Македонците и Србите ги поврзува чувството за слобода, изјави Мицкоски на свеченоста во Нови Сад

Со свечена академија одбележани 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина


Гостите на свеченоста во Нови Сад

 

Во Нови Сад денеска со свечена академија се одбележаа 80 години од населувањето на Македонците во Војводина на која се обрати премиерот Христијан Мицкоски и порача дека народот кој ги чува своите корени и јазик никогаш не се губи, не останува без дом и дека народот кој ја чува својата култура секогаш ќе има иднина.

„Човечката блискост е посилна од поделбите, културата е посилна од заборавот и идентитетот не се чува само со зборови, туку со живот, со љубов и со достоинствено пренесување на вредностите од генерација на генерација. И каде и да живеат Македонците – во Македонија, во Србија, во Европа или каде било низ светот – тие остануваат дел од едно големо духовно, историско и културно семејство кое трае, памети и опстојува“, рече Мицкоски. Со него беше и бројна делегација од македонија.  пред преполната сала во Нови Сад. 

Мицкоски рече дека денес од Нови Сад испраќаме порака на заедништво, на почит и пријателство, дека иднината мора да се гради врз она што нѐ поврзува, а не врз она што нѐ разделува. Тој посебно им се обрати на младите Македонци во Србија, на младите во Нови Сад, Панчево, Јабука, Качарево, Зрењанин, Белград и секаде каде што живее нашата заедница велејќи никогаш да не го заборават македонскиот јазик, песните и македонските приказни. 

Нови Сад и Војводина, посочи Мицкоски, отсекогаш биле простор каде различностите не биле слабост, туку богатство, простор каде народите не морале да се откажат од својот идентитет за да живеат заедно, туку напротив – преку заемна почит и разбирање создавале мозаик од култури, јазици и традиции кој денес претставува едно од најголемите богатства на овој дел од Европа. Во таа приказна, Македонците имаат свое чесно, заслужено и достоинствено место.

Во својот говор Мицкоски потенцира дека Македонците и Србите не ги поврзуваат само географската блискост и историјата, туку вредности, духовност, почитта кон семејството, чувството за слобода и човечката потреба човек да остане свој, а истовремено да го почитува другиот.

„Ако нешто претставува жив мост меѓу нашите народи, тогаш тоа сте токму вие – Македонците во Србија. Вие сте жив доказ дека блискоста и припадноста не се создаваат со декларации и формални зборови, туку со живот, со доверба, со човечност и со меѓусебна почит што се градела низ генерации“, рече Мицкоски.

Тој се заблагодари на Србија, нејзините институции и граѓани кои со децении придонесуваат македонската заедница овде да живее достоинствено, слободно и со право да го негува својот идентитет, својот јазик и својата култура.

Македонскиот премиер иако не ја спомена директно Бугарија, иако индиректно ја посочи како земја која не признава малцинства. И дека не е дорасната на членствата во организациите.

На свеченоста настапи „Танец“

„Балканот памети и поинакви приказни од ова тука. На држави кои не признаваат малцинства и во 21. век делови од народи кои се борат за човечки правдини. Таквите примери говорат за тоа дека не сите се дораснати, без оглед на епитетите, членствата во организации или големината на државите. И можеби токму во ваквите човечки приказни се наоѓа вистинскиот одговор на сите поедноставени претстави за Балканот – не во поделбите и стереотипите, туку во луѓето кои умеат да градат мостови без да ги рушат сопствените корени и кои разбираат дека припадноста не значи исклучување на другиот, туку сигурност во сопствениот идентитет“, рече Мицкоски. 

Според него, наште народите имаат обврска да градат мостови, а не ѕидови, да ја чуваат блискоста создадена низ генерации луѓе и да ја пренесуваат како вредност на идните генерации“.

На свечената академија се обрати и српскиот премиер Ѓуро Мацут кој рече дека овој јубилеј 80 години од населувањето на Македонците во Војводина е за гордост и е пример за сите како народите живеат заедно во различностите.

Мацут се наврати на историските и политичките промени од минатото наведувајќи дека и покрај се тоа непроменети останале почитувањето и пријателството македонскиот и српскиот народ.

„Убеден сум дека секој Македонец се чувствува во Србија како во својата куќа бидејќи ја градиме заедно. Врските кои постојат меѓу нашите народи се многу посилни од соседските и политички врски, тие се семејни. Секој од нас има некој од Македонија и секој од вас има во Србија. Нашето пријателство го докажавме безброј пати. Кога беше тешко пред 30 години, кога воспоставивме и формални дипломатски односи, кога го признавме името и идентитетот. Со иницијатива на претседателот на Србија, Александар Вучиќ направивме мини-шенген и Отворен Балкан. Секако како и во секое семејство, понекогаш постојат и некои несогласувања, но докажавме дека со заеднички труд неопходно е да се издигнеме над дневната политика и само потпрени едни на други можеме да постигнеме многу и да растеме заедно. И ќе продолжиме тоа да го правиме, со заеднички сили да се помагаме и здружено да стигнеме онаму каде што ни е историски, политички и културолошки местото, а тоа е Европската унија“, рече Мацут.

Претседателката на покраинската влада на Војводина Маја Гојковиќ  оцени дека овој јубилеј е скапоцено потсетување на важен историски момент и прилика да се оддаде признание на генерациите на луѓето кои, доаѓајќи во Војведина, по тешки воени години, тука граделе нов живот, нови домови и нова иднина, секако, неодрекувајќи се од својот идентитет, јазикот, културата и традицијата.

Врските на нашите два народа, како што оцени, дека не се само историски и политички, туку пред сè човечки, длабоки и искрени. Српскиот и македонскиот народ ги поврзува блискоста, меѓусебното разбирање, пријателство и чувство на заедништво кое траело и во најтешките наши времиња. Денес, Србија и Македонија ги негуваат добрите и пријателските односи, од посебно значење е тие врски да ги чуваме и дополнително да ги развиваме преку културата, образованието, економијата и соработката на нашите луѓе и институциите, порача Гојковиќ

Пред свеченоста премиерот Христијан Мицкоски преку објава на својот фејсбук-профил информира дека имал средба со својот Мацут, на која разговарале за унапредувањето на билатералната соработка, регионалната стабилност и можноста за продлабочување на на економските и институционалните врски меѓу двете земји.

„Ја потврдивме подготвеноста за понатамошно развивање на добрососедските односи и заедничка работа во насока на просперитет, стабилност и подобра иднина за граѓаните на двете држави“, напиша Мицкоски во објавата.