Дурмиши: Не може ниту една компанија да нуди работа за плата која е пониска од минималната
Не може ниту една компанија да нуди работа за плата која е пониска од законски утврдената минимална плата, категоричен е министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Најавува контроли кај компаниите, а доколку се утврди дека навистина се нудат работни места со плата под минималната, најавува санкции.
На денешната прес-конференција на која заедно со директорот на Агенцијата за вработување го презентираа Оперативниот план за вработување за 2026 година, Дурмиши одговарајќи на новинарски прашања дека на веб – страницата на Агенцијата за вработување се нудат 9.000 слободни работни места со плати под минималната, најави состанок со директорите на Агенцијата за вработување и Трудовиот инспекторат.
– Ќе имаме состанок и ќе направиме контроли кај овие компании. Ќе ве информираме какви мерки ќе преземеме. Не е важно дали огласите за работа се стари или нови, не може да се нудат огласи со плата под минималната, имаме закон којшто е на сила. Бидете сигурни дека доколку навистина е така, односно се нудат работни места со плата под минималната, ќе преземеме мерки за тие да бидат санкционирани. Не може ниту една компанија да го злоупотребува законот, истакна Дурмиши.