Кој ќе го замени Гвардиола во Сити
Пеп Гвардиола, еден од најголемите менаџери во историјата на англискиот фудбал, ќе се повлече од функцијата менаџер на Манчестер Сити на крајот од сезоната, по последниот натпревар од Премиер лигата против Астон Вила. Гвардиола со тоа ќе заврши магичен десетгодишен период на „Етихад“, во кој освои 20 трофеи и го претвори Сити во еден од водечките светски клубови.
55-годишниот стручњак го предводеше Сити до шест титули во англискиот шампионат, вклучувајќи неверојатни четири по ред, а исто така му ја донесе на клубот првата, историска титула победник во Лигата на шампионите. Според извештаите, клубот веќе почнал да ги информира своите спонзорски партнери дека објавувањето на заминувањето на Гвардиола е неизбежно. Веста беше и јавна тајна меѓу луѓето блиски до каталонскиот тренер.
Познат е и наследникот
Веќе е познато кој ќе го наследи Гвардиола во Сити. Тоа ќе биде поранешниот тренер на Челзи, Енцо Мареска, според најпознатите светски инсајдери. Мареска се враќа во Сити, откако претходно беше дел од тренерскиот штаб на Гвардиола, па затоа го познава клубот и филозофијата на игра на Сити.
Мареска беше отпуштен од Челзи за време на преговорите со Сити минатата зима. Англиските медиуми пишуваа дека Мареска му замерил на управниот одбор на Челзи за преговорите и дека веќе ја прифатил понудата од Сити, кој ќе го води од следната сезона.