Со линеарните зголемувања пензионерите беа излажани, со методологијата на СДСМ ќе добиеја повеќе пари, вели Филипче


Фото: Б. Грданоски

Пензионерите беа излажани од Мицкоски и ВМРО, со методологијата на СДСМ ќе добиеја повеќе пари доколку останеше усогласувањето на пензиите, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.

„Со последните линеарни зголемувања на пензиите во септември 2025 година и во март 2026 година од по 1.000 денари, вкупниот број на пензионери во државата изгубија пари, односно беа украдени од оваа власт. Доколку останеше методологијата којашто ја воведе Владата на СДСМ, пензионерите ќе добиеа многу повеќе пари“, истакна Филипче.

При усогласувањето во септември 2025 година, пензионерите со најниска пензија би добиле 1.280 денари, додека пензионерите во повисоките категории би добиле помеѓу 1.550 и 3.100 денари, односно во просек околу 2.000 денари.

„Во март 2026 година повторно линеарно зголемување од 1.000 денари во сите категории. Сите тогаш 347.296 пензионери повторно изгубиле пари, односно биле украдени од оваа власт. Доколку останеше методологијата, тогаш во последното зголемување пензионерите би добиле помеѓу 1.500 и 1.800 денари“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека со линеарниот модел Владата ги оштетила сите пензионери.

„Луѓето коишто плаќале повеќе придонеси се прашуваат зошто им е скратено правото да добијат повеќе пари преку пензиите. Но не само тие, едноставно и луѓето со најниски примања, пензионерите со најниски пензии се скратени, односно парите им се украдени“, истакна Филипче.

Тој порача дека пензионерите кои цел живот работеле и придонесувале за државата заслужуваат достоинствен живот и фер пензиски систем, а не, како што рече, „лаги и помалку пари“.

„Луѓето кои цел живот работеле, граделе и придонесувале за оваа држава, а коишто сега заслужуваат и почит и достоинствена пензија, едноставно се соочени со лаги и со помалку пари“, порача Филипче.