ЕЦБ: Меѓународната улога на еврото забележа „умерен“ раст во 2025 година


Меѓународната улога на еврото се зголеми во текот на минатата година, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ) во својот најнов преглед за европската заедничка валута објавен денеска.

„Генерално, врз основа на широк спектар на индикатори, меѓународната улога на еврото забележа умерен раст во 2025 година“, се вели во соопштението, при што се додава дека еврото останало втора по важност валута во меѓународниот монетарен систем.

Меѓу индикаторите цитирани од ЕЦБ е издавањето на меѓународен долг деномиран во евра, „кој достигна рекордни нивоа во текот на годината“ и забележа раст од околу 30% во споредба со 2024 година, пренесе ДПА.

„Еврото исто така стана водечка валута на пазарот на зелени и одржливи меѓународни обврзници во 2025 година, надминувајќи го американскиот долар за првпат, со емисии во вкупна вредност од речиси 100 милијарди долари (околу 85 милијарди евра)“, се наведува во извештајот.

Приливот на странски портфолио-инвестиции во еврозоната се приближи до историските максимуми во 2025 година, при што нето-купувањата надминаа 850 милијарди евра, што е блиску до врвните нивоа од создавањето на еврото.

Генерално, меѓународната улога на еврото порасна, а неговиот удел во различните индикатори за глобалната употреба на валутите достигна околу 20%.

ЕЦБ се стреми заедничката валута да има поголема улога покрај доларот, делумно како одговор на политиките на актуелната американска администрација. Банката исто така се надева дека кредитите во Европската Унија ќе бидат поевтини благодарение на силното евро.

Флуктуациите на девизниот курс ќе имаат помалку последици доколку поголем дел од трговијата се одвива во евра, смета ЕЦБ.

ЕЦБ ги проценува глобалните девизни резерви на 57% за доларот и 20% за еврото. Агресивните политики кои ги спроведува администрацијата на Трамп го доведоа во прашање статусот на доларот, сметаат од банката.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, повика на поголема меѓународна улога на еврото.

Банката забележа дека централните банки ги зголемиле своите златни резерви, а одредени земји промовираат алтернативни системи за плаќање.

Иако ова му дава можност на еврото да ја зголеми својата меѓународна атрактивност, носителите на одлуки во ЕУ мора да ги создадат потребните услови, рече Лагард.

„Поточно, комплетирањето на Единствениот пазар останува од суштинско значење за отклучување на целосниот потенцијал на Европа. Покрај тоа, за еврото да еволуира во навистина глобална меѓународна валута, еврозоната мора да изгради поголем обем и подлабоки, поликвидни пазари на капитал“, наведе таа во предговорот на извештајот од вторникот.

Лагард додаде дека дополнителните чекори, како што е заедничкото финансирање на јавните добра, би помогнале да се воспостави безбеден и ликвиден фонд на јавен долг на ЕУ.

Заедничкиот долг на ЕУ останува многу оспорувано прашање во 21-члената еврозона. Германија и другите земји се согласија на ова само во исклучителни случаи, како што беше фондот за визна поддршка и закрепнување по пандемијата и за финансирање на Украина во одбраната од руската инвазија.