Лигата на нациите ќе има три лиги


Извршниот комитет на УЕФА на состанокот во Истанбул донесе неколку важни одлуки пред сè за машките репрезентативни натпреварувања од 2028 година. По многуте анализи на постоечките системи потврден е новиот систем, кој ќе стапи на сила по Европското првенство во 2028 година.

Лигата на нациите од сезоната 2028/29 нема да има четири лиги, туку три лиги со по 18 репрезентации. Секоја лига ќе биде поделена во три групи по шест репрезентации, а секоја репрезентација ќе игра по шест натпревари со различни ривали. Во лигата Ц поради тоа што има 55 селекции ќе има една група со седум репрезентации.

Четвртфиналето, „фајнл-форот“, како и баражите за промоција и испаѓање остануваат непроменети.

Промени ќе има и во квалификациите за Европското првенство. Таму ќе има двостепен систем. Лига 1 во која ќе бидат 36 репрезентации од А и Б Лигата на нациите. Во Лига 2 ќе бидат преостанатите 18 или 19 репрезентативци.

Во Лига 1 ќе бидат три групи по 12 репрезентации, а репрезентациите ќе играат шест натпревари против шест различни противници, нешто налик на УЕФА клупските натпреварувања. Најдобро пласираните селекции од Лига 1 директно ќе се пласираат на завршниот турнир, додека другите места ќе бидат пополнети низ бараж дуели и со Лигата 2. Домаќините на шампионатите, иако автоматски ќе бидат пласирани ќе настапуваат заради позиција во Лигата на Нациите.

„Новиот формат ќе го подобри натпреварувањето, ќе го намали број на неважни натпревари и ќе го направи натпреварувањето поинтересно за навивачите, без дополнителни термини во меѓународниот календар“, изјави претседателот на УЕФА Александар Чеферин.