Македонско циганско лето 2019


АНЕТА ДИМОВСКА

Погледнувам низ канцеларискиов прозорец повеќе пати во текот на денот. Иста сценографија во заднината: италијанската амбасада, пред неа стара зграда „маскирана“ со фасада во повеќе жолти нијанси, долу автомобили во различни бои во движење кои покрај издувни гасови емитуваат бучава. На моменти не ја забележувам, а во други ми влијае на концентрацијата. По тротоарите минувачи, некои во куси ракави, други и овој ден очекувале постудено време, па раскопчани под сноповите од сончеви зраци бавно се движат по скопските улици во ова македонско „циганско лето“.

Помислувам дали нивните безизразни лица и бавниот од се резултат на спокој, задоволство и желба да впијат што повеќе од сонцето, насетувајќи дека зимата ќе биде долга или тоа е резултат на рамнодушноста и на чувството дека нема зошто да се брза, бидејќи нема каде да се стигне?!

Ми текнува дека можно е на нивната рамнодушност да влијае тоа што во македонсково циганско лето 2019 не добивме датум за почеток на преговорите со Европската Унија.

Но датумот го немавме ниту лани, а ниту пред таа година… Ама оваа година, судејќи по реакциите на медиумите, социјалните мрежи и од разговори деновиве со познаници, разочарувањето е некако големо, затоа што влогот беше огромен, а со тоа и очекувањата дека „наградата“ ќе стигне, високи. Така, во врска со датумот повеќето се лути и со чувство на изневереност, па се однесуваат како дете на кое во цигансково лето му ветиле, а не му купиле сладолед со образложение: „Да, сончево е, ама сонцето е со заби“.

Дури некои се чувствуваат и понижено. Можно е да е до датумот…

Ако го добиевме датумот тој ќе создадеше илузија кај нас дека го напуштаме вртењето во круг, иако во суштина тој ниту ќе значеше дека одиме некаде, ниту ќе беше гаранција дека ќе се подобрат состојбите.

Датумот го нема, но затоа на патот во кругот повторно нè пресретнуваат избори. Ги имавме лани, ги имавме и оваа година, а ќе ги имаме и до година.

Повторно „зацапавме“ во периодот на анализи, аналитичари, политичари, политиканти, коалиции, предавници, патриоти и полни усти „за народот“, „народот е со нас, ние сме за народот“, „во име на народот“ и програми, реформи, мерки, кои благодарение на тоа што решението за пржинска влада пред избори стана системско решение, ќе си потрае подолго. Да, со решението кое го нема во ниту една држава, а со кое се предвидува 100 дена пред парламентарни избори формирање на нова влада во која учествува и опозицијата (а тоа, демек, ќе е гарант за фер избори), ние овозможивме најрегуларно, по закон парализирање на државата една година во секој четиригодишен период.

Кампањите неформално веќе започнаа, а ако се земе предвид дека по изборите на 12 април ќе следи дополнителен период на сумирање и верификување на резултатите, потоа период во кој ќе се формира влада, па ќе фатат летните одмори, објективно би имале ние функционална влада и администрација дури следната година во овој период.

Ваквите „гнили“ и „непродуктивни“ години бизнисот и граѓаните ги носат на сопствените плеќи, а бидејќи ги има многу, тие веќе се подгрбавени, удвоени под притисокот на товарот. Ниту бизнисот, ниту граѓаните – народот на кој сите се повикуваат не поддржува од во празно и не верува дека изборите може било што да променат, освен ликовите на функциите. Затоа излезеноста на овие избори ќе биде мала, а со тоа уште еднаш ќе покажеме дека сопствената држава нам ни станува товар.

Тешка и сложена состојба, а всушност решенија постојат и се прилично едноставни. Ако се има волја да се спроведат…

Македонија ќе стане 30. членка на НАТО. Граѓаните, како и политичките елити, треба да знаат кои се нашите сојузници во геополитички контекст и иако тоа е определено речиси три децении да погледнеме право и да престанеме со намигнување и шетање со погледот ваму-таму, затоа што така се добива страбизам, па да не останеме со искривен поглед…

Ние ѝ припаѓаме на Европа. Зошто членството во Унијата е посакувано од нас?! Заради повисокиот животен стандард во земјите членки на Унијата, заради правото, стандардите и принципите кои владеат таму и можеби заради романтичарскиот занес дека со станувањето членка на Унијата народите кои се поделени во различни држави, со членството ќе живеат без граници меѓу нив.

Што од претходното можеме да реализираме за европска Македонија без членство?! Сè, освен последното.

Никој не нè спречува да ги негуваме европските вредности и денес, но ние очајно бараме камшикар да нè натера да работиме за нашето добро.

Камшикар не ни е потребен, ако имаме свесни и помалку отруени од алчност, корумпираност, популизам и квазинационализам политички елити, бидејќи патот кон просперитетна економија и поквалитетен живот за сите води преку длабоки реформи, подобрување на функционирањето на институциите и зголемување на јавните инвестиции во развојно ориентираните проекти, а личниот или интересот на тесна група не оди заедно со државниот. Ова не треба да ни го каже камшикарот од Европа. Го знаеме…

Македонија не е изолирана од глобалните промени, врз чиј вкупен тек како мала држава и економија не може значајно да влијае, но може врз основа на сопствена развојна натпартиска стратегија да направи поместување до посакуваната, подобра позиција, да си го обезбеди сопственото место под сонцето.

Немаме датум за преговори со ЕУ, но судбоносно не е. Ќе продолжиме да се бориме за него, а во меѓувреме да ги засукаме ракавите и да работиме. Секој на своето работно место, најмногу и најдобро. Ние сами мораме да ги донесеме промените, првенствено со промена на сопствената ментална матрица и навики.

Македонската држава ќе ја има и ќе опстои. Од нас зависи дали ќе е просперитетна или „темен вилает“. На многумина кои заради сопствените интереси не ѝ сакаат добро на државата им одговара да биде второво, но тоа никако не им одговара на граѓаните.

Затоа, македонските граѓани треба да бидат мудри и да не дозволат да бидат повлечени во вителот на национален песимизам, а политичките партии мора да се одважат и да го стават државниот над партискиот интерес. Еве, за почеток нека донесат закон кој ќе овозможи во Собранието пратеници да бидат кандидатите кои лично ќе освојат поголем број на гласови, а не пратеници да стануваат тие што лидерот ќе ги стави на подобра позиција на гласачкото ливче. Отворени листи со кои се цени личноста, не само партијата, ќе значат збогатување на политичката понуда, а тоа е здраво за демократијата.

„Циганско лето“, во Македонија и Бугарија и „Бабино лето“, во Хрватска, Словенија, Полска, Русија и кај другите словенски народи, се синоними кои се однесуваат на времето во октомври, кога временските услови карактеристични за летото продолжуваат и по почетокот на есента. Кај некои народи таквото време се поврзува со одредени датуми кои имаат фолклорно значење. Еве, оваа година јас македонското циганско лето го поврзав со датумот за отпочнување на преговори со Европската унија, кој не го добивме.

Инаку, нашето циганско лето во Србија го нарекуваат „Михољско лето“ заради верскиот празник Св. Михољи, а во Франција „летото на Сен Дени“, по празникот кој е посветен на патронот на Франција и Париз.

Циганското лето е знак дека зимата ќе биде долга и студена и се верува дека летото во октомври преоѓа во вистинска зима на самиот почеток на ноември.