Македонија останува меѓу најлошо рангираните земји за гаранција на работничките права
Северна Македонија се наоѓа во четвртата категорија од пет можни на Глобалниот индекс на права на работниците на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC), што ја вбројува меѓу земјите со систематско прекршување на работничките права. На ваквото рангирање денеска реагираше Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), оценувајќи дека извештајот бележи дополнително влошување на состојбата со синдикалните слободи во земјата.
Во делот посветен на Северна Македонија, ITUC наведува дека во февруари 2026 година претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, и неговото семејство биле предмет на следење и таргетирање преку објавување снимки од нивниот приватен живот на социјалните мрежи.
„Овие снимки, вклучително и оние на мали деца и членови на семејството кои немаат никаква улога во синдикалните активности, претставуваат грубо кршење на правото на приватност“, се наведува во извештајот на ITUC.
Од ССМ посочуваат дека случајот е наведен во воведниот дел од извештајот и го поврзуваат со активностите на синдикатот за зголемување на платите и организирањето на масовни работнички протести.
Извештајот дополнително констатира дека од 2025 година ССМ и други синдикати во земјата се соочуваат со напади поврзани со нивната кампања за зголемување на минималната плата. Како пример е наведен „Големиот работнички протест“ во Скопје во јануари годинава, организиран поради, како што се наведува, недоволното почитување на социјалниот дијалог и правото на колективно договарање.
Во глобалниот преглед на состојбите, ITUC наведува дека слободата на здружување била ограничена во четири од десет анализирани земји. За Северна Македонија и Турција, организацијата забележува дека синдикалните членови биле отпуштани, изложени на притисоци да поднесат оставки или биле поткопувани преку таканаречени „жолти синдикати“, односно синдикални организации под влијание на работодавачите, како и преку државна репресија.
Токму овој дел од извештајот го издвојуваат и од ССМ, од каде велат дека меѓународната организација го препознала проблемот со формирањето и дејствувањето на синдикати кои, според нив, работат во интерес на работодавачите и политичките центри на моќ, наместо во интерес на работниците.
Од синдикатот оценуваат дека наодите на ITUC се предупредување дека без суштински промени државата ризикува дополнително да назадува во областа на работничките и синдикалните права.
Според последниот Глобален индекс на права на работниците, најлошо рангирани се земјите во кои работничките права практично не се гарантирани, додека Северна Македонија останува во групата држави каде што правата формално постојат, но се соочуваат со систематски прекршувања.