Литванија прогласи зона забранета за летови на границата со Белорусија

Литванија прогласи зона забранета за летови во близина на границата со Белорусија до 1 октомври поради дроновите кои навлегуваат од соседната држава.
– Одлуката е донесена поради безбедносната ситуација и заканите по општеството, вклучително и опасноста за цивилното воздухопловство поради нарушување на воздушниот простор од страна на беспилотни летала, изјави портпаролот на литванското Министерство за одбрана.
Тој додаде дека зоната на забрането летање ќе им овозможи на вооружените сили на Литванија побрзо да реагираат на нарушувања на воздушниот простор. Но, тој не прецизира каде точно ќе се применува забраната на 679 километри долгата граница помеѓу Литванија и Белорусија.
Одлуката на Литванија уследи откако вчера на полска територија се урна руски дрон кој најверојатно пристигнал од Белорусија.