„Џонсон Мети“ остварува солидни финансиски резултати и го забрзува генерирањето готовина


„Џонсон Мети“ ги објави резултатите за крајот на фискалната година што покажуваат континуиран напредок во однос на стратегијата да стане фокусирана и агилна групација што генерира готовина. Компанијата оствари значително подобрување во генерирањето готовина и го одржа про-форма растот на основната оперативна добивка, додека маржите на „Clean Air“ се зголемија и имаше напредок во одлучувачките промени во портфолиото.

Слободниот паричен тек се зголеми на 168 милиони фунти, што е зголемување од 163% на годишно ниво.

Про-форма основната оперативна добивка се зголеми за 6% при константни цени и валута на PGM (платинска група метали).

„Clean Air“ оствари основна оперативна маржа од 14,5%, што е зголемување од 270 базични поени на годишно ниво и е на добар пат за постигнување на целта од 16–18% до 2027/28 година.

Стратешкиот напредок во портфолиото ја вклучува продажбата на „Catalyst Technologies“ од 1,325 милиони фунти на пат да се заврши до крајот на август 2026 година со приближно 1 милијарда фунти од нето приходите што ќе им бидат вратени на акционерите. ЏM, исто така, се согласи за купување на „Cormetech Inc.“ (вредноста на компанијата е 360 милиони американски долари) за да го поттикне растот на апликациите за стационарна контрола на емисиите, вклучително и за брзорастечкиот пазар на центри за податоци во САД.

Се очекува капиталните расходи на групацијата да изнесуваат 230 милиони фунти за поддршка на новата рафинерија за PGM во Велика Британија, а компанијата останува на добар пат да испорача одржлив слободен паричен тек од најмалку 250 милиони фунти годишно до 2027/28 година, со значителен принос за акционерите после тој период.

Лијам Кондон, главниот извршен директор, коментираше дека: „во мај 2025 година, ја поставивме нашата стратегија за трансформирање на „Џонсон Мети“ во фокусирана и агилна групација што генерира готовина. Значителниот пораст на генерирањето готовина покажува дека нашата стратегија функционира. Заедно со напредокот што го постигнуваме во зајакнување на нашите основни бизниси, на добар пат сме да ги постигнеме нашите среднорочни цели и да испорачаме зголемен принос за акционерите.“

За „Cormetech“, тој додаде: „аквизицијата на „Cormetech“ е следниот чекор во спроведувањето на нашата стратегија за фокусирање на силните страни на „Џонсон Мети“. Ова е бизнис на кој долго време му се восхитуваме, со оглед на неговата водечка позиција и долгогодишните и разновидни односи со клиентите во контрола на емисиите за брзорастечкиот пазар за производство на електрична енергија во САД“. 

За годината што завршува на 31 март 2027 година, Групацијата очекува низок до средно-едноцифрен процентен раст на основната оперативна добивка при константни цени на благородни метали и валута (без вклучување на „Catalyst Technologies“ и „Cormetech“), со перформанси пондерирани за втората половина од фискалната година.

Се очекува „Clean Air“ да донесе подобрување на маржите; „PGM Services“ да биде во голема мера во согласност со 2025/26 година; а се очекува „Hydrogen Technologies“ да биде во рамки на рентабилност во однос на оперативната добивка. Доколку цените на платинската група метали останат на сегашните нивоа, Групацијата очекува бенефит од најмалку 25 милиони фунти во однос на оперативната добивка во споредба со претходната година. Компанијата очекува понатамошно подобрување на слободниот паричен тек, одржувајќи дисциплинирана распределба на капиталот и приноси за акционерите.

Боријан Борозанов, оперативен директор за Европа и генерален менаџер на „Џонсон Мети“ Македонија, истакна дека „надоградувајќи се на стратешкиот напредок на Групацијата, нашата фабрика во Македонија продолжува да испорачува решенија за чист воздух преку оперативна извонредност, помагајќи им на нашите клиенти низ целиот свет да ги исполнат построгите стандарди за емисии, зајакнувајќи ги регионалните синџири на снабдување и создавајќи економска вредност тука, дома.“