Македонија исчезна од агендата на Марта Кос

Еврокомесарката набројува земји кои што напредуваат или не на патот кон ЕУ. Македонија не ја споменува никаде, иако има пофални зборови и за Косово


Марта Кос

 

Еврокомесарката за проширување Марта Кос вчера учествуваше во таканаречен Структурен дијалог за проширувањето во Европскиот парламент, при што ги наброја земјите кои напредуваат на патот кон ЕУ и тие што не напредуваат, но ниту во една од тие две групи не ја спомена Македонија, иако го спомена дури и Косово и можната кандидатура на Исланд.

Главната порака за земјите од нашиот регион беше дека се изложени на ризик трајно да изгубат повеќе од 700 милиони евра ако реформите од Планот за раст не бидат завршени до крајот на грејс периодите што доаѓаат во 2026 година. Најголем дел од тоа ќе изгуби Србија, но иако Кос јасно укажа на таа можност, барем ја спомена оваа држава меѓу кандидатите, што не беше случај со Македонија. Иако кај нас власта упорно се обидува да остави впечаток дека нешто се случува во Брисел околу нашите преговори и спорот со Бугарија. 

Во обраќањето пред европарламентарците Кос пред сѐ нагласи дека на 29 август народот на Исланд ќе гласа дали ќе ги обнови преговорите за членство со ЕУ, во време кога многумина ја доведуваат во прашање или ја отфрлаат ЕУ што според неа покажува дека во нестабилен свет таа сè уште има привлечна моќ.

„Сакам јасно да ставам до знаење дека ако Исланѓаните одлучат да се движат кон целосна интеграција во ЕУ, Унијата ќе биде подготвена“, тврдеше Кос, обраќајќи им се на скептиците кои не веруваат дека ќе има ново проширување. 

Таа притоа нагласи дека ЕУ треба да им даде на земјите кандидати кредибилна понуда и „цврсто да ги закотви во европскиот политички простор“, намалувајќи го ризикот конкурентските сили да ја обликуваат иднината на нашиот континент.

Зборувајќи за кандидатите, таа посочи дека Украина и Молдавија најбрзо ги прават реформите, дека Црна Гора затворила 14 поглавја и дека брзо ќе почнат разговорите за пишување на Договорот за пристапување, дека Албанија отворила шест поглавја и дека напредок покажало и Косово, иако не е на лентата за преговарање.  

„Сè повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија. Од закони што ја поткопуваат независноста на судството до репресии врз демонстрантите и постојано мешање во независните медиуми. Моментално проценуваме дали земјата сè уште ги исполнува условите за плаќања според финансиските инструменти на ЕУ“, порача Кос практично потврдувајќи дека Брисел сериозно размислува за прекин на фондовите за оваа држава. 

Правејќи споредба, таа притоа оцени дека Украина и Молдавија подобро се справуваат со барањата, додека напредокот е многу побавен во Западен Балкан.

„Минатата недела им пишав на властите во регионот да ги забрзаат своите реформи – или нивните граѓани ќе изгубат. Планот за раст е строго базиран на перформанси и временски ограничен. Во моментов, повеќе од 700 милиони евра се изложени на ризик трајно да бидат изгубени низ целиот регион ако реформите не се завршат до јуни 2026 година или декември 2026 година“, нагласи Кос. 

За тие што ќе одат напред таа им посочи дека приемот ќе биде заштитен со заштитни механизми, таканаречените „safeguard clauses“. Иако ваквите мерки не се ништо ново, напротив беа применети и за Бугарија и Романија, сега поради обемот на проширувањето, политичкиот контекст и лекциите од минатото постои притисок од земјите членки пошироко да се применуваат. 

„Лекцијата научена од 2004 година е дека ни требаат заштитни мерки што ќе обезбедат новите членки да се придржуваат до правилата и дека интегритетот на нашата Унија е обезбеден, дури и по 5, 10 или 20 години. Идните договори за пристапување ќе треба да вклучуваат заштитни мерки што се веродостојни, ефикасни и способни да се применат доколку се појават сериозни недостатоци по пристапувањето“, најави Кос. 

Според неа, Договор за пристапување сна Црна Гора треба да биде првиот од новата генерација, а вклучувањето на овие заштитни механизми нема да значи дека се поставуваат дополнителни услови за земјата. 

„Но, ако земјите се вратат назад во нашите основи, како што се демократијата и владеењето на правото, заштитните мерки мора да бидат ефикасни и секогаш мора да можеме да ја заштитиме нашата Унија“, порача Кос.

Македонија за ништо од тоа не ја „боли“ глава, бидејќи не прави ништо да ги продолжи преговорите со ЕУ. Уште повеќе, со победата на Румен Радев на парламентарните избори во Бугарија како иден премиер може да се искомплицира бугарската позиција околу Македонија, бидејќи тој се противеше на компромисот со уставните измени направен од Софија и го фаворизираше Протоколот со прашањата за историјата, говорот на омразата, досиејата на УДБА и слично. Единствена позитивна работа е дека Радев за разлика од Бојко Борисов се гледа како руски „тројански коњ“ во ЕУ и неговото присуство таму може да ја сврти поддршката кон Македонија.  (Н.В.)