„Ma људи моји, јели то могуће? Лудница, шта је ово?“ 


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Партизација на секоја институција во државата и секое работно место, на општествениот систем воопшто, нужно ја укина професионалноста и стручноста, континуитетот во работењето на државните институции

 

„Ма људи моји, јели то могуће? Лудница, шта је ово?“, ечеше етерот од гласот на Младен Делиќ во мигот кога Бугарите ги наведнаа главите и како многупати во историјата се вратија од каде што дошле, поразени на терен кој не е нивен во игра која помалку ја знаеа од нас. Верувам дека и денес, да е жив, Младен Делиќ би го извикувал истото гледајќи не како се однесуваме, функционираме и до каде сме дошле.

Ма луѓе можно ли е ова? Лудница, што е ова? – ечи секое македонско утро веќе триесетина години. Од земја со стандарди и ред станавме земја на безредие и лоповлук, земја на импровизации, правни лакрдии, политикантска циркузијада, барокна фасада и некадарна раководна плејада. Од фабрики гиганти кои произведуваа речеси сѐ, од игла до локомотива, и вработуваа илјадници луѓе направивме „загубари“ и ги подаривме производните капацитети на поединци за да станат феудални поседи кои повторно проработеа ама го полнеа приватниот џеб наместо буџетот.

Илјадници останаа без работа а малкумина „среќни“ се вратија на работа за мизерна плата. Градежните претпријатија кои градеа секаде низ светот, од патишта и мостови, до згради и болници, едноставно ги изеде „транзицијата“, па сме принудени нашите патишта да ги изведува некаква си странска фирма која не е кадарна ни километар пат да направи, а да нема проблем со пропаѓање на асфалтот, одрони, свлечиште. Рафинерија, ЕВН и мобилните оператори ги продадовме за малку пари во државниот буџет и многу пари на приватните сметки.

Ма можно ли е ова луѓе извикуваме сите кога некој од лидерите на политичките партии кои се менуваат на власт ќе почне да добива „спасоносни„ и „визионерски“ идеи и нив да ги преточува во „мудри“ одлуки. Таквите идеи нѐ чинеа многу скапо во минатото и допрва ќе нѐ чинат уште поскапо во иднината. Не е ни чудо што е така затоа што последните триесет години политичкиот кадар е необразован, волунтаристички, без ден стаж и подготовка за високите позиции на кои седнуваат по освојувањето на власта.  Најчесто на државните функции седнуваат директно од партиските фотелји без притоа да имаат знаење, умеење и вештини за управување со државата. Партизација на секоја институција во државата и секое работно место, на општествениот систем воопшто, нужно ја укина професионалноста и стручноста, континуитетот во работењето на државните институции, знаењтое и успехот во работата како критериуми за напредување, а наместо нив ги наметна партиската припадност и книшка и послушноста кон лидерот на партијата како критериум и мерило за вработување и напредување. По истиот принцип се добиваат и тендерите, субвенциите, проектите… На ист начин се избираат и амбасадори, директори, министри, заменици, секретари, советници и како тргнало ќе почнат да се бираат по истиот принцип и молери, пекари, апотекари.
На истиот начин се лекуваат луѓето, се образоваат децата, се претставува државата, се суди и пресудува.

Ма луѓе можно ли е ова, лудница, што е ова – помислува секој од нас кога ќе ги прочита или слушне секојдневните афери на поединците од власта или опозицијата која до вчера била власт, а според досегашното искуство и утре ќе биде власт. Ниту еден од трите столба на власта не е без афери и состојба на „лудница“. Едни делат тендери, други вработуваат сѐ по список, роднински или партиски, цути корупцијата, се граба сѐ што може да се грабне, се присвојува и секогаш ветува со исти празни излитени зборови во кој доминира зборчето „ќе“. Ќе го реформираме судството, ќе го евалуираме, ќе го проветриме, ќе го… И сѐ уште го… судството како и многу други работи.

Сѐ уште го поставуваме бројчаникот, сѐ уште се на почеток без пресуда предметите на некогашното СЈО, сѐ уште партијата и државата се исто, сѐ уште извршната власт ги влече конците во судството, сѐ уште пратениците се безгласни „два прста“, сѐ уште партиската книшка или националната припадност е услов за работа и привилегии, сѐ уште демократијата е волја на мнозинството само со амин на малцинството, сѐ уште се прашуваме ма луѓе можно ли е ова, а не преземаме ништо да престане животот да ни биде „лудница“.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)