Царинска управа: Воведена Фаза 6 на транзитниот систем што се применува во ЕУ


Целокупната трговија што транзитира низ земјава од 1 јуни се одвива преку новиот компјутеризиран транзитен систем – Фаза 6, со што нашата држава целосно се усогласува со стандардите што се применуваат во Царинската унија на ЕУ. Воведувањето на НКТС Фаза 6 е дел од нашите обврски предвидени со Планот за раст, со што Царинската управа јасно ја потврдува својата посветеност на забрзаната интеграција во единствениот пазар на ЕУ, пишува во денешното соопштение на Царинската управа.

– Со овој чекор, македонскиот царински транзитен систем е целосно усогласен со системите што ги применуваат 80 проценти од земјите – членки на Конвенцијата за заеднички транзит, вклучувајќи ги Германија и Грција, а во следниот период ќе работи и на дополнителна надградба на системот. Со тоа, нашата држава ќе се вброи меѓу земјите што ќе воведат систем којшто овозможува поднесување на една единствена транзитна декларација, заедно со безбедносните најави – се додава во соопштението.

Ваквиот начин на воведување на системот, како што се нагласува, овозможува олеснување на трговијата и стабилност на трговските текови, без поголеми ризици за застои на граничните премини.

– Имплементацијата на овој систем претставува клучен исчекор во модернизацијата на царинското работење, кој преку олеснување на трговијата и воведување на безбедносни проверки пред пристигнување на стоката на граница, носи директни придобивки за бизнис – заедницата и за економскиот раст на државата – истакнува директорот на Царинската управа, Бобан Николовски во пишаната изјава.

Царинската управа нагласува дека продолжува со засилена имплементација на Реформската агенда и Планот за раст.