазик, историското минато, ни предстои асимилација и бугаризација, културен геноцид и слични квалификации немаат никакви реални точки со реалноста, а уште помалку некаква научна подлога.
На тој начин влеговме во опасни води на манипулации и пропагандни војни. Македонија и македонизмот не се бранат од академици со политички резолуции и декларации и со колумни во медиумите. Тие се бранат со успеси и резултати во нашите области содржани во името на оваа институција. Со наука и уметност. Нашите достигнувања во овие области е најголемата одбрана на националните и државни интереси. Тука треба да ги насочиме нашите сили и знаења. Колку се опасни интервенциите на политиката во науката ,многу поопасни можат да бидат интервенциите на науката во политиката ако пристапот не е научен и ако се од дневно-политичка и кариеристичка потреба. А уште пострашно е ако се резултат на наивно верување дека навистина имаат „месијанска“ улога да ја спасуваат Македонија од нас самите. Ние не треба да бидеме ниту централи, ниту дежурни хигиеничари на партиските штабови во нивните меѓусебни битки.
Затоа им препорачувам на моите колеги академици доколку навистина се убедени во своите идеи за склучување во нови сојузи и откажување од идејата за европеизација на Македонија, нека се зачленат во политички партии и нека се кандидираат за високи политички функции. Тоа, се разбира, не значи дека не треба да ги соопштуваат своите лични определби и мислења, ама нека не ја вовлекуваат МАНУ во дневна политика, а уште помалку да упатуваат апел до членовите на Собранието како да гласаат. Јас ја прифаќам сугестијата само на оние кои таа критика се обидуваат да ја вклопат во некој вид конструктивен напор.
Македонската академија на науките и уметностите направи една научна национална стратегија за економскиот и општествен развој на Република Македонија за период од 20 години. Сериозна и обемна студија финансирана од Обединетите нации на која работеа домашни и странски научници потпрена на стратегиските определби на Македонија по урнекот на Словенија, да биде членка на ЕУ. Никогаш не проверивме што од тоа е остварено, а што не, што треба да се смени или дополни. И затоа наша основна задача, врз основа на најсериозни, конзистентни и целосно научно аналитички согледувања да утврдима што од таа стратегија сме постигнале, а што останува понатаму да реализираме.
Ние како членови на МАНУ сме должни пред македонското општество, со научни критериуми да излегуваме, дискутираме и докажуваме за иднината на македонсското општество, притоа елиминирајќи ги сите дневно-политички и политикански игри во кои несвено се вовлекуваме. Уште повеќе што немаше никакви забелешки во текот на утврдените научни согледувања. Истакнувам дека воопшто не е место и задача на оваа најврвна научна институција, за нејзините утврдени слабости и пропусти да се расправа, од страна на одредени членови, со дневно-политички речник, што само го деградира нејзиното место и положба во општеството.
Ама, еве веќе предлагаме нова национална стратегија за иднината на Македонија со нови определби. Мислам дека нашите стратегиски цели се јасно одредени уште пред 23 години, широко прифатени и од домашната јавност и од европските институции. Нашиот придонес како врвна научна иснтитуција може да биде значаен ако се вложиме и ние со научен пристап за да ги забрзаме тие процеси на европска интеграција и побрза примена на европските вредности и стандарди, наместо да ги заплашуваме граѓаните со бесмислени идеи за безнадежност, дека тоа нема никогаш да се оствари и притоа да нудиме нови сојузи поништувајќи го тоа што до сега сме го постигнале во односите со ЕУ.
Улогата на МАНУ ја гледам во нејзиниот придонес за побрзо остварување на реформите кои ни престојат и во делот на економијата и во делот на општествениот демократски развој, во културата, образованието, здравството и во сите дејности кои се застапени во одделенијата на МАНУ. Секој проблем кој го преокупира општеството, особено денес, истовремено е проблем и на МАНУ, која треба кон тие проблеми да пристапи без какви било примеси. Македонскста академија на науките и уметностите треба да биде место и јадро, сврзно ткиво на сите наши умни и интелектуални снаги каде ќе се креира и дефинира понатамошниот општествен развој на Северна Македонија. Само на тој начин ќе обезбедиме перспектива за младите генерации.
(Илија Филипче е член на Македонската академија на науките и уметностите)