„Made in Macedonia“ замина, доаѓа: „Made in North Macedonia“


Ознаката „Made in Macedonia“ заминува во историјата. Македонските компании што извезуваат свои производи во странство наскоро ќе мораат да лепат етикети согласно новото име на државата, односно „Made in North Macedonia“. Терминот „Made in Macedonia“ нема да биде ексклузивно право ниту за грчките производители од регионот на Македонија, кои ќе продолжат да ја користат ознаката: „Made in Greece“.

Професорот по технички науки Ѓорѓи Филипов објаснува дека до крајот на годината треба да се формира меѓународна експертска комисија, во која ќе членуваат експерти од Македонија и од Грција, како и од Обединетите нации, Европската Унија, Светската организација за интелектуална сопственост и Меѓународната организација за стандардизација. Во рок од три години, тие би требало да ги решат сите спорни прашања. За своето работење, еднаш годишно ќе ги известуваат премиерите на двете земји.

На производите од нашата земја веќе нема да може да се лепат етикети ‘Made in Macedonia’, туку оние со ‘Made in North Macedonia’, но затоа за нив повеќе нема политички пречки да го освојуваат европскиот пазар. Ниту Грците нема да можат да го присвојат тоа право, тие си остануваат на ‘Made in Greece’. Компаниите во двете земји ќе можат да дополнат дека конкретниот производ е со потекло од тој и тој регион. На пример, ако е вино, дека потекнува од Тиквешкиот Регион“, потенцира Филипов.

Наспроти него, професорот Ѓорѓи Спасов смета дека, читајќи ги написите во грчкиот печат, со право се укажува дека спорот меѓу Грција и Македонија во суштина бил околу брендот „Македонија“.

Сега, по извојувањето на правото на Грција само таа да има право да го користи името Македонија без додавката Северна, се сугерира зајакнување на тој бренд како грчки преку името на аеродромот во Солун – Македонија, формирањето Универзитет во Солун со името Македонија и брзото регистрирање на низа невладини организации и бизнис-компании со името Македонија“, посочи вчера Спасов.

Филипов, пак, нагласува дека во моментов од двете страни на границата егзистираат околу 7.500 производи што во своето име ја користат придавката македонски, македонско, македонска или името Македонија. Од нив, 3.000 се во Македонија, а 4.500 во Грција.

Процедурата вели дека доколку некој сака во името на производот да додаде македонско, се бара одобрение од Министерството за правда. Во домашни услови би одело полесно, но можно е да има проблеми при извозот.

А можеби и ќе нема. Во договорот јасно се наведува дека ништо не може да се направи со сила, односно еднострано и без консензус. Е, сега, доколку името на производот не пречи никому во соседната земја и не прави проблем, без проблем може да се регистрира и да помине на странскиот пазар“, појаснува Филипов. (Г.А.)

Фото: Борис Грданоски