Локални непартиски избори!

Лидерите на сите политички партии се ставаат во улога на промотори на кандидати за локални советници и градоначници! На тој начин тие стануваат нивни локални  клонови


Тековните предизборни активности ја отвараат темата за политичката смисла и функција на локалните изори. На ова најконкретно ме наведе одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) да ги остави безимени граѓанските иницијативи кои поднеле независни листи за локалните избори. Имено, според одлуката на ДИК, на гласачките ливчиња нема да стојат имињата на политичките субјекти кои ги составиле и кои ги промовираат тие листи. Наместо тоа ќе се користи општата ознака „група избирачи“ дополнета со личното име на носителот на листата.

Ова решение, независно од неговата законска изржаност или неиздржаност ме тера да размислувам како би било на гласачките ливчиња да нема имиња на ниту една од политичките партии или партиските коалиции кои стојат зад листите туку само имињата на нивните носители. Како би било и дали се можни непартиски локални избори?

Оваа помисла не е без историска основа. Многу одамна во понапреднатите земји се испитувани можностите и се градени модели за т.н. непартиско гласање, особено за локалните избори. И денес, многу градови и села во светот, на пример, во Канада, Швајцарија, имаат управи кои се избрани на непартиски избори. Секако, граѓаните знаат какви се партиските ориентации и припадности на кандидатите. Но, париите како такви не се присутни во предизборните кампањи, а уште помалку во тековното функционирање и одлучување на советниците или градоначалниците.

Основната идеја на која се потпира концептот за непартиски локални избори е дека иако локалните прашања и потреби се, секако, политички, тие не се и не треба да се прават национални теми и прашања. На локалните избори, на пример, не се решава кој ќе биде шеф на државата, како што тоа кај нас го посакува лидерот на ДУИ, ниту каква ќе биде меѓународната политика на земјата.  Локалните избори се за решавање на локални прашања и потреби.

Да потсетиме: Уставно и законски, локалните избори се избори за пополнување на претставничките и извршните позиции во единците на локалната самоуправа. Да повторам – на локалната самоуправа. Значи не за пополнување на претставничките и извршните функции во државниот апарат туку во апаратот на локалната самоуправа. И едната (државната) и другата (локалната) управа се облици на јавна, што ќе рече, на политичка власт. Но, дали тоа, само по себе, значи дека тие, по дефиниција, се работа на политичките партии? Би рекол не. Во прилог на ова тврдење овде посочувам на идеите за непартиски избори. Сознанија за непартиските избори вредат да бидат истакнати токму сега и овде во екот на тековната предизборна кампања.

Тезата на овој концепт е дека нема вмровски или сдсмовски асфалт, канализација или училиште. Општината или има или нема асфалтирани патишта и улици, функционална инфраструктура и училишта. Застапниците на концептот непартиски локални избори докажуваат дека по својата природа барањата кои се поставуваат пред локалните власти не се идеолошки и како такви не генерираат партиска политика. Обратно од тоа, кај нас сведочиме за исклучително силен степен на партизација на локалните прашања кај нас. Иако тие не се по природа идеолошки и политички, тоа стануваат под влијание на политиките на партиските водства. Партиски регрутирани државни функционери ги стават на страна обврските од преземените функции – премиер, министер, пратеник и сл, и се вклучуваат со сите сили во предизборната кампања за локалните избори? При тоа, користат не само свои сили, туку најчесто тие во функција на локалните избори ставаат и држави ресурси кои не ги плаќаат партиите туку сите граѓани..

Лидерите на сите политички партии се ставаат во улога на промотори на кандидати за локални советници и градоначници! На тој начин тие стануваат нивни локални  клонови. Со нивна помош, понатаму, се довршува процесот на колонизација на целокупниот јавен простор и ставање под партиска капа на сите јавни власти. Локалните избори се претвораат во еден вид референдум за успешноста на партиите. Таа нива фукционалност во однос на потребите на националните партиски водства се покажува како поважна во однос на потребите на локалните граѓани.

Еволуцијата на локалните избори во оваа насока е последица на поширокиот процес на подржавување на локалната самоупрва. Наместо најавуваната децентрализација државната власт и јакнење на локалната самоуправа имаме процес на централизација на одлучувањето. Движечки фактори на тој процес се токму политичките партии. Партиите ги водат не само локалните избори туку и лично кандидатите за градоначалници и советници. Партиските лидери сега се нивни усти, а утре, ако победат тие ќе бидат нивни маши, а не раце на граѓаните.

Според моето разбирање на причините на овие процеси проблемот е колку политички толку и правен. Секако, во крајна линија и постојните правни или законски решенија се резултат на политички одлуки. Но, од аспект на потребата од промена на ваквите состојби важно е да се нагласи дека постојните законски решенија за локалните избори ги повикуваат партиите да ја играат изборната игра така како што ја играат.  На пример, постојното решение дека изборите за градоначалник и за советници го донесува претседателот на Собранието на Републиката  или решението дека локалните избори „се одржуваат… истовремено во сите општини, во втората половина на март“! Зошто? Дали овие и слични на нив законски решенија соодветствуваат на самоуправниот карактер на локалната власт или повеќе се само локални реплики на националните, државните избори?

(Ило Трајковски е универзитетски професор)