Празна училница, а наставникот држи час

Во последните 20 години бројот на ученици се намалил за 28 отсто, додека во исто време бројот на наставници се зголемил за 48 отсто. Државата е во конфузија, нема план што да прави


Во екот на уписи, во средно училиште или на факултет, не е прашањето дали и каде ќе се запишат учениците и студентите, туку кому ќе предаваат наставниците и професорите? Тука не зборуваме за квалитетот на знаењето, туку за сѐ помалата бројка ученици. Mинистерката за образование, Весна Јаневска, која на собраниската седница за пратенички прашања рече дека во последните 20 години бројот на ученици се намалил за 28 отсто, додека во исто време бројот на наставници се зголемил за 48 отсто.

Единствената добра работа во овој диспаритет на бројки е тоа што на овој начин, на еден наставник доаѓа помал број ученици, па ќе може да се обрне поголемо внимание на секој еден ученик. Но, министерката, исто така, веќе две години од нејзиниот мандат инсистира училиштата со мал број ученици, особено оние од руралните средини, па и помали гратчиња низ Македонија, да се затворат, а учениците да се превезуваат во следниот поголем град. Тоа го правда со можноста за социјализација и учење во средина во која има подобра инфраструктура, повеќе ресурси, учебни средства, а второстепена, според неа, е заштедата што ќе ја направат општините и министерството…

По оваа логика беше затворена и гимназијата во Пехчево, а средношколците учат во беровската гимназија. Министерката вели и дека во стотина македонски училишта учат помалку од пет деца, па оптимизацијата на образовниот систем сигурно ќе ги опфати нив, односно тоа ќе значи дека веќе од овој септември таму нема да се огласи училишното ѕвонче, а децата своето образование ќе го продолжат во некое од соседните поголеми села или градови. И покрај масовното затворање училишта (училиштето во селото Вељуса настава ќе има само до петто одделение, додека учениците од погорните одделенија ќе патуваат во Струмица) надлежните уверуваат дека отпуштање на наставници и професори нема да има, туку тие ќе бидат прераспределени таму каде ќе има слободни места. Дополнително, се надеваат да им помогне и природното намалување на наставниците преку пензионирање.

Решение за наставниците, МОН изнајде и преку можноста наставниците да се промовираат во ментори, за што им се зголемува и платата. А што и кого ќе менторираат е во сивата зона на поединечните пориви да си ја заработат повисоката плата, а и не мораат. На дел од наставниците кои ќе се покажат како вишок ќе им биде понудено да станат образовни асистенти – профил што постојано фали во државава – но, не е појаснето што ако одбијат. Веројатно како и до сега, креативно ќе се смислуваат изборни предмети, кои се сѐ само не изборни, затоа што не ги бираат учениците, туку им ги налага училиштето, за да се пополни фондот на часови на наставникот и тој да остане на работа, а оценките за овие предмети секогаш се петки. Овде се крие уште една опасност, затоа што предвидено е оние наставници кои останале без ученици, со нивна согласност да бидат ангажирани како образовни асистенти во период од една година. Што по таа една година?

Овој тренд, по основното се префрла и во средното образование, а најфрапантен пример е тој со земјоделската струка во „Кузман Шапкарев“ од Битола, каде не само годинава кога се запишале само тројца ученици, кои пак сега ќе мора да продолжат на некоја друга струка, туку со години наназад оваа струка има по 5-6 ученици. Битола е дел од Пелагонија – најголемата житница во Македонија, а младите не успеваме да ги заинтересираме за можностите во земјоделството, да осмислуваат начини за поголемо и подобро производство, да помогнат на својот регион да стане уште попродуктивен?! Министерката за оваа состојба ги најде виновни наставниците, кои не се потрудиле да ја промовираат струката за да привлечат поголем број ученици во своето училиште.

Уште подраматичен е фактот годинава 14.587 ученици полагаа матура, а само на државните универзитети во земјава објавени се конкурси за околу 19.700 места за студенти, од кои само на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ 9.719. Сите средношколци да се запишат на државните факултети во Македонија, повторно 5.000 места ќе останат празни. А каде се приватните факултети, каде е студирањето во странство… Секако, знаеме дека невозможно е сите средношколци да посакаат да го продолжат образованието, а и да сакаат, очигледно можат. Која би била оправданоста од постоењето насоки, па и цели факултети, ако на нив не студира ниту еден студент. И универзитетските професори ли ќе бидат одговорни ако на некоја насока не се запишуваат студенти, затоа што тие доволно не ја испромовирале? Ако тие станат вишок, поради немање студенти, ќе бидат ли и тие понудени да станат образовни асистенти?

И конечно, ако го знаат сето ова нашите идни студенти, зошто би се запишувале на педагошките академии, или на наставните насоки на стручните факултети? Само за еден ден да станат вишок и некои идни министри да смислуваат акробации за тие да се вработат или да останат на работа? Што со оние кои веќе се на крај со студиите токму на овие насоки?

Засега, тивко и под линија поминува информацијата дека за дел од наставниците и професорите вработени на определено време, не се дозволува трансформација на работните места, иако ги исполнуваат условите да се трансформира нивниот работен однос од определено на неопределено. Ќе станат ли и тие асистенти на една година или ќе се чека самостојно да се преквалификуваат во некоја друга професија што можеби нема да има никаква врска со образование.

Џабе силните промени во образованието што со месеци се дискутираат, а токму денеска два од образовните закони се на пленарна собраниска седница, ако навистина не се преземат мерки за задржување на децата во земјава и за поттикување на наталитетот. Џабе ќе бидат и промените во високото образование и борбата наш универзитет да се појави на некоја од фамозните листи за најдобри факултети во светот. Џабе и вложувањата во нови и реновирани училишни и факултетски згради, џабе реновирани студентски домови…

Ни зголемувањето на платите за наставниците и професорите, со кои и премиерот и министерката (по игра на случај и двајцата професори) се фалат последниве две години, нема да ни го оправат образованието, ако учителите влезат во празни училници.