Линдон Џонсон и Екатерина Захариева


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

После интервјуа како ова на Захариева за „Велт“ тешко може да се најде клуч за отворање на вратите за идни преговори. Работите веќе се целосно излезени од шините и композицијата се тркала во бездната; односите меѓу Бугарија и Македонија сега изгледаат уште полошо од пред два месеци

 

Една од најпознатите анегдоти во американската политика, па дури претворена во мит, е поврзана со Линдон Џонсон, човекот што стана претседател на САД по убиството на Џон Кенеди. Оваа анегдота за употребата на валкани трикови во политиката оди вака:

За време на една од неговите рани кампањи за конгресмен во 1950-тите, тексашанинот Џонсон заостанувал во анкетите зад неговиот конкурент. Тогаш тој му рекол на еден од неговите помошници да рашири приказна за ривалот дека има секс со свињи. Помошникот одговорил: „Исусе, Линдон, ние не можеме да го наречеме човекот ебач на свињи. Тоа не е вистина“. На тоа Џонсон одговорил: „Се разбира дека не е вистина, но јас сакам овој кучкин син да го негира тоа“. 

Тврдењата на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во интервјуто за германски „Велт“ ја имаат токму таа платформа – исфрли невистина, а потоа опоненентите нека ја негираат. Захариева во стилот дека вади кец од ракавот (откако во истиот весник ден порано германскиот министер за Европа, Михаил Рот, во колумна напиша дека Бугарија го држи во заложништво проширувањето на ЕУ) се обиде да поентира споменувајќи бројка од која на сите може да им се заврти умот во главата. Таа тврди дека Тито (еден од „најмрачните диктатори“, како што вели) за десет години убил 1,7 милиони луѓе во Југославија. Тоа е слично на легендата со свињите како да се разбие противникот. Сега историчарите во Македонија и во другите поранешни републики треба да почнат да го негираат тоа и да докажуваат дека ова се бесмислици.

Секако дека се бесмислици. Како што беа бесмислици и тврдењата дојдени од Софија од пред месец-два дека во Македонија по Втората светска биле убиени 20.000 луѓе поради нивното бугарско чувство и дека стотина илјади луѓе лежеле по затворите.

Политиката прави одредени нејзини актери да изгледаат сѐ посмешно и посмешно. Па, колку и да се бесмислени, некогаш нивните тврдења треба и да се демантираат. Според тврдењата на Захариева, во Југославија по војната биле убиени повеќе луѓе отколку за време на четирите години окупација, партизанското движење, германските офанзиви, конц-логорите во Јасеновац или Белградско сајмиште, истребувањето на Евреите, масовните стрелања како во Крагуевац, стотиците и стотиците илјади цивилни жртви…

Во Југославија во 1945 година живееја 15 милиони луѓе. Во 1955 година, според статистичките податоци, нивната бројка порасна на 17,5 милиони. Ако ги додадеме убиените што се обидува Захариева да ги натури како измислена бројка, тогаш во 1955 година Југославија би требало да има население од 19,2 милиони. Тоа би била стапка на наталитет незабележна во светски размери.

Потоа таа тврди дека во изминативе десет години 88.450 лица од Македонија добиле бугарско државјанство, наведувајќи ја причината дека имале бугарски корени. Министерката за правда на Бугарија, Десислава Ахладова, минатата недела на седница на Собранието (на која присуствуваше и Захариева) соопшти дека во изминативе 10 години биле поднесени 77.829 барања за бугарско државјанство од македонски граѓани, а бугарски пасош добиле 65.675 од нив. Која од нив двете е во право, затоа што бројките се разликуваат за 23 илјади.

Захариева вели дека сега не била многу популарна во Скопје заради нејзините остри зборови и поради тоа што го осудила наводното одбележување на 40-годишнината од смртта на Тито и ослободувањето на главниот град за време на Втората светска војна. Па дури во една затрашувачка аналогија на германскиот новинар ќе му предочи што би значело кога Берлин би ја славел годишнината од смртта на Хитлер.

Работите веќе се целосно излезени од шините и композицијата се тркала во бездната. Најлошата работа е што од Бугарија во оваа веќе студена војна меѓу двете земји стартуваше една идеолошка крстоносна канонада. Никој од Македонија не споменал сите овие години кого треба бугарската држава да го слави, на кого треба да му припише заслуги и кого да го осуди. Тоа би било глупаво и непринципиелно мешање во внатрешните работи.

Тогаш, од каде е правото на Захариева (а и на Андреј Ковачев со истата жестина) да ги толкуваат историските настани во Југославија, да им даваат идеологија на нив, да даваат конечни судови за Тито, АСНОМ, партизанската борба, окупацијата. Југословенските народи веќе го одредија местото на Тито и во Втората светска војна, и неговата огромна улога во победата над нацистите, и во годините по неа, па сега Захаривеа нема никакво право со лажни тврдења и со некава измислена супериорност за наводната вистина да дава судови за југословенската историја. Не како историчар, туку како политичар. Дали сега треба и на српските власти да им каже дека мора да ја затворат и Куќата на цвеќето, каде што е погребан Тито, која е едно од најпосетуваните туристички места во Белград ако сакаат нивната држава да напредува кон ЕУ. Измислици и бесмислици.

Ако Тито убил 1,7 милиони луѓе тогаш зошто цел свет се собра на неговиот погреб во Белград – 160 шефови на држави и влади. Таков светски самит (па макар бил и на погреб) во Софија ниту се одржал ниту ќе се одржи. Веројатно дека никаде веќе и нема да се одржи, затоа овој свет веќе не е истиот ниту пак ќе има човек како Тито (без оглед на сите негови грешки) кој може да биде мост меѓу идеолошките светови во поделената планета. Тоа беа други времиња.

После вакви интервјуа тешко може да се најде клуч за отворање на вратите за идни преговори (во основа, именувањето на специјалниот претставник е и добар потег, да не одат македонските министри постојано на некаков аџилак за простување во Софија). И ако сака Захариева да се држи до пораката во интервјуто – „Не правете толку врева, не давајте десет пати дневно интервјуа за сите медиуми“ – таа самата треба да го намали овој интензитет по безбројните изјави речиси секој ден. Во Македонија сега едвај може да се случи да има едно интервју неделно на некој функционер, а не десет дневно.

Работите во односите меѓу Бугарија и Македонија сега изгледаат уште полошо од пред два месеци. И ако треба некој да ја олади оваа жештина, тоа во најголема мерка е Софија. Но оттаму, очигледно, немаат намера да го направат тоа (како изјавата за „инаетењето на магарињата на мост“). Причината веројатно би требало да ја знаат политичарите во Софија. Ако навистина ја знаат и ако навистина знаат што сакаат да постигнат.